(ИНТЕРВЈУ) Одлив на мозоци: Во Македонија мора повеќе да се прифаќаат различностите

by fokus

Во последните неколку години бројот на одлив на мозоци рапидно се зголемува во нашата држава. За тоа постојат многу причини, почнувајќи од економската криза која ја зафати државата. Но, младите не си заминуваат само заради пари и работа. Неквалитетното образование и здравството се исто така голем дел од тоа. За разликите помеѓу животот во Северна Македонија и САД дознаваме многу повеќе од страна на студент кој се преселил во САД.

Кога беше моментот кога одлучи да заминеш од државата и зошто?

Има неколку причини зошто заминав, првата беше тоа што сакав малку разлика. Имав роднина во САД со која што првпат по десетина години зборував со неа, ми спомна дека е многу убаво таму и ми даде идеја да се преселам, иако никогаш претходно немав размислено и не планирав да се селам. Втората причина беше тоа што на факултет професор ми побара пари за да положам, иако имав десетка.

На кој начин замина од државата?

Четири години бев на студентска виза, после тоа од работното место ме спонзорираа за иселеничка виза.

Кои се разликите помеѓу Македонија и САД?

Прво, луѓето се различни во смисла што тука има луѓе од секаде. Иако сум во Америка, немам другари Американци, сите се иселеници од цел свет, од Мексико, Виетнам, Шпанија.. Дури и тие што се родени Американци имаат некое странско потекло. Запознаваш луѓе со многу различни имиња, религии, убедувања и погледи кон светот. Другото е тоа што тука сум јас странец. Колку и да живеам тука нема никогаш да е дома. Поради тоа што сум бел, првично претпоставуваат дека сум Американец , но штом ми го видат името и го слушнат мојот акцент, веднаш го менуваат начинот на кој ми се обраќаат.

Што би променил во Македонија?

Би променил многу. Македонија ќе ја бранам до крај на животот, поради тоа што постојат работи во Македонија што ги земаме здраво за готово. На пример, во Америка е многу тешко ако немаш автомобил. Ова е мал детал, но за мене е важна работа. Во Македонија имаш автобуси и возови а тука треба да си во голем град за да можеш на тој начин да се снајдеш. Тоа што би променил во Македонија е менталитетот на луѓето што не прифаќаат разлики во секоја смисла. Ако си многу висок, ти си “високиот”. Ако си многу низок, ти си “нискиот”. Некој детал што те  дели од другите, веднаш те идентификува. Сите сме бели во Македонија, но ако некој има потемен тен тој е “црниот”. Бидејќи нема многу разлика од едни до други, освен етничка или религиозна разлика, луѓето се толку слични што секој мал детал го прифаќаат како голема разлика меѓу себе. Тука има многу различни луѓе, но сепак наоѓаат помалку разлики меѓу себе, иако се физички многу различни.

Кога се врати последен пат во Македонија и дали чувствуваше промена?

Заминав во 2019, а последен пат кога се вратив во мај 2022 приметив разлика. Лично за мене во Америка голем проблем е здравствениот систем. Кога се вратив во Македонија беше многу полесно затоа што здравството е подобрено во споредба од кога си заминав. Исто така, местото каде што живеев во Македонија е многу сменето и изградено.

Дали луѓето се поотворени од кога замина?

Со мојата генерација не комуницирам многу, но со тие што уште имам контакт, нема голема промена. Имам помала сестра и тие како генерација се многу поотворени и поприфатливи.

Дали сметаш дека во САД живееш послободен живот од тука?

И да и не. Да, затоа што тука ми е многу полесно да запознавам друштво. Почнувам како празна табла и можам да се поставам себеси како сакам. Во Македонија другите ме претставуваа, од мал пораснав таму, и таа околина има перцепција за тебе и таа ти останува до крајот на животот. Тука дојдов и никој не ме знаеше, се поставив сам како сакам и имам подобар начин на живот. Но, понеслободен сум финансиски зато што сум студент, работам и живеам како студент. Не можам да си дозволам да излезам и да се дружам колку што сакам. Финансиите секогаш ќе се проблем и тоа што дојдов тука не ме направи магично побогат.

Дали твоето ментално здравје е подобрено откако се пресели?

Сметам дека е исто, причината за тоа е што тука сум сам и морам да се грижам за сметки, за кирија, за храна, за готвење и за превоз. Сето тоа ми беше снабдено во Македонија. Во Македонија се грижев за тоа што друштвата се распаѓаа, менуваш ново друштво, и стресот беше многу различен од тука. Тука е поголем стрес што морам да сум возрасен. Но, и во Македонија не беше сјајно. Имав и таму финансиски проблеми, таму бевме речиси сиромашни, но барем имав семејство, имав куќа,храна..

Што треба да се смени во Македонија за да би се преселил пак тука?

Како и да е јас ќе се преселам. Америка ми е план Б. Но, генерално би сакал да се смени корупцијата.  Најважни работи за мене се образование, економија и здравство. Јас завршив со образование но, сакам да имам деца коишто треба да поминат низ образовниот систем и не сакам да ги ставам во приватни училишта. Сметам дека државното образование, државното здравство и економијата мора да се подобрат. Јас имам американска диплома, ќе имам работа во секој случај но, сакам и моите сограѓани да имаат подобар живот. Ако јас имам добар живот а сите околу мене се мизерни, тогаш ни јас нема да бидам среќен.

Кои се причините зошто би се вратил во Македонија?

Освен тоа што целото мое семејство е таму, тука здравството е скапо. Исто така тука има класизам што го има во Македонија, но е поразличен. Тука ако не се претставуваш како белец, ако немаш добра работа, нема ни да зборуваш со тие што се класа над тебе. Има очигледна класна разлика тука што близу ја следи расната граница. Иако сум бел, белците не ме гледаат како бел. Другите раси ме гледаат како бел, и не можам да се пронајдам во некоја група на луѓе што се како мене.

Ова интервју го направија група младински активисти во рамки на младинската програма за онлајн актвизизам имплементирана од Здружението за едукативен развој Еквалис во партнерство со Фокус, а поддржана од Националниот фонд за демократија, Европската младинска фондација и Советот на Европа.

Поврзани новости