Ако не се случат уставни измени, нема да има војна, но значително ќе трпи нашиот општествен, економски и демократски развој, вели претседателот на државата Стево Пендаровски во интервју за најновото издание на неделникот „Фокус“, кој излегува како двоброј по повод 2 Август-Илинден.
-Децидно велам, затоа што не сакам да ги плашам граѓаните без основа, дека воен конфликт нема да има, но тврдам дека нашиот општествен, економски и демократски развој ќе трпи значително. Една работа е кога преговарате и ги користите фондовите и добрите практики од европските држави, и кога го унапредувате животот на граѓаните под супервизија на ЕУ, а сосема друга работа е кога целосно сами ќе се обидете да се реформирате. Ако ние се обидуваме да дојдеме до некое ниво, да речеме, до просечниот европски стандард со автономни сили, ќе ни треба 2-3 пати подолго време да дојдеме до тој европски просек, отколку кога би биле во преговори со ЕУ – вели Пендаровски.
Доколку останеме надвор од преговорите и радарот на ЕУ, Пендаровски смета дека се создаваат предуслови повторно да „забегаме“ и во авторитарен режим, каков што имавме 2006-2016.
-Кога немаш двојна проверка или супервизија од Европа што правите во правосудство, во администрација, околу човекови права, добивате девијации во демократскиот развој и завршувате во класичен режим. Ние, и според извештајот на ЕК од 2016 година, сме биле заробена држава. Ако следната година, при евентуална промена на власта продолжиме со реториката дека ни треба нова преговарачка рамка, не во Европа под бугарски диктат и слично, и ако тоа продолжи неколку години, ќе ги имаме сите предуслови повторно да влеземе во автократски режим, кој по дефиниција ќе се обидува да ги стави под своја контрола медиумите, бизнис-заедницата, правосудството – смета тој.
Според него, уставните измени за внесување на Бугарите и уште неколку етнички заедници во Преамбулата се техничко прашање. Притоа, тој истакнува дека промена на преговарачката рамка, како што најавува опозицијата, е само теоретски можна.
-Не велам дека теоретски не е можна промена на рамката, но дали е можна подобра? Ние можеме да предлагаме, но како ќе реагира Бугарија? Јас би сакал да видам преговарачка рамка што ВМРО евентуално ќе ја издејствува, но треба да бидат фер и пред избори да кажат дека ако не успеат да ја подобрат преговарачката рамка, нема ни да се обидуваат да го променат Уставот, а не како сега што велат: прво, да дојдеме на власт, потоа ние ќе собереме две третини – смета шефот на државата.
Во однос на оваа тема, тој не верува дека власта ќе се обиде да обезбеди двотретинско мнозинство преку кривични, обвиненија и слични методи, туку, според него, одлуката ќе биде комплетно оставена на волјата на поединечни пратеници.
Разговараше:
Влатко СТОЈАНОВСКИ
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.