(ИНТЕРВЈУ) Нешиќ: Победуваат политичарите што ќе ги убедат граѓаните дека ќе донесат промени

by fokus

Ненад НЕШИЌ, претседател на Демократскиот народен сојуз на Република Српска

Човекот што го собори Милорад Додик од власт во Бања Лука (како што многумина го доживуваат Нешиќ), ексклузивно за „Фокус“ зборува за отворените и најпроблематични меѓуетнички прашања во нашиот регион. Според него, премалку сме останати на Балканот за работите да ги решаваме со војна, за која смета дека ја увезуваат странските фактори. Тој прави интересна компарација на дијаметрално спротивниот однос на меѓународната заедница во македонскиот и во босанскиот случај. Тој, ваквото однесување го смета за непринципиелно и му посакува на македонскиот народ да може сам да си одлучува за својата судбина.

Разговарал: Дејан АЗЕСКИ

ФОКУС: Дали со поразот на Додик во Бања Лука, Република Српска почнува првпат вистински да се менува во последните 25 години?

НЕШИЌ: Во Република Српска живеат: пристојни, чесни и вредни луѓе, кои на своите деца им посакуваат подобра иднина, а својата земја не ја даваат. Во таа смисла ние не се разликуваме од граѓаните на која било точка во Европа. Овие денови кај нас се менува соодносот на политичките сили, а народот како и секаде со демократски средства сака да го промени начинот на кој се управува со нивните пари. Едноставно кажано, кај нас моментално се инвестира во нови луѓе и нова енергија за подобра иднина.

ПАДОТ НА ДОДИК ВООПШТО НЕ Е ИЗНЕНАДУВАЧКИ

ФОКУС: Како дојде до овие изненадувачки резултати на неодамнешните локални избори?

НЕШИЌ: Резултатите се изненадувачки само за луѓето надвор од Република Српска, бидејќи беа навикнати на една предоминантна политичка опција. СНСД на господинот Додик и ДНС што јас ја предводам беа во долгорочна коалиција, која многу добро ѝ донесе на Република Српска.
Сепак, во меѓувреме дојде до многу промени на кои СНСД не беше подготвена. Тоа го услови раскинувањето на нашата коалиција и даде огромен импулс на граѓаните да ги поддржат опозициските сили во Бања Лука и Бјелина, чии резултати одекнаа како бомба. Но, големата работа допрва претстои.

ФОКУС: Дали ваквите резултати се предвесник и за претстојните парламентарни и претседателски избори?

НЕШИЌ: Ја сум реален политичар со двете нозе на земја. Ќе победи тој што ќе ги убеди граѓаните дека ќе донесе промени. Сите луѓе се свесни дека вака веќе не оди. Најдолгите редови во нашата држава се оние пред амбасадите. Народот кој со тешки маки ја создаде Република Српска нема да дозволи нивните деца целосно да ја напуштат нашата држава.

ЗАЕДНИЧКИТЕ ПРОБЛЕМИ МОЖАТ ЗДРУЖЕНО ДА СЕ РЕШАВААТ

ФОКУС: Како сите овие промени ќе влијаат врз односите внатре во Босна и Херцеговина? Дали ситуацијата малку ќе се релаксира?

НЕШИЌ: Ситуацијата во БиХ е релаксирана до онаа мера до која политичарите сакаат да се занимаваат со интересите на сите граѓани што живеат таму. Таков пример секако не се обидите на некои политичари да ги смалат правата на дел од народот, каков што е случајот со српскиот народ во Република Српска. Прашањата, како вработување, владеење на правото, плата, поддршка на стопанството, развој на инфраструктурата, како и фаќање приклучок со развиениот свет, се нешта што подеднакво ги интересираат луѓето од сите нации и вери. Лично не дозволувам некој да го напаѓа мојот народ, но, сепак, гледам многу работи кои заеднички со другите народи би можеле да ги сработиме во интерес на сите.

ФОКУС: Кој е вашиот став за иднината на БиХ? Каде ја гледате Република Српска за 10 или 20 години? Внатре или надвор од постојната држава?

НЕШИЌ: Без Република Српска како круна на правата на српскиот народ, Босна и Херцеговина е невозможно да постои. И подобро би им било на сите да не ја уништуваат таа држава со обидите за своите неуспеси да ги обвинат Србите и Република Српска.

ФОКУС: Почетокот на падот на Додик, покрај политички, ќе има и реперкусии поврзани со расчистување со криминалот. Кои се вашите проценки и што сѐ ќе излезе на површина?

НЕШИЌ: Од Љубљана до Скопје, во повеќе прилики е покажано дека сите имаме институции кои се во состојба да се борат со криминалот кога за тоа ќе добијат одврзани раце. Јас не сум судија, обвинител, ниту полицаец. Тие борби ги оставам на нив. Јас како политичар им ветувам добри закони, чесен однос и одврзани раце да ја работат својата работа.

НЕИЗВЕСНОСТА ГИ ТЕРА ЛУЃЕТО НА МИГРАЦИИ КОН ЗАПАД

ФОКУС: Република Српска е регион од кој се иселуваат најмногу луѓе. Што е основната причина за оваа појава?

НЕШИЌ: Неизвесноста. Не се луѓето толку незрели, па да веруваат дека преку ноќ можат да живеат како во Германија или во Шведска. Но, неизвесноста – политичка, економска и етничка условува тие своето семејство да го засноваат таму каде што има помала неизвесност. Кога ќе донесеме промени и нов оптимизам во Република Српска – луѓето ќе останат на земјата за која им гинеле родителите.

ФОКУС: Кој е вашиот став по прашањето за зачувување или ревизија на Дејтонскиот договор?

НЕШИЌ: Некогаш имам впечаток дека луѓето бегаат кон ваквите дилеми бидејќи е полесно да се отвораат стари проблеми и рани, отколку да се нудат реални решенија за животот и луѓето. Повторувам, постоењето на Република Српска не може да се доведе во прашање и не е паметно за никого да ги отвора овие опасни тези. Моја партија (ДНС) никогаш не гласала за никаков пренос на надлежностите од РС кон а Сараево и така и ќе продолжиме и понатаму да се однесуваме.

Многу интересно е што истите центри на моќ сакаат да го укинат самоуправувањето на Србите во БиХ, а само стотина километри појужно во Северна Македонија да ја федерализираат државата по етнички линии.

НОВИОТ СРПСКИ ПАТРИЈАРХ ГИ РАЗБИРА СОВРЕМЕНИТЕ ВРЕМИЊА

ФОКУС: Како го коментирате изборот на новиот српски патријарх?

НЕШИЌ: Бог да го благослови. Добивме патријарх кој е фален за својата работа, кој е доволно млад да го разбере времето во кое живееме, многу образован и со одлични резултати во многу комплексната Љубљанско -загребска епархија. Сигурен сум дека е достоен на тронот на Свети Сава на кој седи.

ФОКУС: Што ќе биде со останатите регионални проблематични точки како Северно Косово или Северозападна (Северна) Македонија?

НЕШИЌ: Не постои Северно Косово. Постои Косово и Метохија, место кое за Србите е она што е Ерусалим за Евреите и место каде што земјата е најблиска до небото.
Од друга страна, на сите граѓани на Северна Македонија им посакувам сами и на демократски начин да се договорат за иднината на својата држава. Посакувам никој од нас повторно да не доживее војна. Премалку сме останати и тоа ни наметнува обврска за соработка и економски и културна размена.

Поврзани новости