Андреа Коевска е нашата претставничка на Евровизија 2022, во Торино, Италија, и ќе настапи со песната ,,Circles”. Автор на музика е Александар Масевски, а текстот го напишаа заедно тој и Андреа.
Таа беше избрана на конкурсот организиран од страна на МРТ, заедно со уште пет други изведувачи, а по гласањето од страна на стручното странско жири и публика, откако освои ист број на поени со Виктор Апостоловски, беше прогласена за победничка, според правилото дека победник е оној со најмногу поени од жирито.
Како Андреа ја доживува победата, како течат подготовките за Торино, кога на 12-ти мај Македонија ќе настапи на втората полуфинална вечер, дали ќе пее на англиски или евентуално на македонски јазик, но и како гледа на реакциите на јавноста поради начинот на избор на победник, младата и амбициозна пејачка раскажа во интервју за ,,Фокус”.
Фокус: Кој беше мотивот да се конкурира на изборот за песна за Евровизија, верувавте ли во победа?
Андреа: Евровизија отсекогаш била значаен настан за мене и се сеќавам како мала едвај чекав да почне. Ја доживувам како спектакл, да бидам искрена. Со музика поинтензивно почнав да се занимавам на 14-годишна возраст, а посериозно откако започнав да соработувам со Александар Масевски и до сега работевме на промоција надвор од Македонија, во Европа и Америка поточно.
Кога го видовме конкурсот на МРТ, знаев дека мора да конкурирам, затоа што тоа би значело одлична можност да ме запознае македонската публика, да ја слушне мојата музика и да се претставам како музичар.
Ќе излажам ако кажам дека не посакував победа. Можам да кажам дека верував и верувам во песната, затоа што многу емоции внесувам во неа и истите се трудам да и ги пренесам на публиката. Многумина може да се поврзат емотивно со приказната на ,,Circles” и да допре до нив, а за мене тоа е победа.
Фокус: Да се претставува својата земја на Евровизија е голем предизвик, но и огромна одговорност, како кон својот народ, така и кон Македонија. Подготвена ли е Андреа да се носи со тој предизвик, да ги исполни очекувањата на јавноста?
Андреа: Како Македонка, свесна сум за одговорноста што ја носам. По природа сум човек кој сака предизвици и генерално во животот сум успевала во тоа што сум го замислила само затоа што сметам дека само со упорност и вредна работа се совладуваат сите предизвици и пречки.
Исто така сум свесна дека мислењето и очекувањата на јавноста се различни и поделени дури би рекла. Јас ќе дадам сè од себе да ги задоволам високите очекувања.
Фокус: Речиси да нема Евровизија, а да нема некоја ,,драма” кај нас, јавни обвинувања и критики, незадоволство од одредени групи на граѓани. Лани на пример, Васил Гарванлиев беше ставен на линч, пред тоа, и покрај големиот успех, ниту Тамара не беше поштедена од критики. На некој начин, политиката секогаш вмешува прсти во музиката, може ли тоа конечно да се избегне, конкретно, кога сте вие во прашање?
Андреа: Не верувам дека може да се избегне, затоа што голем дел од народот, за жал, во последниве години некако се навикна и убавите нешта да ги гледа низ призмата на политиката. Се вртиме во круг… Сакаме да биде подобро, а секоја година ја повторуваме истата грешка. Можеби е време да излеземе од тој магичен круг, и малку да ја промениме перспективата, за доброто на сите, како за нас, така и во очите на оние кои набљудуваат.
Фокус: Кога бевте прогласена за победник на домашниот избор, имаше бурни реакции од јавноста, адресирани не кон вас, туку кон организаторот, поради начинот на кој се избра победникот, односно поради тоа што стручно жири од странство го имаше последниот збор. Како гледате на таа ситуација, ви беше ли во тие моменти ,,засенета” радоста поради успехот?
Андреа: Уште на почетокот МРТ ни ги објасни правилата на натпреварот на сите нас, па од таа гледна точка беа транспарентни и фер. Пресреќна сум за позитивниот фидбек за ,,Circles” кој го добив од македонската публика и пред и по изборот. Сите песни се победници според мене. Бевме сведоци на различни музички стилови и претставувања. Ги сакам сите и среќна сум за нивниот успех.
Фокус: На социјалните мрежи, а и на вашата страница, се уште се оставаат коментари дека Виктор е моралниот победник, кој бил избран од народот со над 12.000 гласа, наспроти 4.300, колку што вие освоивте од онлајн гласањето. Кое е чувството кога ќе се прочита нешто такво?
Андреа: Мислам дека имавме шест прекрасни песни кои задоволуваат различни музички вкусови.
Навистина сум среќна што МРТ оваа година организираше ваков натпревар и ја поддржувам нивната одлука да вклучат интернационално жири затоа што песната претставничка треба да ѝ се допадне на интернационалната публика. Сто проценти сум сигурна дека ова не е последното нешто што го слушаме од сите шестмина и уверена сум дека сите ќе бидат моќни претставници на сцената во следните години. Преплавена сум од позитивна поддршка за ,,Circles” од македонската публика и од интернационалната сцена и едвај чекам да ја отпеам во Торино.
Фокус: Песната ,,Circles” е на англиски јазик, снимена ли е и верзија на македонски, во игра ли е можност да се пее на мајчин јазик на Евровизија?
Андреа: Песната е снимена на англиски јазик и така и ќе остане. Една песна се одликува со мелодија и текст, и тие заедно имаат една заедничка задача – да пренесат некаква порака, да разбудат емоција. Да бидеме реални, кога ќе се направи превод од англиски на македонски, и ќе се постават слоговите по тактови, првичната смисла и замисла се губи. Имаме мал милион докази за ова. Ја сакам Македонија со цело срце и ги сакам јазикот и културата. Но, сакам да ја надминам Евровизија и да бидам македонската претставничка за светот. Не може постојано да ги затвораме мислите и срцата кон надворешниот свет, туку треба да му ја донесеме националната перспектива на јазикот кој светот го разбира.
Фокус: Претходно изјавивте дека ќе настапите облечена во црно, ќе има ли богата сценографија, голем тим со вас на сцената, или пак ќе настапите сама пред публиката?
Андреа: Да, дефинитивно ќе бидам облечена во црно. Мојата желба е минимализам, затоа што сакам да се долови таа сирова емоција и сметам дека нема потреба од дополнителни елементи. Сепак, тоа ќе биде спакувано доволно добро, за да се избориме за пласман во финале. Ќе мора да го поледнете настапот за да дознаете, но секако сакам да одам со концепт кој ќе ја потенцира моќта на песната, а не да ја преплави.
Фокус: Наскоро ќе наполните 22 години, релативно сте нов лик на естрадата, посебно кога станува збор за Евровизија, каде и претставници со долг сценски стаж тешко се носеле со целиот притисок. Кој е вашата најголема поддршка, од каде ја црпите енергијата за еден ваков предизвик?
Андреа: Енергијата ја црпам од целото мое опкружување. Постојано сум во движење, разговори со луѓе кои ме сакаат, ме поддржуваат и веруваат во мене. Најголема поддршка добивам од семејството, Масе (Александар Масевски) и од мојот тим и неизмерно сум благодарна за тоа.
Вики Клинчарова