Во најновиот број на неделникот „Фокус“, објавуваме интервју со пратеникот од Европскиот фронт Зијадин Села, кој води судска битка со поранешниот соработник Арбен Таравари за печатот на Алијанса за Албанците. Во интервјуто, Села ги осудува иницијативите за преиспитување на балансерот и на законот за јазици. Воедно, тој најавува протести за, како што вели, одбрана на демократијата.
Разговараше: Влатко СТОЈАНОВСКИ
ФОКУС: Какви се односите во Европскиот фронт и дали ќе настапите како коалиција на локалните избори?
СЕЛА: Европскиот фронт е заедно, имавме договор за парламентарните избори, дали тоа значи дека треба да одиме на локални избори заедно, тоа е предмет на договори што ќе се прават внатре во Фронтот. Ако имаме договор, ќе настапиме заедно, ако не, нормално ќе си ги гледаме интересите поединечно.
ФОКУС: Ако, да речеме, недвосмислено победите на локалните избори, кои ќе бидат вашите следни чекори?
СЕЛА: А дали сте сигурни дека нема да има парламентарни заедно со локалните избори?
ФОКУС: Најавувате ли дека ќе има?
СЕЛА: Според мои претпоставки, колку што го знам политичкото дејствување на ВМРО-ДПМНЕ, очекувам дека ќе има.
ФОКУС: Сакате да кажете дека ВМРО ќе ги предизвика, а не Европскиот фронт?
СЕЛА: ВМРО ќе ги предизвика. И ние имаме интерес, зашто во опозиција сме сега и нормално дека нема да поддржуваме нелегитимна влада. Може Мицкоски си има свој легитимитет, но кога зема во коалиција слуги, кои се по избор на ВМРО, а не на граѓаните, и ние ќе направиме сѐ за да предизвикаме избори и тие што се легитимни да станат дел од власта.
ФОКУС: Во една пригода не исклучивте и протести…
СЕЛА: Веројатно ќе има. Не сме хистерични за желбата да бидеме дел од власта, водиме кауза, која има за цел праведна држава кон граѓаните, без разлика на нивниот етнички идентитет, почитување на легитимитетот на етничките заедници, Северна Македонија со политички систем, која ја одразува демографската реалност што ја има, а не желбите на поединци политичари за мајоризација на едната етничка заедница врз другата…
Протестите не се дестабилизација, туку демократско право, кои ја оздравуваат демократијата кога се става во прашање, ја враќаат на прав пат.
Затоа, Европскиот фронт се има изјаснето дека ќе ги преземе сите политички механизми, вклучително и протести, за да ја оздравиме оваа наша демократија, која е нападната од страна на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.
ФОКУС: Кога треба да се случат овие протести и можни ли се немири?
СЕЛА: Што би значело тоа со немири? Ќе има протести. А ако владата планира да инфилтрира луѓе за да врши сценарио, нека кажат, бидејќи во Македонија, за жал, такви вклучувања на власта преку такви луѓе се случувало особено кога протестирале Албанците.
ФОКУС: Власта вели дека законот за бранители предложен од СДСМ е дел од сценарио за дестабилизација, исто како и одлуката да се оценува уставноста на Законот за јазиците од Уставниот суд, каде што, според власта, судиите се избрани од СДСМ и од ДУИ. Токму Уставниот суд го замрзна и балансерот…
СЕЛА: Кој е ставот на ВМРО-ДПМНЕ за Законот за јазиците уште кога е донесен? Дека е неуставен. Кој е нивниот став за цело време на кампањата? И баш сега се отвораат тие теми, имаат направено иницијативи. Никој не може да ми скрати право да го бранам тоа што е достигнато со многу напор.
Нормално дека ќе протестирам во врска со тоа. И одговорот е нема ние да молчиме и ништо да не правиме во врска со тоа. Уште посилна ќе ни биде каузата, на пример, кога зборуваме за албанскиот јазик, да го решиме како што треба преку Устав. Да се промени формулацијата.
По грешка ги делите судиите на СДСМ и на ДУИ, бидејќи гласањето на денот за балансерот беше по етничка линија. Македонските уставни судии гласаа за ставање во мирување, а сите други етнички заедници гласаа против. Тоа е гласање по етничка линија, а не по партиска.
Многу поскандалозно е образложението дека етничката припадност е чувство. Тој кој си го менува чувството за работно место и од Македонец се прави Албанец, или обратно, тој ниту некогаш бил Албанец или Македонец. Тие граѓани немаат никакво чувство. Јас сум тоа што биле моите родители.
ФОКУС: Порано го обвинувавте ДУИ дека е синоним за криминал и партизација на државата, па потоа станавте партнери. Сега упорно се борите да станете дел од влада на ВМРО, која, пак, ја обвинувате дека е антиалбанска, а пред избори ја обвинувавте дека спроведува руска агенда итн. Зошто би сакале да бидете партнер со таква партија?
СЕЛА: Политиката не се прави по однос на себеси, туку по однос на другите политички чинители и по однос на тие со кои не се согласуваш за многу работи. Затоа, седнуваш и кроиш заедничка програма за владеење и принципи, а не како сега, кога не можеш да најдеш ниедна реченица во владината програма од ветувањата на ВРЕДИ.
Јас би сакал да нема никаде проруски политички чинители, да нема политики насочени против една или друга етничка заедница, но тоа не зависи од моите желби.
Јас ја гледам оваа реалност и мора да влезеш за да дејствуваш политички и овие предрасуди и политики настроени кон другите, како и во надворешната политика кон познанства и алијанси со недемократски држави и политичари за кои ништо не важат основните граѓански права, влегуваш за да ги минимизираш и да ги прекинеш тие врски што можеби постојат.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.