Ѓорги Галетановски, урбан скопски лик кој беше поставен за директор на Зоолошката градина Скопје во јуни 2018 во мандатот на екс градоначалникот Петре Шилегов, и кој за три и пол години ја направи градината институција со која се гордееше Скопје, но и Македонија, за „Фокус“ ги коментира последните случувања и скандали кои моментално ја оставија Зоолошката со затворени врати.
Птичји грип, угинати ретки видови на животни, изгубен кандидатски статус во Европската асоцијација на зоолошки градини (ЕАЗА), труење на трите пржевалски коњи кои се загрозен вид, со разорен отров, но и неоткривање на сторителот, кланица на коњи, и низа на немили настани се случуваат во Скопје ЗОО во изминатите години, односно од декември 2021 година, кога Галетановски даде оставка од функцијата.
Причина за неговото заминување беше незаинтересираноста за соработка и игнорирање на неговите барања за работни средби со градоначалничката Данела Арсовска, а во меѓувреме се сменија дури тројца директори на институцијата.
Сепак, и по три години, Галетановски останува запаметен во јавноста по позитивните случувања кои го одбележаа неговото директорување. Беа донесени голем број животни и направени нови живеалишта. Жители на Зоолошката станаа слониците Дуња и Даела, од рехабилитација во Холандија се врати шимпанзото Коко, градината за првпат доби пингвини и фламинга, а беше изграден и Дино-паркот.
Во негово време Зоолошката имаше рекордна посетеност од 18.000 граѓани за викенд и доби кандидатски статус во ЕАЗА.
– ЗОО Скопје во наредните три недели останува со затворени врати поради појавата на Птичји грип. Кога се обелодени веста за случувањата, актуелниот директор на Зоолошката, Зоран Попов не одговараше на новинарски повици и прашања, јавноста бараше одговори, а вие помеѓу првите дадовте одговор и појаснивте што се случува во градината. Како поранешен директор на установата, како гледате на сето ова со кое денес се соочува Зоолошката?
– Јас прочитав на некој од нашите медиуми, мислам дека беше Мета, а претходно ми се јавија неколку посетители, меѓу кои и мои блиски пријатели, кои ми кажаа дека Зоолошката е затворена за посетители, што е невообичаено за сабота, кога обично има најмногу посетители.
Ми се јавија и двајца-тројца колеги, кои ми потврдија дека е затворена и дека пронашле некаков вирус. Првин напишав дека станува збор за бактерија, но потоа дознав дека е вирус и дека се сомневаат на птичји грип.
Не сакав да ја испаничам јавноста, тоа не ми беше намерата, но објавив на Фејсбук.
Кога отидов да проверам што се случува пред Зоолошката, веќе затекнав новинари од телевизија и луѓе кои веднаш беа евакуирани. Дел од тие новинари ми се пријатели и ги познавам, дел не, но ми кажаа дека никако не можат да го добијат директорот Зоран Попов, не им одговара на телефонските повици.
Јас сум човек кој, и кога бев директор, никогаш не ми се случило во животот да не се јавам дали на медиум, новинар или на вработен во Зоолошката, а ниту сега како поранешен директор на таа институција, ниту пак, воопшто во овој живот.
Дадов изјава за тоа што го знам, го објаснив, и им кажав дека веќе е пронајден вирус на птичји грип, дека не треба да се шири паника, дека има екипи на терен, посетителите се евакуирани, дека заразените животни ќе бидат еутанизирани, и дека се чекаат резултати.
Апелирав да не се шири паника. Она што најмногу ме погоди и изнервира е тоа што, во таков проблем и во ситуација кога на вработените мора некој да им даде наредба и да биде со нив, директорот не смее да си дозволи да не биде присутен ниту за нив, ниту за јавноста. Тој мора да ги заштити вработените.
Одговорноста е огромна кога работиш во институција каде што се вработени над 60 луѓе и се грижиш за живи суштества, така што мора да бидеш секогаш достапен и за јавноста, и за колегите, и за сите.
Транспарентноста на Зоолошката градина во мое време секогаш беше на прво место, така научив и од колегите, и од сите околу мене. За жал, сега е претворена во една црна кутија во која никој не може да знае што се случува внатре, а за жал, очигледно е дека нема никаква организација.
– Како ја коментирате реакцијата на АХВ (пред камера се фрлаа се уште живи птици во канти за ѓубре) и затворањето на ЗОО Скопје на 21 ден?
– Реакцијата на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) веројатно е по протоколи и морале така да постапат. Времетраењето на затворањето на Зоолошката градина, 27 дена, мислам дека е предолго, бидејќи сепак вирусот беше пронајден кај еден примерок, кај една птица, а нема заболени меѓу вработените во Зоолошката.
Да, можеби вирусот е заразен за животните, но според Институтот за јавно здравје, тежок е преносот кај луѓето. Мислам дека би требало да го скратат овој период, бидејќи 27 дена се многу.
Дали биле прекршени протоколите во реакцијата, не можам да кажам со сигурност, не сум стручен за тоа, но се надевам дека ќе го скратат времето на затворање. Она што мене ме плаши е сведочењето на некои од вработените кои ми кажаа дека две години Зоолошката не е дезинфицирана, немало дезинфекција и дератизација. Тој факт ме загрижува во контекст на појавата на нови зарази.
– Често изјавувате се дека се залагате и ќе се залагате за деполитизирање институции, а и вие сте член на политичка опција, односно бевте кадар на градоначалникот Петре Шилегов од СДСМ. Може ли добро да се менаџира една институција во денешно време и да се тргнат партиските раце од неа?
– Секој кој е функционер во која било институција доаѓа од некоја политичка партија. Да, јас сум член на политичка партија, но големината на секој што се занимава со политика, според мене, би била во тоа да деполитизира што повеќе такви институции, бидејќи мислам дека тоа е правилно за развојот на младината во нашата држава.
Јас, на пример, потекнувам од работничко семејство. Се борев сам од мои 18 години. Мислам дека тоа е правилниот пат за секое дете и секој млад човек — да се бори за своите права. И без разлика од која политичка партија доаѓа некој што работи во вакви институции, треба да се заборави на политиката.
Во моментот кога ме назначија, за време на мојот тригодишен мандат, никогаш не помислив да вработувам луѓе врз основа на политичка припадност. Вработував луѓе без политичка определеност и во институцијата забранив да се зборува за политика.
– Добивте голема поддршка да се вратите на чело на ЗОО Скопје и од јавноста и од медиумите. Што се случи со огласот на кој конкуриравте за директор на институцијата, а кој беше објавен пред повеќе месеци?
– Така е и бескрајно сум благодарен и на јавноста, и на медиумите, и на моите колеги. Тие секогаш ја имаат мојата поддршка. Свесен сум за моменталната ситуација во Зоолошката градина и искрено сум на два ума дали би се вратил таму. Огласот колку што знам е се уште отворен, но тоа не е важно дали ќе сум јас или друг.
Јас секогаш ќе бидам тука за да помогнам и на институцијата и на моите поранешни колеги, без разлика на сè. Сепак, најважно е таму да застане човек кој ќе води со љубов и емпатија и кој ќе им даде до знаење и на градоначалникот, и на советот, дека секоја одлука која е за доброто на институцијата и на вработените, мора да биде одобрена и спроведена.
– На почетокот на вашиот директорски мандат владееше еден вид на скептицизам во јавноста, но за краток период ги демантиравте сомнежите и покажавте одлични менаџерски способности, а градината бележеше голем напредок. Со искуството кое го стекнавте патем, дали би се кандидирале за градоначалник на Скопје како независен кандидат и кои работи најпрвин би ги направиле доколку станете прв човек на градот?
– Хмм… не, бидејќи се уште во нашето општество не е можно некој да стане градоначалник и да застане на чело на град без партиска поддршка. Но, ако би се кандидирал и би бил избран, знам на што би се посветил. Првите три работи кои би ги направил би биле:
1. Решавање на проблемот со уличните кучиња и носење строги закони за заштита на животните
2. Итна Забрана за градење по централното градско подрачје и изработка на план за градење во околината на Скопје
3. Стратегија и план за враќање на социјалниот живот и како младите да престанат да се иселуваат од Скопје.
Вики Клинчарова