(ИНТЕРВЈУ) Муцунски: Дијалогот со О’Брајан се одвиваше во демократска, конструктивна и позитивна атмосфера

Во текот на разговорите се согласивме околу потребата за засилен напредок во евроинтеграциите, проследено со интензивирање на реформските процеси во државата и неопходноста и можностите за унапредување на сестраната меѓусебна партнерска соработка, која е од заеднички интерес, вели Тимчо Муцунски за „Фокус“.

by Фокус

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалник на Аеродром, Тимчо Муцунски, во интервју за најновиот број на неделникот „Фокус“ вели дека кога станува збор за решавање важни прашања од надворешната политика, ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија секогаш држела до ставот дека нашата држава е самостоен, суверен, независен и рамноправен меѓународен субјект. Но, додава тој, истовремено стојат на ставот дека, како досега, така и во иднина ќе се придржуваат кон јасно воспоставените долгорочни стратешки надворешно-политички приоритети, меѓу кои најзначајни се членството во НАТО и ЕУ.

Разговараше: Дејан АЗЕСКИ

ФОКУС: Бевте лично присутен на веќе историската средба со високиот функционер на американскиот Стејт департмент, Џејмс О’Брајан. Дали навистина со претседателот Мицкоски е создаден личен анимозитет и дали тоа може да влијае врз процесите на формирање влада?
МУЦУНСКИ: Точно е дека со претседателот проф. д-р Христијан Мицкоски имавме средба со високиот функционер на американскиот Стејт департмент и по моја оценка на истата беа разменети разумни мислења и ставови во однос на поголем број важни прашања, а дијалогот се одвиваше во демократска, конструктивна и позитивна атмосфера.

Во текот на разговорите се согласивме околу потребата за засилен напредок во евроинтеграциите, проследено со интензивирање на реформските процеси во државата и неопходноста и можностите за унапредување на сестраната меѓусебна партнерска соработка, која е од заеднички интерес.

Пласирањето невистинити информации за наводно создавање некаков личен анимозитет меѓу високи политички претставници на странски држави и наши високи партиски претставници е непотребна злоупотреба на медиумскиот простор, и тоа не само што не е во интерес никому, туку остава простор за шпекулации, дезинформации и непотребна поларизација.

ФОКУС: Што по изборите и потенцијалната ваша победа? Дали ВМРО-ДПМНЕ ќе оди на интензивна дипломатска офанзива за промена на францускиот предлог или, пак, ќе се применува старата тактика од времето на Груевски на долгогодишен статус кво?
МУЦУНСКИ: Кога станува збор за решавање важни прашања од надворешната политика, ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија секогаш држела до ставот дека нашата држава е самостоен, суверен, независен и рамноправен меѓународен субјект, кој високо го цени и применува меѓународното право и принципи и кој особено се грижи за заштитата на националното достоинство, идентитет, историски, културни и традиционални вредности и заштитата на човековите права и слободи.

Исто така, цврсто стоиме на ставот дека, како досега, така и во иднина ќе се придржуваме кон јасно воспоставените долгорочни стратешки надворешно-политички приоритети, меѓу кои секако најзначајни се членството во НАТО, членството во ЕУ (кое се надеваме дека ќе се реализира со најбрза возможна динамика), силна мултилатерална активност и градење добри билатерални и партнерски односи во регионот и пошироко.

Овде ќе потсетам дека ВМРО-ДПМНЕ пред прифаќањето на т.н. француски предлог ги понуди своите услуги за најнепосредно учество во консултациите и преговорите, како не би се случила тоа што се случи – билатерализација на нашиот преговарачки процес, за што власта немаше никакво чувство на одговорност, но и доволно дипломатски капацитет, знаење и умешност и во понатамошниот процес пред почнување на реалниот преговарачки процес со ЕУ го прифати условот за промена на Уставот на РМ.

Со таквиот неодговорен однос, власта ја стави целата држава во заложништво од која незавидна ситуација со голема веројатност соодветно решение ќе мораат да бараат ВМРО-ДПМНЕ и неговите коалициски партнери.

ФОКУС: Сепак, сите меѓународни претставници велат дека овој пакет што е на маса треба да се прифати или остави, односно дека нема простор за промени.
МУЦУНСКИ: Ќе ве потсетам дека во насока на наоѓање легален и легитимен излез од оваа ситуација, дополнително го понудивме хрватското решение, за кое најпрвин зборуваше токму власта, но подоцна ретерира.

Понудивме и друго решение за одложена примена на уставните измени, што не би требало да биде спорно, бидејќи сите држави кои пристапуваат во полноправно членство вообичено ги прават уставните измени непосредно пред самиот прием, но и тоа беше отфрлено.

Исто така, побаравме да бидат обезбедени и дополнителни гаранции за Република Македонија, дека во преговарачкиот процес нема да бидат поставувани и други дополнителни билатерални услови, со што ќе биде многу поизвесен нашиот иден пат и напредокот кон полноправно членство.

Основната причина за нашиот умерено резервиран став се долгогодишните непринципиелни условувања кон нашата држава постојано поставувани од страна на дел од нашите соседи, а кои се бараат единствено и ексклузивно од нас, не заборавајќи дека токму поради таквите постојани притисоци веќе го променивме нашето знаме, уставно име, и во неколку наврати нашиот Устав.

Секако дека ќе мора сериозно да ги следиме и анализираме најновите геополитички случувања, силните глобални политички, безбедносни и економски предизвици и очекувани реформски процеси во рамките на ЕУ и во тој контекст бргу и ефикасно да се прилагодиме преку градење конзистентна надворешно-политичка стратегија, пред сѐ, заснована на нашиот национален интерес и со силно почитување на демократските европски вредности и принципи.

Таквиот пристап ќе ни овозможи во најкраток можен рок да ги оствариме најважните стратешки надворешно-политички приоритети на државата, кои детално ќе бидат опишани во нашата програма и реализирани откако ќе ја преземеме власта во државата.

Поврзани новости