Во најновиот број на неделникот „Фокус“, објавуваме интервју со пратеникот од Европскиот фронт Зијадин Села, кој води судска битка со поранешниот соработник Арбен Таравари за печатот на Алијанса за Албанците. Во интервјуто, Села говори за причините за соработката со Али Ахмети. Воедно, тој анализира како Христијан Мицкоски постигна апсолутна изборна победа.
Разговараше: Влатко СТОЈАНОВСКИ
ФОКУС: По сѐ што се случи, нели сметате дека ја одбравте погрешната страна на последните избори, а Таравари ја одбра вистинската?
СЕЛА: Ние живееме во општество со предрасуди, за жал. Ние имаме една политичка партија, или да бидам коректен, македонски политички партии, кои, во зависност од позицијата каде се наоѓаат, на власт или во опозиција, целата нивна стратегија за да дојдат на власт ја градат врз антиалбанство.
Така е кај ВМРО-ДПМНЕ, ама и кај СДСМ не е поразлично кога се во опозиција, иако таму оваа стратегија е малку пофина и помалку изразена. Не јас како политичар, туку цела јавност знаеше дека ВМРО-ДПМНЕ силно ќе се врати на овие избори и ќе победи.
ФОКУС: Се знаеше дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи во однос на СДСМ, но сепак власта работеше на сценарио да стигне до 61 пратеник со поширока коалиција и да го заобиколи ВМРО-ДПМНЕ.
СЕЛА: Ќе објаснам која е улогата на Таравари во целата приказна и затоа ја почнав тезата.
Имавме заедно претседателски со парламентарни избори и внатре во албанскиот кампус тој водеше преговори со ДУИ дали да настапат заедно, дали ќе имаме заеднички кандидат за претседател или ќе поддржиме друг. Во врска со темата, ние разговаравме со Таравари.
Треба да сметаш дека што во ситуација кога сите партии, наши опоненти, ќе имаат свои кандидати и ние мора да имаме, нели. Кога се заедно изборите, исходот од претседателските многу го одредува исходот на парламентарните избори. Проценките во тоа време беа дека ВМРО ќе победи, но тешко дека ќе стигне до 50 пратеници.
Во таква ситуација, јас му велам на Таравари, ако мора, ако истакнат другите партии, и ние ќе истакнеме претседател. Дали ќе се кандидираш за претседател? Не, не, на никаков начин, беа неговите тврдења.
Од друга страна, кога има избори, најголемиот успех и победа е балансот меѓу партиите, бидејќи тоа гарантира слобода на граѓаните. Кога една партија добива апсолутна власт да немате двоумење дека се удира врз слободата на обичниот граѓанин. Сега тоа што фали, особено во македонскиот политички блок, е балансот меѓу ВМРО и СДСМ.
И без мое запознавање, Таравари истакнува кандидатура за претседател. Тоа значи дека и другиот опонент ќе истакне кандидатура. Целта беше албанските гласачи да се соединат околу кандидатите и во првиот круг на претседателските избори, две недели пред парламентарните, ВМРО да освои апсолутна победа и од тој момент со експоненцијално растење да го зголеми бројот на пратеници. И тоа се случи. Играчот на Мицкоски во овој план е Таравари.
(ИНТЕРВЈУ) Села: Ќе има протести и очекувам предвремени парламентарни избори!
ФОКУС: Голема улога имаше и обединувањето на коалицијата ВЛЕН. Дали вие за неуспех го сметате тоа што никогаш не успеавте да ја обедините опозицијата и така да го загрозите ДУИ? Соработувавте со БЕСА, па со Алтернатива, но не со двете партии заедно…
СЕЛА: Јас цело време сум работел за да обединам, зашто јас сакам да донесам промена, која е квалитетна. Никој не може да зборува за промена, кога еден од главните експоненти на таа промена е Изет Меџити, кој над 20 години бил потпретседател на ДУИ. Ние живееме во апсурд.
ФОКУС: Многумина ќе речат дека апсурд е тоа што вие и Тачи повторно се здруживте, и тоа во коалиција предводена од Ахмети.
СЕЛА: Ќе одговорам и на тоа, но зборувам за поголемиот апсурд.
Замислете, Меџити го обвинува Села за 20 години корупција на ДУИ. Или, Таравари прашува јавно каде бил Села 20 години и зошто тогаш не предлагал Бадентер во Уставен суд.
Велам дека можеби човекот има проблеми, па најдобрата работа што може да ја направи како министер за здравство е да има систематски контроли за овие што се занимаваат со пациенти со психички нарушувања, бидејќи почнуваат да наликуваат на нивните пациенти.
ФОКУС: Вие ја оправдавте коалицијата со ДУИ со технички аргумент, дека по расколот во АА останавте без печат па моравте да коалицирате за да настапите на избори. Има ли суштински работи што ве врзуваат со ДУИ? Делите ли заеднички вредности и цели?
СЕЛА: Кај македонскиот кампус, за жал, најавуваа дека ќе дојдат на власт, водејќи кампања само против Албанците. И во ваква ситуација мора да се обединиш за да спречиш вакви најави.
Мицкоски, уште пред 2 години најави укинување на балансерот, тоа не е од сега. Кога зборувавме за уставните измени, и кога баравме за албанскиот јазик да не стои 20 отсто, тој одговори дека е спремен да разговара на таа тема, но рече ај да го укинеме балансерот, ај да го укинеме Бадентерот итн.
Јас сум да зборуваме за теми, но не за укинување, бидејќи тие се одбранбени механизми, со цел да спречат мајоризација. Дали се спроведувале е друго прашање. Треба да се процени дали тие механизми се ефикасни.
Во ваква ситуација, ние се здруживме за да ги минимизираме лошите ефекти што Мицкоски ги најавуваше за Албанците, не за ДУИ.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.