Викендов во Штип се одржа 37-то издание на реномираниот фестивал на забавни мелодии Макфест. Настанот кој е гордост на градот, и од кој во минатото излегоа голем број на евергрини, годинава беше во едно поинакво светло, во помодерен стил, со повеќе новитети.
Поголема екипа на презентери и водители, со внимателно среден гламурозен стајлинг, докажани музички имиња, но и млади, потенцијални ѕвезди, интересни сценографии и костомографии, како и мелодии кои се интересни за помладите генерации.
Уметничкиот директор, музичарот и дел од популарниот бенд ,,Куку Леле”, Роберт Саздов, за ,,Фокус” ги сумира впечатоците од фестивалот, чиј концепт годинава за некои беше вистинско освежување, додека пак дел од јавноста е носталгична по старите изданија на Макфест, кои оставија хитови кои своевремено ја освојуваа публиката ширум регионот.
Разговараше: Вики Клинчарова
Фокус: Како уметнички директор на Макфест, дали сте задоволен од тоа како помина ова издание?
Саздов: Помина добро, но секогаш може да е подобро. За следното издание ќе се корегираат сите оние работи за кои знаеме дека може да бидат подобри. Макфест е наш најреномиран фестивал на забавни мелодии, но е во Македонија, и во ситуација во која сите ние се наоѓаме.
Не е реално да се очекува да биде рамо до рамо со Сан Ремо , каде буџетот е сосема друг. Ниту нашите фудбалски клубови како Вардар или Работнички не можат да ги имаат најдобрите фудбалери како Реал Мадрид. Со она со кое располагаме во моментов, направивме солидно издание на овогодинешниот Макфест.
Фокус: Имаше повеќе новитети годинава, изостанаа баладите по кои настанот на некој начин беше препознатлив, сметате ли дека новите песни, во побрз ритам кои се понудија на публиката, ќе траат со децении, како што е случај со хитовските балади од минатото?
Саздов: Целта на програмата на овој Макфест е да се задржи вниманието на публиката за време на директниот пренос на МТВ, и фестивалот да понуди поголем број на атрактивни песни за радио програмите во Македонија.
Настапите на изведувачите од двете вечери се веќе ставени на Youtube, времето ќе покаже кои песни ќе се најслушани. Дали одредена песна ќе трае со децении, тоа е домашна задача на авторите и изведувачите, а не на фестивалот. Ова издание на Макфест треба да го задржи вниманието на публиката до следниот октомври, кога ќе биде 38-то издание. Макфест не ги води кариерите на изведувачите, нити координира на тој начин со авторите за да тие направат евергрини кои ќе се слушаат со децении.
Фокус: Предизвик ли беше организацијата на фестивал кој е реномиран и од кој јавноста многу очекува?
Саздов: Организацијата е на Општина Штип, на чело со градоначалникот Иван Јорданов, и извршниот продуцент Александар Арсовски. Тие заедно со многубројниот тим ангажиран од нивна страна, направија голем напор да биде успешно ова издание на Макфест.
Јас сум задолжен за она кое го подразбира функцијата уметнички директор. Ќе помине некое време, ќе се средат впечатоците, ќе се исфилтрира важното од неважното, па ќе знаеме.
Фокус: На наредното издание, парична награда ќе добие најслушаната песна од фестот. Која е сумата која ќе ја добие изведувачот?
Саздов: Дури 95 проценти од сите естрадни и фестивалски “проблеми” лежат во паричните награди. Најдобро е кога нема парични награди, туку само прогласување на најслушана песна меѓу двата фестивали.
Тоа е категорија која на Макфест се практикуваше во 90-те години, и тогаш не беше наградата парична.
Ќе видиме како ќе биде сега. Очекуваме од авторите и изведувачите, после оваа промоција на нивните нови песни на Макфест 2022, да бидат медиумски активни, и во следниот период на најдобар начин да продолжат со промовирање на песните кои премиерно ги изведоа на фестивалот.
Фокус: Дали со буџетот кој беше на располагање годинава, околу 100.000 евра, можевте комотно да го организирате настанот, доволни ли беа тие средства за да го остварите замислениот концепт?
Саздов: На располагање беа помалку средства од споменатата сума, но за следното издание ќе се обезбеди поголем буџет, а со тоа и поголеми можности за програмскиот и организацискиот дел.
Фокус: Јавноста, како и секогаш, поделена, некои се задоволни од измодернизираните настапи, некои се носталгични по сценските настапи и емотивните композиции од минатото, според вас, има ли рецепт за фестивалски концепт со кој мнозинството ќе биде задоволно?
Саздов: Има рецепт, и се вика- Макфест. Знаете, што е еден човек без сеќавања, без спомени…затоа и сите по малку сме носталгични за она време кое поминало и не се враќа веќе.
Тоа е едноставно во човечката природа. Но, програма и концепт за фестивал не се прави додека си во носталгично расположение, туку кога практично и современо размислуваш. А токму тоа и го правиме ние, Јован Јованов, Александар Арсовски, градоначалникот Иван Јорданов, и јас, заедно со топ водителите и презентерите, и целиот тим кој беше со нас.