Некрунисаната кралица на севдалинката, една од најпопуларните пејачки од Босна и Херцеговина, Ханка Палдум, за време на викендот доаѓа во Македонија. Повод за нејзината посета е реномираниот фолк фестивал Валандово, каде таа ќе биде специјална гостинка и ќе настапи пред публиката со блок свои хитови.
Палдум, која официјално ја започна својата професионална кариера уште во далечната 1973 година, кога ги сними своите први песни, и која во својата децениска работа остави голем број на хитови, песни кои се слушаат во сите поранешни Југословенски републики, отсекогаш била интересна за медиумите. Успешната кариера, бурниот живот, убавината која што не бледи и на нејзините 62 години, искреноста и спонтаноста, но и фактот што е одлична соговорничка, полна со приказни и мемоари, ни беа доволна причина за интервју.
ФОКУС:За време на викендот ќе бидете гостинка во Валандово. Колку време помина од вашата последна посета на Македонија, кои се вашите впечатоци од нашата земја и македонскиот народ?
ПАЛДУМ: Моето последно гостување во Македонија се случи минатата година, за 8 Март, кога одговорив на поканата на мојата драга пријателка Цветанка Ласкова, да се приклучам на големиот собир за љубов и слога по повод Денот на жената. Бев дочекана со сите почести и со големо воодушевување. Ми беше прекрасно и носам прекрасни впечатоци и спомени на дружбата со сите тие жени од цела Македонија. Тогаш се дружевме и со Оливер Драгојевиќ и со мојот голем пријател, турскиот пејач Ценко Босналија, кои во тој период имаа концерти во Скопје.
ФОКУС: Фолк фест Валандово е реномиран музички настан, дали ова е вашето прво гостување на истиот?
ПАЛДУМ: Фолк фест Валандово отсекогаш бил реномиран музички настан кој ги промовирал музичките вредности, не само на просторот на Македонија, туку и на цела поранешна Југославија. Го паметам тоа време, но за жал, во минатото немав можност да се појавам на фестивалот. Се радувам што ме поканија оваа година, и што ќе настапам како специјален гостин заедно со мојот бенд.
ФОКУС: Од македонската естрада, знаеме дека покојната Есма Реџепова ви беше пријателка, па и гостинка на вашиот голем концерт во 2004 година во Сараево. Имате ли и други блиски пријатели од нашата естрада?
ПАЛДУМ: Имав, и се уште имам драги пријатели во Македонија. Некогаш често настапував со великаните на македонската музичка сцена, Александар Сариевски, Виолета Томовска, Желчевски, Анка Гиева, Васка Илиева, Кевсер Селимова… Тоа се незаборавни дружби. Со Есма Реџепова бевме големи пријателки, до последниот ден од нејзиниот живот. Таа ми беше специјална гостинка заедно со Јосипа Лисац и Саша Матиќ на мојот јубилеен концерт во Сараево, во 2004 година. Од помладите пејачи, посебно би ги издвоила моите драги пријателки, прекрасни жени и големи уметници, Цветанка Ласкова и Калиопи. Цветанка ми прирасна на срце уште во далечната 1987 година, кога бевме на турнеја низ Австралија. Таа жена посебно ме фасцинираше со човечниот и карактерен однос кон нејзиниот сега веќе покоен сопруг Мишко. Од тогаш нашето пријателство е нераскинливо. Таа жена има голема душа, однесување на дама и е голем професионалец.
ФОКУС: Кога се спомнува македонската естрада, секогаш како да леби и името на Тоше Проески. Што мислите за него, за неговото дело, како вие го доживеавте Тоше и кои се вашите спомени на него?
ПАЛДУМ: Покојниот Тоше Проески за мене е посебна приказна. Тоа момче со ангелски изглед и глас го запознав на фестивал во Хвар. Таа година, на покана на фестивалскиот организационен одбор настапив на ВИП концертот за гости. Во склоп на фестивалот се одржа и хуманитарен базар за деца со посебни потреби, каде учесниците продаваа свои дарови, албуми, беџови, маици… Штандот на Тоше беше веднаш до мојот. Тогаш тој беше на почетокот на својата кариера. Пленеше со посебна харизма, со својата прекрасна насмевка, со очите во кои се огледуваше неговата убавина на душата. Долго време потоа, во Загреб во Хит Рекордс на еден состанок со композиторот Мирослав Рус, тој ми ја пушти песната која ја напишал за Тоше, ,,Игри без граници’’ која што Тоше ја сними. Слушав и се воодушевив. Така возбудено веднаш му предложив на Рус таа песна јас и Тоше да ја снимиме на турски јазик, за Турскиот пазар. На таа моја идеја Рус ми рече – Тоше утре доаѓа во Загреб, ќе разговараме за таа идеја. За жал, тој разговор никогаш не се случи, бидејќи на патот кон Загреб Тоше го изгуби животот. После трагедијата, долго размислував за тоа прекрасно момче и за песната. Боже мил, како со таа песна да си ја претскажа судбината! Остана неговиот племенит лик и песните да сведочат за едно време во кое живееше тој ангел, и замина таму каде што припаѓаше, во некој подобар свет.
ФОКУС: Останавте да живеете во вашето Сараево, каков е животот денес во Босна, има ли напредок и сличности со животот во останатите поранешни Југословенски републики?
ПАЛДУМ: Во Босна се живее како и во сите републики на поранешна Југославија, како да се трудиме да живееме во она минато време, каде бевме безгрижни. Но слабо одиме напред, како да тапкаме во место. Импровизираме живот. Едни се во привилигирана положба и тие добро живеат, мнозинството живее тешко и едвај се составува крај со крај.
ФОКУС: Колку музиката и политиката се испреплетуваат и се поврзани кај вас?
ПАЛДУМ: Политиката се вовлече во сите пори на животот, без оглед дали тоа го сакаме. Кој што ќе успее да профитира и си обезбеди независен статус, со своето делување да се дистанцира од политиката, тој може да биде сметан за мудар волшебник. Но таквите се малку. Секоја чест на оние уметници и јавни културни работници кои имаат желба со своето дејствување да направат нешто за подобрување на состојбата во друштвото.
ФОКУС: Вие сте позната како кралица на севдалинката, може ли со севдахот да се борите против кичот и турбо фолкот кој што ги зафати младите генерации?
ПАЛДУМ: Севдалинката е песна која што му одолеа на времето, бидејќи со својата форма имаше прибежиште од каде се бранеше со векови и се чуваше од разни влијанија. Така ќе се сочува и од влијанието на турбо фолкот.Во поранешниот систем постоеше комисија во Министерството за култура и образование, која што одредуваше што е квалитет, а што е кич и шунд. А покрај тоа, музиката и песната ја селектираше времето. Тоа што вредеше и беше добро, остана, а тоа што не вредеше, заборавено е.
ФОКУС: На сцената сте повеќе од 40 години, како успевате да се борите за своето место под естрадното небо за сето ова време? Во Македонија, голем е бројот на познати пејачи кои покрај музиката, имаат и друг работен ангажман, бидејќи само од песна тешко можат да живеат. Каква е состојбата кај вас?
ПАЛДУМ: Јас не можам да се пожалам на својот статус, дури и живеам во свет кој што самата си го изградив. Мислам дека ја стекнав почитта, која со своето дејствување ми помага да ги усреќувам луѓето околу мене. Постигнав се што може да се постигне на овие простори, дипломи, награди, признанија, оскари, златни ѕвезди… Посебно би ја издвоила наградата за животно дело за сочувување на културната оставнина која ми ја додели мојот град Сараево. Една сум од ретките, покрај Химза Половина, која сум запишана во Енциклопедијата на Институтот за етно музикологија во Виена, како вистински и оригинален пренесувач на севдалинката. Ширум светот настапувам во најпрестижните театарски и концертни сали, каде на мои концерти доаѓаат ценети граѓани на тие земји каде настапувам. Едноставно, уживам во средбите со луѓето кои на секој чекор, каде и да се наоѓам, упатуваат срдечни комплименти, ми приоѓаат само да ме прегрнат, бакнат, да се фотографираат со мене… Дали има нешто поубаво и дали ми треба поголемо признание? За дополнителна работа немам време ниту потреба. Убаво ми е вака. Благодарна сум на Бога што сум здрава, убава.
ФОКУС: Зад себе имате голем број на хитови, евергрини. ,,Зелени очи’’ ви е еден вид на знак на распознавање. Кои други песни ви се посебно драги и ја одбележале вашата кариера?
ПАЛДУМ: Многу мои песни, на некој начин ми станаа знак на распознавање. ,,Зелени очи’’ (Zelene oci), ,,Јас те повикувам со песна’’ (Ja te pjesmom zovem), ,,Црни коси’’ (Crne kose), ,,Уште се сеќавам’’ (Pamtim jos), ,,Љубев, љубев’’ (Voljela sam voljela), ,,Јас те сакам, од љубов целата горам’’ (Ja te volim, od ljubavi sva gorim) и уште многу други убави песни кои останаа во срцата на луѓето кои се расеани низ светот.
ФОКУС: Познати сте и како една од најубавите пејачки на естрадата. Како го прифаќате стареењето, дали сте поборник на естетската хирургија, со оглед на тоа што во вашата професија изгледот е доста важен?
ПАЛДУМ: Сето ова што го зборувавме претходно е резултат на мојот изглед. Душата која е задоволна, која ужива во своето битие, се рефлектира и на вашето лице и тело. Треба да знаете да воспоставите хармоничен однос на вашата душа со опкружувањето и зошто да се тежнее кон нешто кое што е во спротивност со вашата природа? Колку пати сме имале можност да сретнеме преубава личност, а за кратко време сфаќаме дека е празна лушпа? Тоа треба да го знаеме, душата да ја храниме со добрина, бидејќи душата е дел од божеството која бара убавина, и таа ви возвраќа со убавина. Нема потреба од естетска хирургија и нож. Правилно и искрено сакајте, и ќе бидете сакани и убави!
Вики Клинчарова