(ИНТЕРВЈУ) МПЦ ќе го добие томосот и ако БПЦ не ја признае!

by fokus

Универзитетскиот професор и поранешен директор на Комисијата за односи со верските заедници, професор доктор Цане Т. Мојаноски во разговор за „Фокус“ ги објаснува сите прашања во однос на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА). Што доколку Бугарската православна црква (БПЦ) не ја признае автокефалноста и зошто Српската православна црква токму сега реши да ја признае МПЦ-ОА?

Разговараше: Катерина СМИЛЕВА БОЖИНОВСКА

ФОКУС: Според Вас, зошто СПЦ одбра да ја признае МПЦ баш во овој момент?

МОЈАНОСКИ: Има повеќе фактори. Прво, во СПЦ се промени еден дел од црковната ерархија, која повеќе или помалку беше поддржувач и прифаќаше определени гледишта кои се поблиски до световните гледишта отколку до црковните. А, се однесуваа на пример, за стратегијата за српските земји која може да се препознае во некоја од доктрините кои се присутни меѓу балканските земји кои се нарекуваат големодржавни концепти. Таа беше во унисон во концептот на Руската православна црква чија доктрина се нарекува „Руски свет“, во која руската црква смета дека таа треба да го организира православниот живот на луѓето кои се блиску до руската култура и јазик.

Второ, во овој период има значителен број поместување кои се случуваат на Балканот во последните десетина година. Тоа можете да го видите во однос на позиционирањето на земјите во однос на одделни организации и вредности како евроатланските интерграции.

ФОКУС: Кој е клучниот фактор во целиот процес?

МОЈАНОСКИ: Клучен фактор е иницијативата на вселенскиот патријарх да го отвори прашањето на МПЦ како резултанта на обраќањето на МПЦ-ОА и обраќањата на политичките водства на Македонија. Катализатор на тоа прашање е одлуката на Вселенската патријаршија од деветти мај, кога таа се определува во апелациска постапката да ја симне шизмата и да ја прими во канонско единство.

ФОКУС: Постои ли опасност Бугарската православна црква да не ја признае автокефалноста на МПЦ-ОА, со оглед на тоа што тие Охридската архиепископија ја сметаат за своја претходничка?

МОЈАНОСКИ: Ако ја погледнеме нивната практика дека се што е до 1944 година го присвојуваат како сопствен дел од историјата, такво поведение е можно. Но, што ќе значи за МПЦ-ОА ако една патријашија не ја прифаќа? Веројатно тоа прашање ќе стои оторено какошто стои отворено прашањето за други православни цркви.

Тоа нема да ја намали можноста МПЦ да е составен ден од православната екумена, да општи со неа. Во текот на јуни, нашиот архиепископ ќе богослужи на Фанар со вселенскиот патријарх. Да се надеваме дека таква заедничка литургија во иднина ќе стори и Бугарската православа црква.

ФОКУС: Без разлика кој ќе биде ставот на Бугарската православна црква, тоа нема да влијае на доделување на томосот?

МОЈАНОСКИ: Апсолутно. Тоа е прашање кое во јавноста создава забуни. Во православната црква долго време се заговараше идејата автокефалноста да се поврзува со консензусот на сите православни цркви. Тоа решение не стапи во сила што значи дека важечко правило е дека вселенскиот патријарх на основа на поднесокот, во случајот на СПЦ, дека ја поддржува и прифаќа автокефалноста на МПЦ-ОА ги известува другите помесни цркви. Тие потоа, секоја поединечно, ја вклучуваат таа црква во литургиите.

ЦЕЛОТО ИНТЕРВЈУ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК

 

Поврзани новости