Во двобројот на неделникот „Фокус“, кој излегува за 2 Август – Илинден, објавуваме интервју со премиерот Христијан Мицкоски, кој, меѓу другото, говори и за изборниот резултат од денешна перспектива, за односите во владата, за состојбите во опозицијата…
Разговараше: Влатко СТОЈАНОВСКИ
ФОКУС: Од денешна перспектива, како го оценувате изборниот резултат? Дали убедливата победа треба да ви биде причина за задоволство или, пак, можеби причина за страв, бидејќи на секоја власт ѝ треба силна опозиција како коректор?
МИЦКОСКИ: Го очекував ваквиот резултат и тоа го зборував во јавноста. Ако гледаме низ призмата на партискиот интерес, нормално дека сум задоволен. Но, тоа не ме прави среќен, зашто овој резултат е одраз на многу лошата состојба во државата и разочараните граѓани.
Во суштина, тоа е одраз и на неуспехот на претходната влада на СДСМ и ДУИ, бидејќи ако тие биле добри и ако била подобра состојбата во државата, сигурно немало да го имаме тој резултат и да биде толкава победата.
Така што, низ призмата на партиски интерес сум задоволен, но низ призмата на државен интерес разочаран сум и не сум среќен. Од друга страна, мотивиран сум, зашто работите мора да ги смениме, граѓаните тоа го очекуваат.
Нема да ја коментирам опозицијата, тие менуваат низ еден специфичен циклус, претпоставувам ќе следи внатрешна катарза, иако првите индиции не се такви. Ќе го имаат првиот тест следната година на локалните избори и ќе видиме што ќе биде.
ФОКУС: Вие не сакате да ја коментирате опозицијата, но Вашата партија држи пресови за СДСМ и за новиот лидер Филипче, кого ВМРО-ДПМНЕ го нарекува „брат по криминал на Заев“. Оттука, дали очекувате тој да води автономна политика, а СДСМ да биде конструктивна опозиција?
МИЦКОСКИ: Очекувам (Венко Филипче) да води автономна политика. Сепак, мислам дека шансата за прв впечаток ја испушти. Откако беше избран, логично беше да се претстави пред авторитетите на државата, како што тоа го направив јас во јануари 2018 година. Да побара средба кај претседателката (Гордана Сиљановска-Давкова), кај мене како премиер.
Така беше тогаш, јас кога бев избран. Побарав средба кај тогашниот претседател Ѓорге Иванов, кај тогашниот премиер Зоран Заев. Таа шанса Филипче ја пропушти, а не верувам дека има втора шанса за прв впечаток, па ќе видиме како понатаму ќе се развива како претседател на СДСМ.
ФОКУС: Кого впрочем сега сметате за најголем конкурент или најголема опасност во опозицијата, зашто на овие избори работата малку се измеша, бидејќи СДСМ претрпе драстичен пад, а во подем е Левица?
МИЦКОСКИ: Според бројките, тоа е СДСМ. Не би се сложил дека има напредок кај другата опозициска партија што ја споменавте (Левица), барем тоа не го говорат анкетите. Сега, дали доколку би имало избори, тие би оствариле подобар резултат или не би оствариле, не знам, но бројките не го говорат тоа.
Ценам дека ВМРО-ДПМНЕ е во континуиран раст, врз основа на бројките од анкетите што редовно ги правиме, а правиме најмалку 2 анкети месечно, сега и повеќе. Барем еднаш неделно испитуваме атрибути што ни се важни. Емпириката во политиката е многу важна, за да знаете дали тоа што го работите го работите вистински или не. Нас нѐ плаќаат граѓаните и нивното мислење ни е најважно.
Врз основа на тие анкети и бројки, ние имаме пораст. Доколку сега би се случиле повторно избори, не би се изненадил со број на гласови како коалиција од 450 илјади. Значи, од оние 437 илјади, не би се изненадил ако би отишле на 450 илјади.
Мислам дека СДСМ, врз основа на овие параметри, би бил под 125 илјади гласови, а Левица и ЗНАМ би биле тука некаде плус-минус 3 до 5 илјади гласа. А, во албанскиот блок би била изедначена трката, по стотина – 110 илјади гласови би добиле ДУИ и ВЛЕН.
И покрај историски најслабиот пик на СДСМ, сепак, тие би биле најголема опозициска партија.
ФОКУС: Колку сте задоволен од досегашната соработка со ЗНАМ и дали формирањето на оваа партија е ваш проект, како што обвинува дел од опозицијата, а истото обвинувања го испорача и ваш поранешен функционер?
МИЦКОСКИ: Соработката со ЗНАМ во овие 30 дена е коректна, задоволен сум од комуникацијата со претседателот на партијата Максим Димитриевски и со членовите на Владата, Горан Минчев и Игор Филков.
Ако гледаме историски, вакви процеси во СДСМ се случувале во минатото, ќе ве потсетам и на НСДП. ЗНАМ е проект, пред сѐ, на незадоволните членови и поранешни функционери на СДСМ, кои со време логично е да магнетизираат и други граѓани, партиски неопределени и некогашни приврзаници на други партии.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.