Во најновиот број на неделникот „Фокус“, објавуваме интервју со вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој, меѓу другото, говори и за пругата кон Бугарија. Тој тврди дека, исто како и со автопатот кон Блаце, била избрана најтешката траса, со цел, како што вели, да се напумпа цената. Според него, треба да се изгради и оваа пруга од коридорот 8 на порационален начин, но истовремено најавува дека за период од 7 години можно е да се изгради и брза пруга по коридорот 10, по која би биле наредени економски зони како лего коцки.
Разговараше: Влатко СТОЈАНОВСКИ
ФОКУС: Зошто го сопревте процесот на изградба на пруга кон Бугарија?
НИКОЛОСКИ: Случајот има неколку елементи. Првиот и клучен елемент е предвидената цена на чинење. Тоа е 24 милиони евра по километар.
Само за илустрација, цена на чинење на брза пруга било каде во Европа со 200 километри на час е 4 до 10 милиони евра, зависно од теренот. Овде за пруга која ќе оди со 60 километри на час е 24 милиони евра.
ФОКУС: Каде тука е логиката и кое е објаснувањето?
НИКОЛОСКИ: Слично како со Блаце, избрана е најтешката траса. Не знам дали знае јавноста, но единствен начин да се изгради третата делница е само преку пруга како на каубојските филмови. Толку теренот е планински и лош, па само преку пруга може да се носат материјали, работници. Камион не може да пристапи. Невидена работа!
Логичното прашање до моите претходници е зошто тоа е така проектирано? Зошто покрај тунел кој завршува никаде проектирани се 2 тунели под Крива Паланка? Тоа ни Швајцарија не го прави. Јас се сметам за прошетан човек, но никаде во Европа и светот не сум видел да се градат тунели под градови. Има покрај градови, низ планини, но под градови нема.
ФОКУС: Имате ли вие одговор зошто тоа се правело?
НИКОЛОСКИ: Се гледа дека е пумпана цената. Ние не сме глупави да прифатиме таква пумпана цена за проект кој веројатно нема да се изгради никогаш.
Второ, зошто на проектот се пријавија само несериозни компании? Трето, зошто Бугарија не работи ништо од нивна страна?
Да поедноставам, ние сакаме и ќе ја изградиме пругата кон Бугарија, но поевтино и порационално, не вака.
ФОКУС: Според ова што го кажувате, испаѓа дека мора да се проектира нова траса.
НИКОЛОСКИ: Да, нова траса која ќе се совпадне со Бугарија. Не знам дали видовте, Бугарија рече дека индикативна цена за нивниот дел е 1,2 милијарди евра. Кај ќе ги најде Бугарија тие пари? Тоа се многу пари за било која држава. Ние трошиме 560 милиони евра, а тие 1,2 милијарди евра за пруга што ќе вози 60 километри на час.
Инаку, таква е географијата на Македонија, која е идеално поделена на два дела со реката Вардар. По Вардар одат најбитните коридори и за тие коридори светски и балкански војни се воделе во историјата. Сега ние треба да сме паметни и тоа да го искористиме.
Автопат за среќа имаме, треба да изградиме и брза пруга и буквално како лего коцки од левата и десната страна од брзата пруга да наредиме економски зони, каде ќе има фабрики кои ќе бидат основната додадена вредност во македонското стопанство, бидејќи секој што произведува ќе сака стоката брзо да ја транспортира и извезе. Таа стока ќе излегува на 2 големи пристаништа (солунското и атинското) и ќе може на брза пруга за неколку часа да е во Будимпешта, Виена или Прага.
ФОКУС: Дали оваа брза пруга треба да се поклопи со постоечката пруга или ќе се пробива нова траса?
НИКОЛОСКИ: Има проект од 1978 година, сега го открив и ова е ексклузивна информација. За некои работи колку сме се вратиле назад. Во 1978 година се проектирани 4 варијанти, од кои едната оди со 160, втората со 180, третата со 200 и четвртата со 250 километри на час. Ние во 2024 година зборуваме дали е можно? Секако дека е можно и ќе го направиме.
Атина-Солун веќе е завршено, тоа го финансираа Грција и ЕУ. Белград-граница со Унгарија е завршено, Унгарија го гради во својот дел, сега треба да се изгради Белград-Ниш, Ниш-Скопје и Скопје-Солун. За Белград-Ниш ЕУ и даде на Србија 600 милиони евра, што кредити што грантови. Сега треба да најдат финансирање за Ниш-Скопје, па ние треба да видиме со Грците да најдеме финансирање.
Мојот политички став е дека финансирањето треба да биде домашно или од ЕУ или од партнерите од НАТО Алијансата и ништо надвор од тоа.
ФОКУС: Имате ли временска проекција кога би била готова оваа брза пруга?
НИКОЛОСКИ: Ќе ви кажам една оптимистичка варијанта. Ќе ни требаат 2 години за проектирање и уште 5 години за изведба, така што доколку ВМРО-ДПМНЕ добие втор мандат до крајот на вториот мандат ќе ја завршиме.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.