Во двобројот на неделникот „Фокус“, кој излегува за 2 Август – Илинден, објавуваме интервју со премиерот Христијан Мицкоски, кој, меѓу другото, истакнува дека има многу индиции и сомнежи за крупен криминал во режија на неговите претходници од СДСМ и ДУИ.
Разговараше: Влатко СТОЈАНОВСКИ
ФОКУС: Подолг период наназад, Вие и вашите соработници јавно говорите за капиталот што го стекнале ДУИ и неговите водачи, често говоревте за „епски криминал“ на претходната влада на ДУИ и СДСМ, а последно обвинивте дека при ребалансот на буџетот, сте утврдиле дека 200 милиони евра се украдени. Како е можно тоа? Кој ги украл и каде завршиле тие пари?
МИЦКОСКИ: Прво да Ве коригирам, да бидеме прецизни – јас реков капиталот што е резултат на 20-годишното владеење. Дали е криминално стекнат, има органи што треба да кажат. Говоревме дека имаме индиции и докази за епски криминал.
Инаку, многу е едноставно. Ако вие имате недостиг од 5 милијарди денари, што е повеќе од 80 милиони евра, за да се исплатат редовни пензии, зборувам за редовни пензии, без оние 2 пати годишни усогласувања согласно законот, без покачувања…
И, кога ќе видите во одредени други институции, каде што се финансираат одредени проекти, кои беа од суштинско значење и важност за ДУИ пред сѐ, но и за СДСМ, тогаш доаѓате до заклучокот дека некој овде свесно го злоупотребил буџетот за да финансира проекти, преку кои постојат основани сомневања дека тие пари биле злоупотребени. На терен, не гледаме реализација и прогрес на тие проекти.
ФОКУС: На кои проекти поточно мислите?
МИЦКОСКИ: Пред сѐ, мислам на проектите поврзани со изградбата на Коридорот 8 и 10-Д.
Понатаму, ако видите дека во „Национални шуми“ ви недостасуваат половина милијарда денари, значи над 8 милиони евра средства направени за долгови итн., и кога ќе видите дека фактурите се двојно, тројно поголеми од вообичаените, тогаш си го поставувате прашањето – чекајте, некој овде се обидел да злоупотреби.
ФОКУС: Значи, според Вас, не станува збор за недомаќинско однесување, туку за злоупотреби?
МИЦКОСКИ: Апсолутно! Јас разбирам дека на тендер може да има 15, 20 проценти повисока цена, еве и 25 проценти, ама не 200 проценти. Тоа е невозможно, тоа не е нормално.
Ако правите проект од капитално значење, како што е пругата кон Бугарија, и ако тој проект ви завршува во мртва улица или на половина тунел, без да има извесност како понатаму би се развивал…
И ако за тој проект треба да потрошите 560 милиони евра, од кои 360 милиони евра се пари на македонските даночни обврзници, а 200 милиони евра грант или пари на европските даночни обврзници, по принципот на Ред ФИДИК… А секој инженер што работи со Ред или Црвен ФИДИК, знае дека тој проект преку пенали може да порасне и до 750-800 милиони евра.
Ако потрошите половина милијарда евра народни пари за 24 километри, 22 тунели да направите, да влезете во Крива Паланка и да урнете 20 куќи и 20 семејства да ги иселите, и да завршите во мртва улица, односно на половина тунел, не е нормално.
ФОКУС: Вие дефинитивно ли се откажувате од овој проект?
МИЦКОСКИ: Не, проектот има логика, но не вака како што е. Инаку има логика, бидејќи е стратешки проект, дел од Коридорот 8, проект кој ја поврзува трансферзалата Италија-Албанија-Македонија-Бугарија, договор кој го потпишаа министрите за одбрана на овие земји-членки на НАТО Алијансата и коридор важен за НАТО.
Но, ако гледате дека од овој коридор само вие правите 24 километри за 750-800 милиони евра, а друго ништо не е направено, и завршувате во мртва улица, си го поставувате прашањето зошто ова да го правам, преку компанија како што е „Македонски железници“ – Инфраструктура и Транспорт, која за 3 пати во рок од 2 години го намалила обемот на своето работење, генерира загуби, од буџетот им префрламе плата.
А, од друга страна, кога притоа го игнорираме Коридорот 10, не го модернизираме, таму возовите се движат со 40 километри на час, немаме исправна локомотива, немаме доволно вагони, тогаш се однесувате душмански кон државниот капитал и работите наспроти интересите на државата.
Плус, има и основано сомневање дека наметнувате подизведувачи со двојно-тројно повисоки цени, со што ги испумпувате средствата на граѓаните.
ФОКУС: Многу вакви обвинувања испорачавте за АД ЕСМ во врска со јавните набавки за потребите на РЕК Битола, а рековте дека со последните 2 сомнителни тендери, лично ќе се занимавате. Го правите ли тоа?
МИЦКОСКИ: Да, се занимавам! Сега-засега се занимавам информативно, собирам податоци и тие се фрапантни. А, откако ќе дојде до промена на раководството и подлабоко ќе навлеземе.
ФОКУС: И што ви покажа првичниот увид?
МИЦКОСКИ: Во овој момент, можам да кажам дека само во РЕК Битола, од втората половина на 2021 година, заклучно со мај 2024 година, се однесени отприлика 1 милион и 600 илјади тони јаглен. Бидејќи точно се знае од рудникот колку е транспортот, тоа е 8,5 евра по тон, колку во рудникот чини рудата, колку таа се продава во РЕК Битола… Само во овој период, само за оваа зделка доаѓам до фрапантен податок дека разликата е околу 40 милиони евра.
Јас ќе повторам – разбирам да заработите 10 проценти, 20, еве многу сте вешт, па да заработите 25, но не можам да разберам да заработите двојно или тројно. Тоа е грабеж и не е етички. Ниту еден нормален и чесен бизнисмен не би се нафатил на таква зделка.
Да не ги коментирам индициите, каде што 10, 12 евра по тон завршувале, во кои политички партии, кај кои политички моќници. За тоа нема да коментирам додека не го потврдиме, ама многу бргу и тоа ќе го потврдиме.
И тоа е само еден проект, вториот проект е за Осломеј, каде што, исто така, стотици тони се носени од друг рудник од Албанија, и таму кога ќе видиме кои се фирмите што го носеле, како го носеле, ќе дојдете до фрапантен заклучок. Можеби не за 40 милиони евра, но за 14-15 милиони евра сигурно.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.