Јавноста беше фрапирана пред шест години кога ПИСА тестирањето врз младите покажа дека две третини од нив се функционално неписмени по читање, математика и природни науки. Дали се подобрија работите од тогаш? Не, само се влошија. Најновото ПИСА тестирање, спроведено во 2022 година, покажа полоши резултати, младите назадувале уште повеќе. Последно од истражувањата што ги испитуваат когнитивните капацитети на младите е спроведено од психологот Слаѓана Анѓелкоска. Тестирањето на 2.034 ученици од 7 до 15-годишна возраст низ Македонија покажало дека децата имаат сериозни проблеми со концентрација, не можат да се фокусираат, не можат да запомнат содржини и се зачудувачки слаби кога треба да испланираат ментална активност или да ја спроведат. Дали креираме неспособни генерации? Како овие деца ќе се снајдат подоцна во животот? Каква е нивната иднина, а со тоа и иднината на општеството? На овие теми разговараме со психолог Анѓелкоска.
Разговараше: Маја ВАСЕВА-ТРАЈКОВА
ФОКУС: Што најмногу ве изненади при тестирањето и од резултатите? Што ви беше најпоразително?
АНЃЕЛКОСКА: Од децата се бараше да решат едноставни задачи, поврзување на броеви од 1 до 25 последователно за одредено време, и да поврзат број – буква, исто така за одредено време. Најпоразителни ми беа резултатите во првиот дел од задачата, кај децата на возраст од 7 до 15 години.
Ако времето потребно да ја завршат задачата беше 30 секунди, само 22 проценти од децата ја завршија задачата во тој временски интервал, 54 проценти од децата ја решија задачата за 60 секунди, 24 проценти од децата ја решија задачата за повеќе од 60 секунди.
Вториот дел од задачата ги проценува извршните функции и тука резултатите се поразителни, одредено време за да се заврши задачата беше 70 секунди. Од децата, само 19 проценти ја решија задачата за тоа време, 58 проценти од децата ја решија задачата за 180 секунди и 23 проценти од децата ја решија задачата за повеќе од 180 секунди.
ФОКУС: Што ни кажува тоа?
АНЃЕЛКОСКА: Овие резултати покажаа дека испитуваната група на деца имаат проблем со фокусот, вниманието, координацијата око – рака, брзината на реакцијата, извршните функции.
ФОКУС: Излегува дека децата не го користат доволно сопствениот мозок.
АНЃЕЛКОСКА: Не би рекла дека не го користат, можеби не се правилно насочени како да го користат и не се стимулирани со правилни активности за развој на овие когнитивни функции.
ФОКУС: Зошто е тоа така?
АНЃЕЛКОСКА: Има неколку причини, првата причина е користењето електронски уреди од најмала возраст во неограничено време, но како психолог, главната причина ја гледам во почетокот на вклученост на детето во образовниот систем.
Во нашиот образовен систем, децата на училиште поаѓаат од 5 години и 8 месеци. Оваа фаза е фаза на интуитивна интелигенција, спонтани меѓуиндивидуални чувства и општествени односи на подреденост на возрасните.
Децата на оваа возраст веруваат дека луѓето околу нив мислат исто како нив, исто така веруваат дека нивните ставови за светот околу нив целосно се совпаѓаат со мислењата на другите луѓе.
Ваквата развојна структура не е доволна за детето да може успешно да совлада одредени наставни содржини предвидени за оваа возраст. Она што е потребно за детето да може да ја следи наставната содржина развојно следува во следната фаза, која почнува на 7-годишна возраст.
БЛОКАДИ ВО РАЗВОЈОТ
ФОКУС: Како се одразува тоа врз детскиот развој?
АНЃЕЛКОСКА: Кога ние ќе го вклучиме детето во образовниот систем со образовни активности за кои детето не е спремно да ги совлада, доаѓа до губење на рамнотежата што е потребна за да може когнитивниот развој на детето да се движи во насока на постабилно когнитивно балансирање.
Предвременото задавање активности за кои детето не е созреано да ги совлада предизвикува блокади во когнитивниот развој, нарушување на потребните когнитивни операции потребни за учење, губење на самодовербата, губење мотив за постигнување, а следствено на тоа и постигнување послаби образовни резултати.
ФОКУС: Значи ли тоа дека образовниот систем од старт ги осакатува децата?
АНЃЕЛКОСКА: Јас сметам дека има голем број пропусти во содржината на наставната програма.
ФОКУС: Дали ниските перформанси можат да се припишат на извесна запоставеност на децата од страна на родителите, кои треба да се фактор број еден во нивниот развој?
АНЃЕЛКОСКА: Нема родител што свесно го запоставува своето дете, но денешното темпо на живот и работниот ангажман на родителите сметам дека придонесе до тоа родителите своето отсуство да го надоместат со вклучување на децата во различни дополнителни активности, а на тој начин децата се преоптоварени со активности и немаат слободно време.
ФОКУС: Што мислите во какви личности ќе израснат овие деца, кои се ненамерно запоставени? Што може да се очекува од лица што навреме не успеале да ги совладаат основните знаења и вештини?
АНЃЕЛКОСКА: Ќе израснат со помала самодоверба, доколку не се тренира фокусот и концентрацијата, тоа ќе им пречи во извршување на професијата со која ќе се занимаваат, ќе бидат со стравови од неуспех.
ФОКУС: Каква е улогата на образовниот систем во овој дел? Имаме образование, кое генерално се фокусира на теорија, меморирање и репродукција, дали недостасуваат практични вештини, вонучилишни активности, поттикнување на социјализација, стимулација на креативност. Дали училиштата треба да преземат дел од вината?
АНЃЕЛКОСКА: Секако треба да се направат одредени измени во наставните програми, наставната програма да се адаптира согласно капацитетот на децата за одредена возраст, односно да се следи развојниот потенцијал на детето.
УЛОГАТА НА МЕДИУМИТЕ
ФОКУС: Ако го земеме и предвид поширокиот контекст, која е одговорноста на целото општество и медиумите, бидејќи и тие имаат своја улога во воспитување на децата? Со право можеме да кажеме дека нема продукција на едукативни содржини во медиумите.
АНЃЕЛКОСКА: Да, доколку некој медиум е спремен да направи нешто за децата, би можела да им дадам цел еден план за креирање квиз за деца, во кој децата ќе бидат предизвикани на одредени когнитивни активности. Со игровни, предизвикувачки активности, кои ќе бараат од детето да вложи когнитивен напор за да ја реши задачата.
ФОКУС: Вие работите на развојна стимулација кај децата, што забележувате, кои се вашите согледувања?
АНЃЕЛКОСКА: Децата ги сакаат игрите што ги применувам во мојата работа, голем дел од тие активности се предизвикувачки кај децата, а децата сакаат предизвици. Се случува на почеток во активностите да се демотивираат кога нема да можат да решат одредена задача, но откако ќе им дадам правилна инструкција и кога децата ќе го дадат правилното решение, тие се уште повеќе мотивирани.
ФОКУС: Излегува дека е потребно само некој да им обрне внимание за да процветаат?
АНЃЕЛКОСКА: Така е.
ФОКУС: Честа појава кај новите генерации се и АДХД, забавен развој, подоцнежно појавување на говорот. Дали овие појави и порано биле присутни, или во последно време претставуваат сѐ поголема закана за новите генерации?
АНЃЕЛКОСКА: Секако дека биле присутни од секогаш, но денес се многу позачестени и родителите се сѐ посвесни за нивното присуство, па бараат помош за своите деца уште од најмала возраст.
ФОКУС: Што мислите зошто се позачестени?
АНЃЕЛКОСКА: Технологијата на која се изложени децата од најмала возраст прави децата да бидат такви какви што се.
МОДЕЛ ЗА УЧЕЊЕ
ФОКУС: Се поставува прашањето кој да ги научи децата на позитивни вредности, на справување со стрес, на социјални вештини, ако дома се конектирани на интернет постојано, бидејќи родителите се презафатени со своите работни обврски?
АНЃЕЛКОСКА: Првата развојна стимулација треба да ја даде родителот, но работните обврски на родителите понекогаш не дозволуваат тие да поминат доволно време со своите деца.
Но, би требало да се потрудат она време што го поминуваат со децата да биде конструктивно, да не им се дава на децата телефон или таблет, туку да се седне и да се игра со детето со играчки соодветни за нивната возраст.
Сѐ поголем број деца немаат развиено модел за учење, учење по кое детето полесно и побрзо би го запомнило материјалот. Кога на детето од почетокот на совладување на материјалот ќе му се даде модел на учење што е најблизок на потенцијалот на детето, кај него ќе се развие способност за одржување на фокусот и концентрацијата, детето ќе знае да го поврзува претходно научениот материјал со новиот, нема да учи на памет, туку ќе учи со примена на логичкото размислување и ќе го развие функционалното знаење.
ФОКУС: Изгледа дека и ние родителите не се снаоѓаме добро на „игралиштето“ на возрасните. Стресот и динамиката на живеењето не ни оди во полза, отуѓеноста и меѓусебната дистанца нѐ изолира во свој свет, а немаме ни навика да побараме помош од психолог кога се наоѓаме во психолошка криза.
АНЃЕЛКОСКА: Така е.
ФОКУС: Гледајќи назад во времето како и кога дојде до овој пресврт? Кога застранивме од нашите приоритети?
АНЃЕЛКОСКА: Тоа се случи постепено откако се скрати слободното време на родителите.
АНКСИОЗНОСТ И ДЕПРЕСИЈА
ФОКУС: Живееме во една константна неизвесност на политички и општествен план. Нема политичка култура, наместо тоа имаме високо ниво на корупција во секој сегмент, немаме правда и почитување на законите, сведоци сме на клиентелизам и некомпетентност, дали се ова стресогени фактори во животот на еден просечен Македонец?
АНЃЕЛКОСКА: Секако дека се, сето тоа влијае врз секојдневното однесување на граѓаните, но и врз нивното ментално здравје.
ФОКУС: Како се манифестираат овие фактори на менталното здравје? Кои се најчестите психички проблеми на Македонците?
АНЃЕЛКОСКА: Најчестите психички проблеми за кои доаѓаат да побараат помош луѓето во денешницата се анксиозноста и депресивноста.
ФОКУС: Која е улогата на психолозите во насока на подобрување на менталното здравје? Дали мислите дека недостасува проактивност на фелата, поголема ангажираност на општествен план и поголема критичност на појавите?
АНЃЕЛКОСКА: Психолози има многу, сметам дека ако до пред ковид-кризата луѓето се плашеа да зборуваат за своите проблеми, денес луѓето се отворени да побараат помош за својот проблем. Можеби недостига поголема вклученост на психолозите во одредени институции, каде што би можеле да помогнат за подобрување на менталното здравје на вработените.
ФОКУС: Каков е односот на државата и институциите кон фелата, дали има простор психолозите да бидат подобро искористени од државниот апарат?
АНЃЕЛКОСКА: Секако дека да, недостига поголема вклученост на психолозите во одредени институции, каде што би можеле да помогнат за подобрување на менталното здравје на вработените.