Разговарал: Дејан Азески
Фокус: Годишната конференција на вашата асоцијација во изминативе години навистина постави нови стандарди не само во делот на е трговијата туку и општо во организацијата на настани . Како воопшто дојдовте на таква идеја и дали таа произлезе од самата потреба на пазарот?
Ангеловска: Мотив за основањето на Асоцијацијата за е-трговија во 2017 година беа предизвиците со кои се соочуваа компаниите кои работеа во овој сегмент, тогаш далеку помалку на број од денес . Поконкретно и јас лично со водењето на компанија од оваа област, Grouper.mk кој беше и препознат како двигател т.е ‘game-changer ’ на македонската е-трговија , имав искуство и пречките на патот беа поттик за да закажам состанок со Министерството за информатичко општество со цел адресирање на потребите за промени и во регулативата . На тој состанок насоката беше дека има волја за промени , но дека треба барањето да дојде од организација , комора , асоцијација т.е претставник на овој сектор во земјава . Се сеќавам дека си отидов од состанокот полу- разочарана , вечерта размислував и веќе од утре дента се впуштивме во активности за основање на првата Асоцијација за е-трговија . Дополнително еден од членовите на нашиот УО Миле Бошков , претседател на Бизнис Конфедерација на Северна Македонија , искусен во таа област ме охрабри и беше поддршка во процесот, а и ме поврза со Европската асоцијација каде бев и член на Управниот Одбор неколку години . Предизвиците се секогаш поттик за акција , па така во нашиот случај доведоа до формирање на формално тело кое ги застаува интересите на е-трговците и е-трговијата воопшто .
Една од нашите први иницијативи беше изработката на сеопфатна анализа на е-трговијата во земјата , согледување на состојбата , детектирање на предизвиците , како и потоа креирање препораки за делување . Пред основањето на Асоцијацијата , имав прилика да учествувам на бројни конференции и настани од областа низ светот, генерално Европа и да учам од нивните практики и искуства . Меѓу нив беше и глобалната недела на е-трговија eWeek организирана од UNCTAD во Женева , каде што се запознавав со Претседателите на европските Асоцијации , учев од нив и добивав идеи и инспирација кои потоа ги имплементиравме тука заедно со тимот.
Првото издание на Конференцијата за е-трговија го организиравме веќе во 2018 година , а истото произлезе од анализата како потреба за собирање на сите засегнати страни на едно место со цел да дискутираат за состојбите , развојот, предизвиците и солуциите во е-трговијата , како и да се крене свеста за потенцијалот на е-трговијата во земјава . Од тогаш конференцијата е редовна активност во нашата годишна програма , а од пред две години конференцијата доби регионална нота привлекувајќи посетитали од целиот регион со богата програма и содржини , искусни говорници од ширум светот и одлични networking можности .
Фокус: Македонија пред само десетина години беше на самото дно гледано во сите статистички категории за онлајн трговија . Состојбите се променети но колку? Што кажуваат вашите податоци?
Ангеловска: Првиот извештај од анализата на е-трговијата во Република Македонија , 2018 година “ Подготвеност, потенцијал , фактичка состојба , бариери и препораки за развој на е-трговијата во Р. Македонија” понуди сеопфатна анализа за сите алки во синџирот е-трговија , а што се однесува до онлајн купувањето беше дадена и временска и географска споредба . Во 2017 година 20% од интернет корисниците купуваа онлајн во споредба со 7% во 2010 година . Тоа значеше дека Македонија во споредба со европските земји е на претпоследно место односно подобра само од Црна Гора .
Има значителен прогрес од тогаш , односно во 2023 година 53.5% од интернет корисниците купуваат онлајн и има забележителен пораст од 67.5% во однос на 2017 година . Но дали е овва доволно и дали темпото со кое се движиме е доволно за да се покренеме од дното на споредбеното рангирање со европските земји? И покрај постигнатиот напредок со овој раст сме малку подобро рангирани денес , односно споредено со европските земји Македонија е подобро рангирана единнствено од Турција и соседните земји ( Косово , Босна и Херцеговина , Албанија и Црна Гора), што зборува за тоа дека потребно е забрзување на темпото со кое се движиме .
Годишната анализа која ја публикуваме секоја година е во процес на изработка и истата ќе биде промовирана на Конференцијата за е-трговија на 12ти ноември . Оваа година истата е проширена и дава преглед на Е-трговијата во Западен Балкан (Western Balkans Ecommerce Report, 2024), а поддржувач на истата е НЛБ групацијата .
Анализата дава преглед на состојбата во Западен Балкан (ЗБ) земјаќи предвид бројни секундарни податоци за релевантни показатели , индекси и индикатори од аспект на дигиталната подготвеност и подготвеност за е-трговија , достава и логистика , плаќања и сл . За поквалитена процена и на состојбата и предизвиците вклучува и примарни податоци , од спроведените прашалници на компаниите од ЗБ .
Сите земји гледано сами по себе претсавуваат мали фрагментирани пазари , додека заедно регионот има значаен економски потенцијал со популација од 16.6 милиони . Сепак за да се отклучи тој потенцијал потребно е надминување на бројните предизвици кои стојат на патот. Така на пример прекуграничната е-трговија нуди можности за раст и експанзија на бизнисите , но високите царински давачи и комплексните процедури , скапата достава и неунифицирана регулатива и правила го попречуваат развојот на истата .
Со цел да придонесеме на регионално ниво , неодамна заедно со Асоцијациите за е-трговија од Србија , Босна и Херцеговина и Албанија ја формиравме Балканската Алијанса за е-трговија , а првото претседателство ни припадна нас како прва формирана и најискусна Асоцијација од регионот. Ми претставува чест да ја водам Балканската Алијанса при самото формирање и поставување на темелите кои ќе претставуваат основа за понатамошната работа и делување . Се надевам дека ќе успееме да придонесеме за промени и олесување на прекуграничната е-трговија и со тоа ќе им отвориме на компаниите пат за регионална експанзија со е-трговија .
Фокус: Колку работата на вашата асоцијација допринесе за напредок на овој сектор и што уште треба да се направи од страна на државата и компаниите?
Ангеловска: Асоцијацијата веќе седум години го преставува ‘гласот на е-трговијата’ во земјава , а нејзината улога и придонес дојде уште повеќе до израз за време на Covid пандемијата кога е-трговијата не беше избор туку неопходност за да се амортизира ударот и да се опстане на пазарот. Работиме посветено со дизајнирани мерки и активности како одговор на актуелните предизвици . Во главно предизвиците кои ги адресираме во
последните неколку години со нашата програма се: ниското ниво на дигитални вештини , сивата економија во е-трговија која креира нелојална конкуреција и ја поткопува довербата во е-трговијата , недостатокот на понуда во е-трговија и потребата за унпаредување на постојната , како и предизвиците со прекугранична е-трговија . Покрај изработката годишната анализа која ја споменав и годишната конференција за е-трговија , имплементираме бројни други проеки и иницијативи . Би споменала тука само неколку меѓу кои – лансиравме платформа ecommerce4all.eu која претставува своевиден ресурсен центар за е-трговија за CEFTA регионот, го лансиравме и менаџираме првиот и единствен Регистар на е-трговци , воведовме беџ за верификувани е-трговци кој означува дека се разботи за регистриран и проверен е-трговец . Понатаму преку нашите обуки помогнавме над 120 компании да ги зајакнат дигиталните вештини , а преку повиците за поддршка за отворање на е- продавница со грантови поддржавме над 80 компании да почнат да продаваат оналјн . Активностите кои ги имплементираме се поддржани од интернационални развојни организации меѓу кои USAID, GIZ, IME, CEFTA секретариjат, IFC, UNCTAD, како и од приватниот сектор .
Што се однесува до олеснувањето на преку граничната е-трговија аткивни сме веќе неколку години на ова поле но прогресот оди бавно , сега и со Балканската Алијанса за е-трговија ќе продолжиме со здружени напори да работиме да влијаеме кон промени и забрзување .
Фокус: Седмата годишна конференција доаѓа со големи најави . Што точно слушателите ќе можат да видат и научат?
Ангеловска: Годишната конференција за е-трговија е водечки настан за е-трговија , кој во изминатите три години прерасна во најголема регионална конференција за е-трговија , истакнувајќи го нејзиното значење во промовирањето практики за е-трговија на Балканот. Конференцијата ќе се оддржи на 12 ноември 2024 година , во Националната опера и балет во Скопје .
Овогодинешното седмо издание на конференцијата ја носи темата „ E-commerce: Untangling potential“ , преку која заеднички ќе истражуваме кои аспекти на е-трговијата се ‘отплеткани’ , и кои сè уште треба да се адресираат за да може да се искористи нивниот потенцијал . Во последнава година потенцијалот на регионот за е-трговија се повеќе започнаа да го забележуваат и регионални и интернационални компании кои се шират во повеќе земји од Западен Балкан – од проширување на fullfilment центри , до влезот на меѓународните играчи на нови пазари , несомнено е дека се случува значаен подем на е-трговијата во регионот. Истовремено со созревањето на пазарот созреваат и растат и очекувањата на потрошувачите и оваа промена ја нагласува потребата бизнисите постојано да иновираат со цел да му понудат повеќе избор и флексибилност на е- купувачот.
Темите кои се во фокус оваа година се иновации во доставата и логистиката , нови трендови во решенијата за е- плаќање , стратегии за ефективен маркетинг за е-трговија и стратегии за прекугранична експанзија и меѓународен раст. Покрај конференциските сесии , изложбените штандови во т. н .EXPO делот, ќе понудат можност за воспоставување контакти со претставници на водечки компании од екосистемот на е-трговијата и создавање на потенцијални партнерства во нашата земја и регионот. На конференцијата се очекуваат над 650 учесници од целиот Балкан , кои доаѓаат од е- продавници , маркетплејс платформи за е-трговија , финансиски институции , компании за логистика , IT компании и маркетинг агенции , како и владини претставници , претставници на различни организации и претставници од академската заедница .
Фокус: Ајде малку повеќе за панелистите и клучните говорници . На кого да обратиме повеќе внимание?
Ангеловска: Секоја година се трудиме да креираме квалитетна програма и содржини за да посетителите научат нови работи , да се информираат за последните случувања , остварат нови релации и контакти и секако и да уживаат во целиот ден и активности .
Овогодинешната агенда ќе ја испорачаат искусни говорници од дома , регионот и светот. Се трудиме да имаме добар баланс на домашни и регионални говорници кои споделуваат релеватни искуства и предизвици во регионот, но и да вклучиме говорници од развиените земји кои се далеку понапред од нас со цел да пренесат знаење за најновите и идни трендови . Така годинава ни доаѓаат говорници од Open AI (креаторот на ChatGPT), Zalando, Klarna, Visa и многу други водечки компании од дома и регионот. Конференцијата ќе биде структурирана во форма на клучни предавања , панел дискусии и студии на случај . Celeste Fejzo која е AI тренер во компанијата Open AI ќе зборува за тоа како ефективно да се користат алатките за вештачка интелегенција за унапредување на работењето и зголемување на продажбите во е-трговија .
Дополнително , Бобан Љубиновски од Klarna ќе зборува за современите методи за онлајн плаќање согласно потребите на модерниот е- купувач (вклучувајќи плаќање преку QR кодови , плаќање на рати , плаќање подоцна итн .). Младен Јездиќ од Ананас Србија ќе дискутира за трендовите во логистиката и иновативните решенија кои Ананас ги нуди на српскиот пазар , како пакетомати , PuDo локации , пакетзони , а ќе зборува и за автоматизација на процесите во складишта со огромен број на производи . Покрај нив ќе има и многу други интересни говорници , но сепак оставам простор да се видат и слушнат говорниците во живо на конференцијата на 12 ноември .
Фокус: Кои нови трендови може да ги очекуваме во вашиот сектор во претстојните години?
Ангеловска: Технолошките иновации во главно ги кројат новите трендови во е-трговијата , а е-трговците мора да го трансформираат начинот на функционирње соодветно бидејќи потрошувачите тоа и го очекуваат. Овие трендови го отсликуваат постојаното развивање на е-трговијата , каде што технологијата , удобноста и искуството на клиентите ги водат иновациите . За да останат конкурентни , бизнисите треба да ги прифатат и интегрираат овие трендови во своите стратегии .
Секако најактуелна е примената на вештачката интелигенција (AI) од страна на платформите или маркетплејс за да понудат персонализирани шопинг искуства . AI- генерирани препораки , динамичко одредување на цени и прилагодена содржина базирана на однесувањето на потрошувачите им помагаат на продавачите да понудат порелевантни производи , што го зголемува задоволството на клиентите и продажбата . Чатботови и виртуелни асистенти за шопинг исто така го подобруваат корисничкиот сервис со поддршка во реално време . Потоа со порастот на паметните телефони , мобилната трговија станува доминантна .
Потрошувачите купуваат повеќе преку мобилни уреди од кога било , што ги поттикнува бизнисите да инвестираат во ‘user-friendly’ веб-страници и апликации . Социјалните медиуми како Instagram, Facebook и TikTok стануваат клучни играчи во е-трговијата преку социјална трговија . Бизнисите сега можат да продаваат производи директно преку апликации за социјални медиуми , што им олеснува на корисниците да купуваат без да ги напуштат своите омилени платформи . Овој тренд ја спојува социјалната интеракција со купувањето , што го зголемува бројот на импулсивни купувања и ја подобрува видливоста на брендовите .
Може да кажеме дека и е-трговијата преку гласовни команди , поддржана од паметни звучници и гласовни асистенти како Alexa на Amazon или Google Assistant, е во пораст во развиените и зрели пазари каде над 80% од населението пазари онлајн . Потрошувачите можат да нарачуваат производи преку гласовни команди , правејќи го шопингот побрз и поудобен . Овој тренд ќе продолжи да расте како што гласовната технологија станува попрецизна и пошироко усвоена . Технологиите за зголемена (AR) и виртуелна реалност (VR) го трансформираат начинот на кој потрошувачите купуваат онлајн , особено за модни , мебелски и козметички производи .
Мора да спомнеме и за трендовоите во доставата и плаќањето како клучни сегменти од кои и најмногу зависи задовослството на купувачите во е-трговијата . Веќе купувачите очекуваат испорака истиот ден , а употребата на технологијата е клучна со цел да се оптимизираат процесите да се зголеми ефикасноста во работењето што ќе резултира со побрза и пофлексибилна достава за купувачите . Иновации како дронови , автономни возила , роботи ќе ја обликуваат иднината во доставата .
Исто така под влијание на технолошкиот развој и променетите преференции на потрошувачите достапни се услуги како Apple Pay, Google Pay што ги претвора паметните телефони и уредите алатки за едноставно и безбедно плаќање . Со Apple Pay, на пример , корисниците можат да прават трансакции безбедно со користење на iPhone или Apple Watch, како во продавници така и онлајн . Исто така QR код базирани плаќања каде што корисниците можат брзо да купуваат со скенирање на кодови преку своите мобилни уреди . Исто така опциите „ Купи сега , плати подоцна“ , кои им овозможуваат на потрошувачите да направат купувања и да платат со одложување или на рати станува особено популарен кај помладите генерации и ја зголемува флексибилноста при плаќањето . При тоа како што дигиталните плаќања стануваат сè пораспространети , акцентот на безбедноста се зголемува . Технологии како биометриска автентикација , токенизација и силна енкрипција стануваат клучни за заштита на податоците на корисниците и за одржување на довербата во дигиталните трансакции .
Фокус: Кои се идни планови на вашата асоцијација?
Ангеловска: Е-трговијата е интегрален дел на дигиталната економија , а отклучувањето на потенцијалот е исклучително значаен за економскиот развој на земјава . Covid пандемијата значително придонесе за кревање на свеста и за тоа е-трговијата да добие значајно внимание како од бизнисите така и од државата , па нашата улога како Асоцијација стана многу повеќе видлива . Нашите планови и годишна програма секогаш произлегуваат од акутелните потреби и предизвици со кои се соочува секторот.
Затоа и ги изработуваме годишните анализи како појдовна точка за делување , односно да процениме каде сме , каде сакаме да бидеме и како да стигнеме таму. Клучните области кои и понатаму остануваат наш фокус , а се веќе неколку годишни предизвици за развојот се активности за зголемување на дигиталните вештини , намалување на сивата економија во е-трговија и зголемување на довербата во онлајн купувањето , зајакнување и унапредување на понудата во е-трговијата а од годинава ќе почнеме и со активности за подобрување на состојбата со е- плаќањата и доставата како клучни аспекти за успешна е-трговија .