Интервју со Габриела Илиевска „Ќе ставам крај на партиските вработувања во Општина Битола“

by irena 13:04
13:04

Габриела Илиевска од независната граѓанска иницијатива „Поинаку“ и актуелна претседателка на Советот на Општина Битола е првата жена независна кандидатка за градоначалничка на Битола.  Илиевска ќе ја води битката за градоначалничката функција со осум кандидати за градоначалник на Општина Битола на претстојните локални избори во најголемата пелагониска општина.

Во најавата на кандидатурата за градоначалник Илиевска ги повика сите битолчани да ја поддржат за градоначалник и да се приклучат кон поширок фронт против 30-годишното запоставување на градот.  Илиевска рече дека за разлика од политичките партии, таа како независна кандидатка нема пари за кампања и маркетинг, но тоа нема да ја спречи во борбата.

Во изминатите години таа помина три советнички мандати во Советот на Општина Битола. На почетокот како советничка од ВМРО-Народна партија, а во последните два мандата како незaвисна од граѓанската иницијатива „Поинаку“. Заедно со колегите советници од Поинаку во мандатот што изминува без влакна на јазикот во Советот ги критикуваа состојбите со менаџирањето на општината и со комуналните претпријатија.

ФОКУС: Кои се вашите главни цели за Битола, што прво ќе промените ако ја добиете шансата да го водите градот во следните 4 години?

ИЛИЕВСКА: Чиста, функционална и непартиска Битола се главните цели за кои се залагав и на чија реализација ќе работам од првиот ден. Во Општина Битола неопходно е да се воведе современо управување со отпадот, како и систем за правилна селекција на истиот во секое домаќинство, но морам да нагласам дека сум против изградба на регионална депонија за 18 општини. Во насока на чиста Општина потребно ни е и многу ново зеленило, но и одржување на истото.

Ќе ставам крај на партиските вработувања со транспарентни и правични јавни огласи на кои ќе бидат избрани најквалитетните кандидати. Кога струката ќе биде вреднувана повеќе од партиската припадност ќе имаме поквалитетно, навремено и професионално извршување на работата, што ќе придонесе кон администрација и јавни претпријатија во служба на граѓаните, како што и всушност треба да бидат.

ФОКУС: Граѓаните преку мирни протести во последниве две години им пратија јасна порака на политичарите дека животната средина е најважниот сегмент од секојдневното урбано живеење. Колку високо е зелената агенда во вашата програма?

ИЛИЕВСКА: Како што веќе потенцирав, чиста и здрава животна средина е токму еден од приоритетите на кој ќе работиме од првиот ден. Тоа е еден од најсериозните проблеми со кои се соочуваме во изминатите години, но за жал досега никој не се зафатил сериозно со решавање на овој проблем. Решенијата ги знаеме сите, можеме и да користиме искуства од други држави, како појдовни точки би ги издвоила контрола и санкционирање на загадувачите, редовно одржување на јавната хигиена, многу ново зеленило.

ФОКУС: Како ќе се борите со урбаните градежни моќници, со оглед на тоа немало досега локална власт која не им била наклонета?

ИЛИЕВСКА: Ние како општество имаме еден генерален проблем на непочитување на закони и правила, ние сме стигнати до степен да секој кој има “врски” може да прави што сака и за жал тоа веќе одамна се прави јавно, без срам, морал и без грам совест за евентуални последици. Јавни, транспарентни постапки, кои се согласно закони, прописи и урбанистичките планови ќе бидат единствениот начин да се добие градежна дозвола.

ФОКУС: Многу ветувања за Пелистер кој досега требаше да прерасне во регионален ски-центар со оглед на местоположбата, ама освен препукувања меѓу партиите не видовме ништо. Што би промениле вие, каков потенцијал има Пелистер и какво значење за Битола?

ИЛИЕВСКА: Пелистер е основата за развој на туризмот во Битола и околината, а добро развиен туризам може да биде основен и најголем економски двигател на нашата Општина. Веќе 3 години како Поинаку се залагаме за реализација на проектот за изградба на гондола на Пелистер, предлог проект на колегата Чулакоски кој обезбеди и размена на искуства со Општина Чајетина каде функционира ваква гондола, до експерти од Словенија, Франција и Србија кои би ја подготвиле цела потребна документација и набавка на самата гондола. Покрај гондолата како најзначаен проект за развој на туризмот на Пелистер, ќе ја споменам реализацијата на проектот за реконструкција на Планинарскиот дом Копанки, сметам дека потребна е подобрена инфраструктура за пристап кон Националниот парк и би споменала уште едно од нашите барања упатени кон централната власт во изминатите години, а тоа е враќање во владение на Општина Битола Детското одморалиште кое би се рестартирало за да овозможи престој на деца во текот на целата година.

ФОКУС: Сте биле советничка од ВМРО Народна партија, а потоа независна од граѓанската иницијатива „Поинаку“. Која е разликата кога се настапува како член на партија и кога сте независен и дали очекувате кампања со напади од големите партии во контекст на вашето политичко минато?

ИЛИЕВСКА: Мојот прв мандат во Советот на Општина Битола беше како кандидат од партија и токму начинот на кој партиите функционираат , ви налагаат како да гласате, ве контролираат, вршат притисоци… беше пресудно за да се одлучам да делувам како независен советник. Разликата е огромна, затоа што кога сте независни буквално не зависите од никого, ги слушате и одговарате пред граѓаните, не сте условени со партиска кандидатура па потоа да бидете под уцени или да ви биде наложено како да работите. Со оглед на тоа дека многу пати досега сум била мета на различни напади, не ја исклучувам можноста тоа да се случи и сега, но моето политичко минато нема скандали, така што не знам во кој контекст би го искористиле тоа.

ФОКУС: Владеењето на градоначалникот Коњановски го одбележаа неколку скандали, медиумите пишуваа за расипничкото трошење на пари и недомаќинското работење на локалните претпријатија. Како го оценувате неговото владеење?

ИЛИЕВСКА: Коњановски имаше можност да направи многу, но кога партијата е пред општината и граѓаните го добивате резултатот кој го имаме денес. Јас на почетокот искрено верував дека ќе реализираме многу проекти и дека ќе решиме многу од проблемите на граѓаните, но сепак и јас бев излажана како и сите битолчани. По поминати 4 години можам само да кажам дека доколку имаше доблест Коњановски немаше да бара нов мандат од граѓаните, туку ќе се извинеше на битолчани за потрошеното време и ресурси.

ФОКУС: Градоначалникот Коњановски ви даде пехар за „шампион во кочење на ЕУ проекти“. Каменот од велосипедската патека беше дел од ЕУ проектите?

ИЛИЕВСКА: Најпрво морам да нагласам дека Општина Битола реализира многу ЕУ проекти. Што се однесува до оние за кои велат дека се закочени, се токму проектите за кои се правеле пренамени на средства, се прикажува во јавноста различен проект од реалниот или пак воопшто не сме биле известени за што треба да дадеме одобрение – гласајте вие па после ќе видите проект… и таканаречените велосипедски патеки се токму од тие проекти, всушност стануваше збор за реконструкција на пешачки патеки на кои дополнително само се обележаа велосипедски патеки, а средствата кои се искористија за овие патеки првично беа добиени за реконструкција на музејот. Ете накратко тоа се тие кочници и да на патеки за кои потрошивме 500 илјади евра имаше дупка покриена со камен кој беше обележан со боја!

ФОКУС: Битола е општина со најмногу одобрени проекти од вториот владин повик за парите од унгарскиот кредит. Може ли ова да се смета како предност на изборите за актуелниот градоначалник?

ИЛИЕВСКА: Може да се смета како еден вид предизборен поткуп. Но сепак сметам дека граѓаните ја знаат реалната слика, знаат зошто овие проекти токму сега се најавуваат дека ќе бидат сработени и затоа знаат да го дадат гласот на вистинското место на претстојните избори.4

Подготви: Орце КОСТОВ

 

Слични вести