По летната пауза од своите активности, театарските уметници од Македонскиот народен театар повторно се враќаат на сцена. На 11-септември стартува новата сезона во МНТ а на репертоарот е претставата „Силјан штркот шанца“.
„Фокус“ разговараше со актерот од оваа театарска куќа, Оливер Митковски, кој ги искажа своите очекувања од новата година, но и без влакна на јазикот упати силни критики кон поранешната, но и актуелната власт.
Очекувањата за новата сезона се големи, но кога ќе се направи осврт на изминатата сезона, не можам да кажам дека сум потполно задоволен, вели Митковски.
„Новата сезона ќе зависи и од буџетот со којшто ќе располага МНТ. МНТ е институција која го оптеретува буџетот за култура во голема мера, особено поради зградата во која се наоѓа. Овој театар е „ламја“, троши огромни средства за комуналии и за плати. На уметнички план, оваа година се формираше уметничко тело, кое е составено од седум члена. Направија добра програма, која ќе видиме дали ќе биде одобрена од Министерството за култура. Треба да гостуваат четири одлични режисери. Од тоа што се случуваше минатата сезона, не можам да кажам дека сум комплетно задоволен“, истакна Митковски.
Како што порача Митковски, МНТ мора да направи „чистка“, затоа што според него, постои превработеност во овој театар и очекува дека новата власт ќе го реши овој проблем.
„После менувањето на ВМРО-ДПМНЕ, новата управа се соочи со голем број на проблеми, најмногу кадровски. Се вработуваа нестручни и непотребни кадри. Во МНТ има превработеност, работни места коишто се апсолутно непотребни и лица кои со години не се појавиле на работа, а земаат плата. Тоа е некаде четвртина од вработените и тој проблем ќе мора да се реши во иднина“, порача Митковски.
Оливер екслузивно ни откри дека до крајот на оваа година ќе излезе филмот „Еј“, кој е сработен без никакви финансиски средства. Снимен е пред повеќе од 10 години, но никогаш немал своја промоција.
Во филмот учествуваат актерите Сашко Коцев, Јелена Јованова, Гораст Цветковски, Славиша Кајевски, Николина Кујача и уште неколку други. Филмот е комедија со политичка конотација и се снимал три-четири месеци.
44-годишниот актер, смета дека треба почесто да им се дава шанса на младите актери и со разочарување го коментира тоа дека „и за да играш во претстава понекогаш ти се потребни врски“.
„Аудиции треба да има почесто во македонските театри. Јас одговорно тврдам дека помеѓу младите актери има големи таленти и потенцијал, но не добиваат шанса да заиграат во некоја од националните куќи. Во Македонија се уште се стимулира неработењето. Платата помеѓу оние што играат постојано и оние што воопшто не играат е многу мала. Сметам дека во овие институции не треба да постои вработување за постојано. Треба да се измени моделот и да се потпишуваат договори на определено време“, додаде актерот.
Тетарот во Македонија во изминатите години помина низ многу транзиции и тешки периоди. Секоја од владите се обидуваше да го врати достоинството на глумата како професија, тоа според Митковски не секогаш зависи од владејачката гарнитура.
„Достоинството на глумата како професија не зависи само од условите што некоја власт ќе ти ги понуди. Тоа зависи од твојот однос кон работите, храброста да влијаеш на одредени текови како јавна личност. Претходната власт ги покачи платите во театрите, но тоа не е доволно да се врати достоинството на актерот. Би бил горд како актер, кога секој етаблиран и респектабилен колега сопствениот комфорт, би го жртвувал понекогаш за борба против неправдите коишто секојдневно ни се случуваат и наметнуваат“, посочи тој.
Митковски одлучил да апстинира до крајот на оваа година со нови претстави во матичната куќа.
Ќе работи на претставата „Осамениот запад“ со Јане Спасиќ а ќе работи и на дипломска претстава со Горјан Аревски. Како што ни раскажа тој, во моментов поголема провокација му е да работи со млади луѓе.
Постои тренд, децата од мали нозе да почнуваат да ги прават првите чекори во драмските секции. Според Митковски, најмладите треба прво да се изградат како личности, па потоа да почнат да се бават со актерство.
„Во Македонија генерално постои проблем со образовниот систем. Тенденцијата на опаѓање на квалитетот во сферата на образованието е видлива од осамостојувањето до денес и последиците од истата се катастрофални. Што се однесува до масовното отворање на детски студија, можам да кажам дека не сум баш поборник децата да се инфицираат со професионално бавење со театар од мала возраст. Според мене е подобро тие да бидат едуцирани, а подоцна да се градат како професионалци. Мислам дека на помала возраст треба да се работи на градење на нивниот карактер и на нивната едукација во сите сфери за кои тие покажуваат интерес“, раскажа Митковски.
Митковски има снимено неколку филма во кариерата, а една од највпечатливите улоги му е во ликот на Цоле во култнот филм „Самоуништување“ во режија на Ербил Алтанај. Како што вели тој, во еден дел од животот сметал дека тој филм го влече надолу во кариерата.
„Во филмот е погодена поентата, сржта на менталитетот на просечниот Македонец. Во еден момент од мојот професионален развој, тој филм беше едно сидро коешто ме влечеше надолу, дури и некој вид на комплекс. Сметав дека филмот нема голема уметничка вредност и мислев дека е толку лош, што на некој начин е симпатичен и добар. Секое спомнување на луѓето за филмот, кај мене предизвикуваше чувство на срам. Сега сум рамнодушен во однос на тој филм“, смета Митковски.
25-ти август македонската јавност беше шокирана од веста за смртта на Ванчо Петрушевски, кој загина од струен удар. Митковски има само убави зборови за Ванчо, кој според него, успешно пливал во театарските води.
„Игравме заедно во „Сомнително лице“. Тој е претставник на генерација која доживеа огромен успех, барем во Македонија. Никогаш не сум бил фан на т.н. естраден театар, но за него можам да кажам дека тој е еден од ректите кој успешно „пливаше“ во двете води“, додаде 44-годишниот актер.
И покрај тоа што има одиграно многу претстави, Оливер Митковски вели дека чувствува глад за театар како во студентски денови.
„Разликата од тогаш до денес се сведува единствено на потреба од поголема инспирација и мотивација. Тоа може да биде лик, режисер, драмски текст, или било што друго што ке поттикне возбуда во креативниот процес на создавање на некое дело. Во суштина ја чувствувам истата глад за театар како и во студентски денови“, порача тој.
Митковски посочи дека се бори со лицемерието помеѓу актерите, и понекогаш се чувствува како осамен лудак.
„Многу тешко се справувам со лицемерието помеѓу актерите. Тоа е една од работите против кои се борам жестоко. Понекогаш се чувствувам како осамен лудак кој лае дури караваните си врват но сепак сакам да верувам дека сето тоа влијае односно има импакт барем кај генерациите што допрва доаѓаат. Сметам дека ние како актери, немаме голема моќ да влијаеме на некои процеси, но имаме моќ да спречиме да ни се случува тоа што ни се случуваше во блиското минато – автократско носење одлуки, без можност да влијаеме на истите“, порача Митковски.
Во последните неколку години, политиката зеде голем замав во многу професии и како со нож ги подели луѓето на поддржувачи и останати. За жал, и театарот не остана имун на ваквиот политизиран бран. Како што раскажува Митковски, никогаш нема да влезе во политиката и ќе остане вечна опозиција.
„Неминовно е политиката да има влијание врз театарот. Сакале или не. Би требало да биде и обратно. Сметам дека е добро кога уметник ги искажува своите ставови, наместо да ги премолчува. Никогаш не би влегол во политиката, ќе останам вечна опозиција. Се случувало да ми се вршат притисоци поради моите ставови на социјалните мрежи. Постоеше притисок и од претходната гарнитура и од сегашната. Тоа е цензура на правото на говор. Ги игнорирам истите притисоци “, вели Митковски.
Минатата година, 18 глумци, меѓу кои и Митковски, ја откажаа претставата „Ничија земја“, неколку минути пред нејзиниот почеток, во знак на поддршка на актерот Владо Јовановски.Тој во декември доби притвтор од 30 дена за насилствата во Собранието минатиот 27 април.
Митковски ни истакна дека медиумите изманипулирале и ги извртеле мотивите за таквата одлука.
„Не оправдувам ништо во коешто има насилство. Но фактот што од страна на опозициските медиуми веднаш бевме прогласени за предавници коишто штитат криминал, а од провладините за херои, притоа без никаква потреба да се слушнат вистинските мотиви за чинот, јасно говори за степенот на биполарност во државава. Во оваа валкана пропагандна војна наречена „фејк њуз„ се користат исклучиво полувистини и лаги. Факт е дека се одложи претставата поради повторното менување на одлуката на апелација со која нашиот колега требаше да го замени домашниот притвор со истражен затвор. Во тоа видовме одмаздољубивост и сочувствуваме со нашиот помлад колега, инаку син на Владо. Во ниту еден случај не беше спомената ниту амнестија ниту друга форма на барање со која би влијаеле врз судската пресуда. Само хуман, човечки однос кон колегата до започнувањето на судскиот процес. Тоа е се“, истакна Митковски.
Во Македонија, голем дел од филмовите кои биле прикажани на публиката, имале историска содржина. Тоа претставува комплекс кај Македонецот кој не е надминат, смета Митковски.
<
„Во овој момент, Македонецот има проблем со сопствениот идентитет. Секоја власт има тенденција да го ревидира идентитетот а филмската индустрија е најзгодно место за тоа. Мислам дека станува збор за комплекс кај Македонецот кој не е надминат. Оттаму и потребата толку често да ја третираме историјата на филмското платно. Посебно во изминатите 11 години постоеше тенденција за ревидирање на идентитетот и оттаму потребата за работење на такви историски филмови. Филмските работници веројатно сметаат дека на тој начин играат некаква месијанска улога и третираат теми од суштинско национално значење или повеќе веројатно, висината на средства одобрена од нарачателите им овозможува лагоден живот во наредните пар години“, го заврши разговорот Митковски.
Јорданчо Цветаноски
ФОТО – МНТ