Интервју со Азески: Бизнисот ги знае информациите неколку месеци однапред, но знаењето не се користи

by Fokus

Кризата ги погоди сите земји, не само регионот, туку и во светот. Секоја на свој начин се обидува да се справува со предизвиците, но она што е многу важно е дека секоја од земјите во регионот има и различна почетна позиција од аспект на сопствените суровини, домашната поддршка, изворите на енергија, на деловните односи со одредени големи светски економии итн. Ние во регионот на Западен Балкан сме во нерамноправна положба, па конкурентноста на македонските компании е значително влошена, вели во интервју за весникот Вечер, првиот човек на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, кој кажа дека оваа криза е продолжение од онаа која започна во 2008 година и која, практично, никогаш и не заврши

Тој посочува дека здравствената криза се претвори во финансиска, па во ликвидносна. Но, исто така се осврнува и на 2021 година кога следуваше енергетската криза, за која вели не беше недостигот од енергија, туку цената по која таа треба да се плати.

Како најстара комора во земјава и со најбројно членство, сигурно сте загрижени за бизнисот во земјава во услови на ваква сериозна енергетска, но и финансиска криза, поради брзиот раст на инфлацијата, растот на цените на репроматеријалите, обезвреднувањето на капиталот, поради ниските плати на вработените… Кој е Вашиот став за државните мерки што се преземаат за стопанството и дали се тие доволни или, пак, конкретно ќе посочите Ваша забелешка и каде треба најбргу да се дејствува?

– Стопанската комора на Северна Македонија го практикува концептот Комора на иднината – консултант на бизнисот, па затоа секојдневно на терен е во директна комуникација со своите членки, во услови кога неизвесноста и непредвидливоста се главниот предизвик. Ставајќи се целосно во функција на потребите на компаниите членки, ги евидентира проблемите и забелешките, креира предлози, иницира мерки. На дневна основа, преку службите на Комората, во интерес на фирмите од различни сектори и дејности, активно се реализираат средби со надлежните државни институции.

Факт е дека, на барање на бизнисот, мерки од државата има. Имајќи предвид дека кризата сè уште трае и постојано ги менува формата и содржината, поставувајќи нови неизвесности и предизвици, има потреба и простор за нови мерки и за поддршка на бизнисот, за што ние креираме предлози. Но централен проблем е нивната примена со динамика и во форма која ќе даде брзи ефекти и која ќе ја одржи кондицијата на македонските компании за да опстојат на пазарот, бидејќи се тие моторот на економијата.

Како Комора и Вие како нејзин претседател сте одлични познавачи на состојбите и уште пред да започне кризата први укажавте на клучните моменти, но како да се немаше слух за Вашите препораки. Можете ли да нè потсетите на што укажавте уште пред да започне кризата?

– За кризата, генерално и конкретно, кажував многу во континуитет. Потврда за тоа што сè пишувавме и што сè зборувавме е книгата „Што ни се случува“, која излезе од печат на почетокот на 2022 година. Уште на самиот почеток кажав дека оваа криза е продолжение од онаа која започна во 2008 година и која, практично, никогаш и не заврши. Сериозно застрашувачки е кога ќе се погледне дека во континуитет една и пол деценија (15 години) никако да се најде одговор за неа, зашто, веројатно, општеството, но и целата светска заедница не најдоа начин да се носат со предизвиците.

Особено од почетокот на пандемијата, предизвикана од вирусот ковид-19, од почетокот на 2020 година, стопанството се носи со еден многу тежок предизвик и се бори на повеќе фронтови. Досега вакво искуство не сме имале и затоа секогаш во нашите проекции има сериозна доза на воздржаност и на песимизам. Неизвесноста од новите форми на криза нè тераат да бидеме сериозно претпазливи. Здравствената криза се претвори во финансиска, па во ликвидносна. Во 2021 година следуваше енергетската криза, во која проблем не беше недостигот од енергија, туку цената по која таа треба да се плати.

На ова прашање како Комора му посветивме големо внимание со тимот бизнис-експерти во дејноста и повеќепати јавно алармиравме дека како увозно зависна земја (компаниите кои го креираат домашниот бруто-производ струјата сами ја купуваат на берзата во Будимпешта) струјата ќе нè дрма повеќе од очекуваното. Неминовно, тоа водеше кон нова криза, која сега во оваа 2022 година се отсликува како состојба во која царува инфлацијата, цените во малопродажбата растат, а компаниите се борат со конкурентноста и за опстојување на пазарот, што на крајот се одразува преку намалување на бројот на вработени и преку пад на обемот на продажба. Многупати досега сум кажал дека бизнисот ги знае информациите неколку месеци пред статистиката, директно од терен и од дневните деловни релации и бизнис-зделки што ги реализира. Но таа предност и тоа знаење на бизнисот некако не се користат многу.

Имате одлична соработка со регионалните комори. Какви се Вашите сознанија за тоа што се случува со бизнисот во нивните земји? Дали имаат поквалитетни мерки кои би можело да се применат и кај нас?

– Генерално, кризата ги погоди сите земји, не само во регионот, туку и во светот. Секоја на свој начин се обидува да се справува со предизвиците, но она што е многу важно е дека секоја од земјите во регионот има и различна почетна позиција од аспект на сопствените суровини, домашната поддршка, изворите на енергија, на деловните односи со одредени големи светски економии итн.

Значи, секоја планина носи своја тежина. Во тој контекст, ние во регионот на Западен Балкан сме во нерамноправна положба, па конкурентноста на македонските компании е значително влошена. На пример, Србија, поради снабденост со соодветни количини енергенси, и Босна и Херцеговина како извозник на струја се во сериозна предност пред другите земји од ЗБ6. Србија, бидејќи не е членка на Светската трговска организација, има политика на субвенционирање на домашните стратешки производи, а ние како членка на СТО немаме можност за такви форми на поддршка.

Тоа е вториот проблем поради кој македонската преработувачка индустрија е во подредена положба. Сепак, она што е исклучително важно е сериозно реализирање на активностите дефинирани во рамките на „Отворен Балкан“ за регионална економска интеграција, за побрзо проток на стоки, услуги, капитал и на луѓе и за воспоставување поголем регионален пазар, кој ќе стане атрактивен и за нови странски инвестиции и за мобилизирање работна сила, како и за поттикнување поголема меѓусебна деловна соработка меѓу компаниите во рамките на регионот.

Целото интервју можете да го прочитате на Вечер.

Поврзани новости