Во најновиот број на неделникот „Фокус“, објавуваме интервју со пратеникот од Европскиот фронт Зијадин Села, кој води судска битка со поранешниот соработник Арбен Таравари за печатот на Алијанса за Албанците. Во интервјуто, Села говори дали се потребни загарантирани места за малцинствата, на кој начин треба да се формира Владата, каков е статусот на Рамковниот договор…
Разговараше: Влатко СТОЈАНОВСКИ
ФОКУС: Ако се направи анализа колку коалициските партнери на ДУИ освоиле на претходни избори сами и ако тој број на гласови се одземе од вкупната бројка на гласови што ја освои Европскиот фронт, испаѓа дека ДУИ самостојно тежи помалку од партиите обединети во ВЛЕН. Зар тоа не укажува на делегитимирање на ДУИ?
СЕЛА: Ако сакате начин, еве како е во другите држави. Треба да имаат загарантирани места сите етнички заедници.
Прво треба да се одреди што мислат политичките партии за Албанците – дали се мнозинство или малцинство? Дали тезата за население, кое е автохтоно и кое е некаде 30 отсто или може повеќе од вкупниот број на населението може да го сметаш како малцинство? Која е дефиницијата за малцинство?
ФОКУС: Која ви е поентата?
СЕЛА: Сакам да ја разработам тезата во што навлегуваме, не сакајќи да зборуваме на овие теми и потоа ни се случува крах во системот. Ако не ја почитуваш волјата на една третина од вкупното население, си дал најголем придонес за тоа што денес секој ден слушаме изјави и по прес-конференции за сценарија за дестабилизација.
Во суштина, кој го прави тоа? Го прави владата. Тоа што го има најавено Мицкоски, дава политички наредби за да донесат одлуки, иницијативи во Уставен суд. Газиш пред легитимитетот на втората по големина етничка заедница и ти си создаваш таква ситуација.
Затоа, јас ја поставив тезата дека не може да се смета како малцинство население, кое во случајов е албанско, кое е над 30 отсто. И на тој начин, ако сметаат дека треба да бидеме малцинство, тогаш да го отвориме поглавјето на малцинствата.
Малцинствата заслужуваат да имаат гарантирани места. Ако зборуваме за гарантирани места, за Албанците треба да имаш гарантирани места од 30 отсто од вкупниот број пратеници. И плус да конкурираат во заедничката листа и Албанците ќе имаат 50 пратеници.
ФОКУС: Еве да се сложиме дека не ВЛЕН, туку Европскиот фронт го има легитимитетот кај Албанците, иако е мултиетничка коалиција. Не сметате ли дека вие го почнавте овој процес со преседанот да направите влада со СДСМ наместо со ВМРО во 2016 година? И зошто сега го модифицирате тоа правило „победник со победник“ во „мандатар со победник“?
СЕЛА: Јас никогаш не сум велел „победник со победник“. Ако зборувате со ДУИ, тоа е друго. Јас велам „мандатар со победник“. Делот што не е уредуван со закон е делот на изјаснувањето на легитимитетот на албанскиот политички фактор и гласач. Делот на македонскиот политички фактор се одредува со закон и устав. Ги победиш ли изборите, добиваш мандат, право да формираш влада.
ФОКУС: Мандатот го добива коалицијата што освоила најмногу пратеници, никаде не стои дека е македонска, албанска, мултиетничка. Теоретски, мандатарот може да не направи влада, па доаѓа следен, може и некој од Фронтот да биде мандатар.
СЕЛА: Но, не е прв. На овие избори, СДСМ и ВМРО направија договор, заедно со ВЛЕН ги повторија изборите во 5-та и во 6-та изборна единица, за да добијат плус пратеник и да скратат кај нас. Така, СДСМ веќе е втора партија откако нас ни скратија пратеник во шестата ИЕ.
„Мандатар со победник“ треба да биде стартно решение за да се почитува легитимитетот. На Груевски не му се скрати правото да формира влада, туку, според мои информации, тој никако не прифаќаше да прифати решение околу спорот за името со Грција.
И кога веќе си за НАТО и за ЕУ, во иста ситуација може сме и сега со членството во ЕУ, и знаеш дека услов, не од Бугарија, туку од ЕУ имаш, со самиот факт што си прифатил француски предлог, мораш да ги вметнеш Бугарите во Преамбулата. Ние треба да почнеме од тоа и да се формира владата по тој принцип, кога веќе викаш пред народот дека си за членство во ЕУ.
(ИНТЕРВЈУ) Села: Ќе има протести и очекувам предвремени парламентарни избори!
ФОКУС: ДУИ го прогласи Рамковниот договор за нормативно затворен по законот за јазиците. Сега како Европски фронт повторно го оживувате… Зошто?
СЕЛА: Јас сум се противел за таа дрскост дека некој си зема за право да затвори ова или она. Не е затворен Рамковниот договор и не може да се затворат политички теми.
Охридскиот договор е важен бидејќи донесе мир. Не можам да тврдам дека е лош, имајќи предвид дека спречил поголем конфликт, повеќе жртви и донел мир. Тоа е важно. Дали во договорот има одлуки што се донесени само заради мирот, а не заради правда – да.
Мислам дека повеќе треба да работиме на правдата, зашто така го градиме мирот. А ако работиш на мир по секоја цена и не ја градиш правдата, тоа не е мир. Затоа мислам дека треба да бидеме со отворени умови и да разговараме за сите овие теми ако сакаме да градиме иднина.
Не можам јас да си давам за право себе си дека Македонците треба да имаат едни основни права и никако да не размислуваат за друго, да не живеат со реалноста и со динамичноста на овој свет кој секој ден се менува. Па, ниеден политички актер кај Македонците го нема истото право и за Албанците.
Знаете што? Историјата на човештвото познава многу држави кои имале внатрешни проблеми. Државите што ги решавале внатрешните проблеми на цивилизиран начин и преку дијалог уште опстојуваат, а државите што не сакале да ги решат, биле принудени да одат низ тешки драми и пак да седнат преку дијалог да ги решаваат проблемите што ги имале, а има и такви што не постојат повеќе. Таква лекција ни дава историјата.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.