Во најновиот број на неделникот „Фокус“, објавуваме интервју со вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој, меѓу другото, говори и за четирите автопатски делници што треба да ги гради конзорциумот „Бехтел-Енка“. Притоа, Николоски вели дека годинава треба да започне изградбата на најтешката траса Гостивар-Букојчани, како и Прилеп-Битола. Меѓутоа, тој изразува незадоволство од надзорот на проектот, прашувајќи како е можно на тендерот да загубат компаниите број 1 за надзор во САД и Франција од фирма од Италија, која не работи ништо во Италија, туку главниот обрт го прави во Македонија и Молдавија?
Разговараше: Влатко СТОЈАНОВСКИ
ФОКУС: Многу критики имавте за надзорот и кон постапката во која беше избран. Колку сте задоволен од неговата работа?
НИКОЛОСКИ: Сѐ уште стојам зад тоа што го зборував во опозиција дека има многу лош надзор. Надзорот треба да е заштита на државата, но не е никаква заштита. Носител на надзорот е компанијата ИРД. Ве повикувам и вас како истражувачко новинарство да ја проверите.
ФОКУС: Зошто?
НИКОЛОСКИ: Се работи за компанија која номинално е од Италија, но во Италија има нула евра обрт, односно не работи ништо во Италија, а најголем дел од обртот е во Македонија и Молдавија. И, случајно, директор за Македонија на таа компанија е поранешен вработен во моето Министерство (транспорт), што ќе се согласите дека во најмала рака е судир на интереси.
Тоа е компанија, која наплаќа 30.000 евра по месец за експерт, 25.000 по месец за експерт, за четворица експерти што го пишувале договорот и напишале лош договор за државата наплатила по 250.000 евра по експерт итн.
И, исто така, интересно е, овој предмет е во Обвинителството и се истражува, како тоа победи компанија од Италија, која во Италија не работи ништо, а не победи американската компанија „Хил“, која е број 1 за надзор во САД, или француската компанија „Ежис“, која, пак, е број 1 за надзор во Франција? Тие 3 понуди беа вкупно, и внимавајте – француската компанија имала за 6 милиони евра поевтина понуда.
ФОКУС: Како тогаш била дисквалификувана?
НИКОЛОСКИ: Поради некои ситни технички образложенија. Значи, број 1 компаниите во САД и во Франција губат од компанија од Италија која никој не ја познава!
ФОКУС: Се сомневате ли дека компанијата е параван зад која стои нечиј капитал или друг интерес?
НИКОЛОСКИ: Тоа треба да го провери Обвинителството, но јас како претставник на државата не сум задоволен што надзорот работи за нас. Еве ќе отворам уште една работа…
Истата оваа ИРД има добиено преку Светска банка средства за изградба на т.н. мултимодуларен комплекс кај Трубарево, каде што се спојуваат двете железници на коридорите 8 и 10. Само за да изработат физибилити-студија и идејно решение како тоа да изгледа во иднина, а се сведува на предлог да се потпише јавно-приватно партнерство, што во Македонија е автопат за злоупотреба на службена положба и овластување, добиваат некаде 800.000 евра.
Ова се бројни прашања околу оваа компанија кои сметам дека треба да се отворат во јавност.
ФОКУС: Имате ли решение околу надзорот или, пак, единствено може да чекате епилог од истражната постапка?
НИКОЛОСКИ: Во секоја работа го имате нарачателот, оној што плаќа, во случајов државата, го имате изведувачот и го имате надзорот. Државата и изведувачот секогаш се на спротивни страни – државата секогаш сака помалку да плаќа, а изведувачот за повеќе пари да сработи помалку. Работа на надзорот е да биде објективниот судија, кој ќе кажува каква е реалноста.
Ние сега имаме надзор кој е неспособен, надзор со кој не сме задоволни и ние и изведувачот и затоа состојбата со проектот е ваква. Ако за надзор беше избрана една од двете реномирани компании, ќе немавме проблеми зашто се работи за врвни професионалци.
Јас сопственикот на ИРД од Италија еднаш го сретнав на мое барање и не знам дали работи во театар, дали е глумец, но немам чувство дека ја разбира материјата.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.