(ИНТЕРВЈУ) Најчевска: СДСМ да го забави процесот за да не дозволи ескалација

Да се забави процесот и да побараме поддршка од земји кои се соочиле со обиди за асимилација, советува професорката Мирјана Најчевска во интервју за „Фокус“.

by fokus 11:11
11:11

Професорката Мирјана Најчевска во интервју за „Фокус“ зборува за спорните момементи од францускиот предлог за почнување преговори на Македонија со ЕУ, како и за начинот на кој Владата го води таканаречениот консултативен процес за предлогот.

Професорката смета дека сега е време за се подзапре и да се побара поддршка од земји кои имаат искуство со обиди за асимилација, но и за да не се дозволи ескалација на најнегативните сили кои ја влечат Македонија назад.

За тоа што можеме да очекуваме од чешкото претседатество со ЕУ и што носат протестите, прочитајте во продолжение.

Разговараше: Катерина СМИЛЕВА БОЖИНОВСКА

ФОКУС: Според Вас, кои се најспорните моменти од модифицираниот француски предлог што никако не смеат да се прифатат и колку тој всушност е модифициран?

Најчевска: Во предлогот има два посебно проблематични дела.

Првиот е прифаќањето на еднострана декларација на Бугарија во однос на македонскиот јазик.

Ова е новина која имплицитно го негира апсолутното право на самоопределување на еден народ со проблематизирање на еден од суштинските елементи на самоопределувањето – јазикот.

Вториот е поименичното спомнување на Договорот од Преспа со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија од 2017 година, како и годишните прегледи и мерки за негово ефективно спроведување според член 12).

Внесувањето на конкретни билатерални договори и посебно на конкретен член од еден од овие договори (кој понатаму треба да продуцира посебни документи на билатерално ниво кои се непосредно и посредно поврзани со идентитетот, културата, општествените односи) во генералната рамка за преговарање е спротивно на досегашната пракса на ЕУ во која преговарањето е поврзано со стандардите и вредностите на заедницата, и ја става Македонија во подредена положба во преговарачкиот процес.

И секако, најспорно во моментов е криењето на „фамозниот“ Протокол што создава основано сомневање во потезите и политиките на владејачката структура, но и во начинот на кој ќе се материјализира преговарачката рамка.

ФОКУС: Според предлогот, Македонија ќе ги почнува преговорите „на рати“. На која основа Владата може да прифати предлог во кој се согласува на промена на Устав, нешто што го прави Собранието?

Најчевска: Процесот на пристапување самиот по себе значи прифаќање на промени во законите кои сите се во надлежност на Собранието. Одлучувањето на Собранието не е загрозено на ваков начин бидејќи тоа и понатаму останува единствената институција која е задолжена за промени на законите и за донесување конечна одлука за пристапување во конкретната заедница.

Проблематично е инсистирањето на промена на Уставот како скалило во преговарачкиот процес.

Имено, за воопшто да стане кандидат држава Македонија е веќе препознаена како демократска држава, со уставно и политичко уредување кое соодветствува на генералните постулати на ЕУ, а промените кои треба да ги направи се во функција на обезбедување компатибилност со другите држави во рамките на Унијата, и таков вид на легални рамки кои обезбедуваат ниво на владеење на правото и практикување на стандардите на ЕУ соодветни за Унијата.

Во овој контекст сепак, се поставува прашањето дали воопшто ќе започнат преговорите доколку не се направат претходно уставните промени (што само по себе бара и посебно собраниско мнозинство).

ФОКУС: Може ли да биде позитивно тоа што билатералните прашања со Бугарија ќе влезат во преговарачката рамка, односно ЕУ да биде директно вклучена и одблизу да ги гледа негаторските барања на Бугарија?

Најчевска: Влезот во ЕУ е поврзан со прифаќање и почитување на одреден збир од вредности, принципи и стандарди кои ја дефинираат Унијата и кои го овозможуваат нејзиното опстојување како целина.

Вообичаено тоа е содржано во генерална рамка која потоа се имплементира во конкретни законски решенија.

Односите со соседните држави и посебно кога соседните држави се веќе членки на Унијата се исклучително важни и се секогаш објект на опсервација од страна на ЕУ.

Во пристапните рамки на различни држави присутни се одредби кои се однесуваат на решавањето на билатералните спорови. Меѓутоа овие одредби се напишани на начин со кој се изразува очекување да се разрешат билатералните спорови со поддршка на ЕУ, а не со заземање страна.

Она што е различно во случајот на билатералниот спор меѓу Македонија и Бугарија е дека станува збор за суштинско прашање кое задира во правото на самоопределување и тоа што ЕУ не се појавува во улога на некој кој го помага процесот туку главната улога ја има Бугарија (и како страна и како супервизор во спорот), а ЕУ е само надворешен коректив кој може но не мора да биде активиран.

Можеби (во едни идеални услови на позитивно расположение на Унијата кон Македонија и соодветни политички капацитети на страната на Македонија) може да се постигне сведување и амортизирање на овие прашања во рамките на процедурите, меѓутоа досегашното искуство воопшто не дава сигурна основа за едно вакво очекување.

ФОКУС: Консултативниот процес на Владата се одвива многу брзо. Колку всушност тој процес е навистина консултативен или е само про форма? Мора ли да брзаме?

Најчевска: Според мене овој “консултативен“ процес кој наводно го спроведува Владата е изнуден поради широката негативна реакција на различни кругови на македонското општество (кои Владата упорно се обидува да ги сведе на опозициските партии меѓутоа кои многу ги надминуваат партиските и/или идеолошките рамки).

Процесот ќе беше навистина консултативен доколку се разговараше за предлогот со цел и можност да бидат понудени различни решенија. Во случајов станува збор за пропагандна активност со која Владата се обидува да ги убеди граѓаните и оние кои треба да се изјаснат во конечна линија во пожелноста или, подобро кажано, неопходноста од прифаќање на предлогот.

Значи, не станува збор за консултации туку за убедување, притисок и градење атмосфера на безизлез кога секое одбивање на предлогот се поврзува со катастрофални последици.

Во моментов (посебно во светлото на преземањето на претседавањето со ЕУ од страна на Чешката Република) навистина нема потреба од брзање.

Напротив, сега е време да се подзапре, да се консолидираат напорите за презентирање на нашите загрижи, потреби и интереси наспроти бугарските и да се побара поширока поддршка од државите кои имаат искуство со ваков вид на обиди за асимилација, негирање на историскиот развој, оспорување на јазикот или насилнички однос од страна на моќните соседи. И, во ова светло, не смее да се заобиколи сличноста со актот на негирање на украинската независност, самобитност и јазик од страна на Русија (што заврши со воена агресија на Русија врз Украина).

ФОКУС: По подолго време во македонското општество се создаде голема критична маса против некое прашање. Им дојде ли на Македонците преку глава се од Преспанскиот договорот и неисполнетите ветувања на ЕУ, па францускиот предлог е само повод за револтот, а причината е подлабока?

Најчевска: За жал, не мислам дека е ова показател дека е формирана прогресивна критична маса која е насочена кон развој на државата.

Ова е критична маса на многу незадоволни граѓани (незадоволни од најразлични причини и заради многу различни лоши потези и политики на власта). Меѓутоа она што во моментов се гледа како алтернатива која се нуди од демонстрантите и посебно од политичките партии кои ги организираат протестите се стари флоскули кои го негираат современиот развој, кои немаат јасна перспектива за Македонија и во кои нема решенија на проблемите, туку едноставно искористување на моментот за подигање на политичко/партискиот рејтинг и авансирање во идни избори.

ФОКУС: Тука доаѓаме и до односот на ЕУ кон Македонија. Унијата ги прифаќа како легитимни барањата на Бугарија со кој се негира правото на самоопределување. Толку ли е силна Бугарија или на ЕУ едноставно не и е гајле за Македонија?

Најчевска: Лично мислам дека е ова многу логична последица на нашите сопствени погрешни чекори направени во однос на Бугарија во изминатите години.

Во ситуација кога е очигледно дека владејачката структура е спремна да се согласи со предлози кои ја ставаат Македонија во подредена положба во процесот на пристапување кон ЕУ споредено со другите држави кои го поминале пристапниот процес, ЕУ нема причини да врши притисок врз Бугарија и да ги усложнува внатрешните односи во Унијата.

На почетокот на спорот со Бугарија и посебно после вулгарните националистички испади на високи функционери во Бугарија, како и јасно искажаните несогласувања на Македонија со понудените решенија, многу од државите членки на Унијата застанаа на страната на Македонија, искажаа поддршка и разбирање за проблемот со кој се соочува.

Меѓутоа очигледно во натамошните настапи на македонските државници и македонската дипломатија тие видоа дека со леснотија можат да бидат променети овие навидум цврсти ставови и едноставно тргнаа по линија на послаб отпор.

ФОКУС: Што ќе се случи ако Македонија го прифати предлогот, а што доколку го одбие? Може ли Владата предводена од СДСМ при ново закочување на процесот да се претвори во Владата на Груевски после Букурешт?

Најчевска: Според мене, доколку Македонија го прифати ваквиот предлог голема е веројатноста или да влеземе во процес без видлив крај, или пак (што е многу поверојатно) на секој чекор од пристапниот процес да бидеме приморани да правиме нови и нови отстапки, да бидеме уценувани и доведени во уште понезавидна ситуација која секогаш ќе се сведува на се’ или ништо, на сега или никогаш, на земи или ќе пропаднеш.

ФОКУС: Ескалираа протестите против францускиот предлог. До каде може да оди ескалацијата доколку власта го помине предлогот во Собранието со просто мнозинство?

Најчевска: Протестите беа очекувани, меѓутоа според моето мислење нивната позадина е многу малку поврзана со вистинско познавање на работите, со јасна претстава за наредните чекори, за алтернативите кои стојат на располагање и со реална можност на организаторите да понудат соодветен и посакуван резултат (во насока на ЕУ, а не во насока која се оддалечува од ЕУ).

Очекувана е и поголема ескалација која ќе јава на бранот на национализмот и која во никој случај нема да води кој ЕУ.

Лидерот на Левица на завчерашниот протест

ФОКУС: Како го оценувате однесувањето на предводниците на протестот, Мицкоски и Апасиев во целиот процес?

Најчевска: Тие се на нивото кое и до сега го покажаа.

Тоа е многу ниско ниво кое е во голема мера под влијание на Русија (што е најверојатно најстрашниот меѓутоа и посакуван резултат од блокадата која доаѓа од страна на Бугарија ако се има предвид проруската ориентација на претседателот на Бугарија, Радев и податоците за големо влијание кое и во моментот го има Русија во Бугарија). Може да се каже дека има видлива сличност (до ниво на истоветност) на постулатите што Тодор Живков ги зацртува во периодот 1963 – 66 година со овие на Радев.

Ова и е една од причините заради кои СДСМ треба да најде сили да го забави процесот, да побара нови решенија, и да не дозволи избрзани потези да доведат до ескалација на најнегативните сили кои ја влечат Македонија наназад.

ФОКУС: И за крај, може ли да очекуваме поинаков однос од претседателството на Чешка?

Најчевска: Чешка од секогаш била и очекувам и во иднина да биде голем пријател на Македонија.

Тоа е држава која има огромно искуство со насилниот однос на поранешниот СССР, со долготрајната борба за ослободување од ова влијание, за сопствен пат во развојот, заштита на своите посебни интереси и потреби и различната перцепција на историјата и историските настани.

Мислам дека Чешка има исклучителен сензибилитет за прашањата со кои се судираме во односите со Бугарија и дека може да очекуваме објективен и пријателски настроен субјект кој би создал простор за разговор во атмосфера на рамноправност.

И овде има едно меѓутоа. Имено, во моментов Чешка е преокупирана со Украина (што е многу разбирливо) и прашање е дали и во која мера прашањата поврзани со проширувањето и спорот на Македонија и Бугарија ќе најдат соодветно место во рамките на претседавањето со Унијата.

Поврзани новости