Во интервју за најновото издание на неделникот „Фокус“, кој излегува како двоброј по повод 2 Август-Илинден, претседателот на државата Стево Пендаровски одговара дали e задоволен од досегашниот мандат, како и под кои услови би прифатил нова кандидатура на претстојните претседателски избори што треба да се одржат следната 2024 година.
Разговараше:
Влатко СТОЈАНОВСКИ
ФОКУС: Дали очекувате редовни или предвремени парламентарни избори поради евентуален неуспех на уставните измени?
ПЕНДАРОВСКИ: Не можам да видам корелација меѓу успешни и неуспешни уставни измени и предвремени избори, а за да знаеме дали ќе бидат успешни уставните измени треба да навлеземе во есента. Првото гласање треба да биде некаде во септември, потоа е потребна тн. пржинска влада и со тоа практично влегуваме во предизборието на редовните претседателски избори на пролет.
ФОКУС: Има и изменетата политичка слика, откако парламентарното мнозинство падна на 61 пратеник. Колку е одржлива оваа ситуација?
ПЕНДАРОВСКИ: И со 61 опстанува владата. Од она што го знам од изјавите на пратениците што се одвоија од мнозинството е дека ќе поддржат сѐ што нѐ носи кон Европа. Додека не се види исходот од уставните промени, не верувам дека било кој од тие пратеници ќе размислува за избори. Според мене, побитно е дали ќе успеат уставните измени отколку тоа дали ќе имаме избори во октомври или во април в година.
ФОКУС: Дали вие ќе се кандидирате за уште еден мандат на претседателските избори?
ПЕНДАРОВСКИ: Сакам прво да го завршам мандатот, имам уште десетина месеци. Проценките што ќе ги правам во однос на нов мандат, ќе бидат кон крајот на годината и притоа, клучно ќе биде дали ја имам поддршка и од граѓаните и од политичките партии. Досега никој не станал претседател како целосно независен кандидат.
ФОКУС: Дали сте задоволен од мандатот? Кога бевте избиран, велевте – нема да делам, ќе обединувам. На последното интервју кога го правевме пред една година, малку резигнирано порачавте дека најголем проблем за иднината на државата е поделбата во македонското национално ткиво. Останувате ли на истото мислење?
ПЕНДАРОВСКИ: Останувам, поделбите во македонското национално ткиво се подлабоки од било кога. Памтам дека и во раните 90-ти немавме таква поделба меѓу Македонците. Тоа е едно ниво, а другото ниво е што јас сум правел во тој сегмент. Тврдам дека нема да најдете ниедна моја иницијатива, изјава, потег, средба со која сум фаворизирал еден етникум или една партија. Сум се поставувал апсолутно балансирано и кон опозицијата и кон власта, и кон Македонците и кон Албанци и кон сите граѓани на земјата.
ФОКУС: Сепак, опозицијата ви забележува дека со многу потези не сте балансиран и ѝ се додворувате на власта.
ПЕНДАРОВСКИ: Јас слушам таа изјава на Мицкоски дека јас сум коленичел пред СДСМ и ДУИ за втор мандат. Претпоставувам тој зборува од своето лично, животно и професионално искуство од тоа како станал професор на факултет кај татко му и подоцна претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Веројатно мисли дека ако тој така правел кариера, сигурно и сите други коленичат пред некого. Меѓутоа, јас сум направен од друг материјал и никогаш не сум коленичел, ни во 2014, ни во 2019, ниту тоа имам намера допрва да го правам во седмата деценија од животот.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.