Владата со кратење на буџетот на Македонската информативна агенција (МИА) ги укина дописничките места од Брисел, Вашингтон и Атина.
„Фокус“ разговараше со Тања Милевска, новинарката која беше дописник на МИА од Брисел за причините за укинувањето, како и за состојбата во МИА.
Милевска вели дека Владата преку МИА сака да ја спроведува својата пропаганда и дека е тргната по стапките на поранешната влада на Никола Груевски, а таа како професионален новинар никако не им одговарала.
Разговараше: Катерина СМИЛЕВА БОЖИНОВСКА
ФОКУС: Кога ви соопштија дека го укинуваат дописничкото место од Брисел и кое беше образложението?
МИЛЕВСКА: Официјално ни соопштија две до три недели пред истекувањето на договорите. Како и да е, не ни оставија многу време. Ние знаевме, имаше најави дека ќе се крати буџетот. Тогаш и ССНМ имаше реакција дека кратењата не треба да се однесуваат на вработените.
Знаевме дека нешто ќе се случи, но не знаевме што точно. И во текот на декември дознавме дека се укинуваат три дописнички места: Атина, Брисел и Вашингтон.
ФОКУС: Кое е вашето мислење: што може да биде мотивот да укинување на дописничко место од Брисел?
МИЛЕВСКА: Јас сум уверена, немам никаква дилема дека да бев држач на микрофон на Владата, ќе бев поштедена. Немаше да има проблем ако ја играв таа игра на портпарол на Владата и препишувач на соопштенија. Како што и оваа Влада, како и претходната: сака од МИА да биде владино гласило, не сака професионално новинарство. Тоа за мене е апсолутно јасно. Не можеа само едно место да укинат, тоа ќе беше незаконски, па затоа ги укинаа сите.
Проблемите почнаа со мене во јули, со францускиот предлог и со Бугарија. Јас тогаш си ја работев работата, ги поставував прашањата коишто треба и за кои јавноста во Македонија бара одговори. Како тоа одеднаш тој предлог не беше прифатлив, па потоа стана прифатлив…
Тие прашања ги поставував и на прес конференција каде што беше и премиерот Ковачевски. Секако дека го кажав и своето мислење. Моите новинарски текстови останаа чисто неутрални, но јас имав мислење на социјалните мрежи и надвор од нив, кое не беше тајна. А, тоа е е дека и понатаму сметам дека францускиот предлог е неприфатлив.
Од тој момент започнаа напади од страна на власта. Тоа оди преку нивните тролови на социјалните мрежи, од некои фаци од типот на Никола Наумовски, коишто добиваат задача од штаб да дискредитираат. Апсолутно истата шема како во време на ВМРО-ДПМНЕ.
Потоа полека стана се позаострено, затоа што не успеаја да ме заплашат со нивните стандардни методи. Почнаа да ме бојкотираат, со тоа што секое доаѓање во Брисел, јас не бев повикувана на настаните, никаква комуникација, на блок ме стави цела Влада. Што на МИА и одговараше, бидејќи МИА не сака да поставувам прашања.
ФОКУС: Но, како се укинува дописничко место од Брисел во моменти кога ЕУ интеграциите се во фокусот и, како што власта тврди, нејзин главен приоритет?
МИЛЕВСКА: Во текот на јули или август кога поставив прашање за македонскиот јазик, прашање што и понатаму останува неодговорено и предмет за пропаганда за СДСМ, тоа толку многу им засмета, полудеа.
Да, Владата тврди дека ЕУ интеграциите и се главен приоритет, но сака тоа да биде направено согласно нејзиниот ПР и согласно нејзината владина пропаганда.
Во ниеден случај оваа Влада нема намера да ја европеизира Македонија и да доволи вистинско професионално новинарство. Ова не е само МИА, ова е и случајот со враќањето на владините реклами.
Апсолутно гледам една репетиција на Груевски, помалку успешна. Им беше цел да се ослободат од мене. Мене ми одговара, затоа што не можам да го работам она што треба професионално.
Исто така, треба да се каже дека МИА ме става во ситуација: не те бркаме, туку го укинуваме дописничкото место кое е теренски додаток, коешто не се плаќаат придонеси, а всушност решението за плата кое ми е на неопределено мене ми останува. А, тоа решение е со 400 евра плата. 400 евра плата во Брисел е таков еден срам, за новинар со 16 години искуство, високо образование и диплома во еден од најпрестижните белгиски универзитети, тоа е срам за Македонија.
Ми велат врати се во Македонија за плата од 400 евра. Не знам тоа како правно ќе се реши, ќе видиме сега од јануари.
Се работи за перверзни, недемократски финти коишто ги спроведуваат директори од типот на Драган Антоновски, кој ги гази работничките права, а доаѓа од синдикат.
Единствено што и е важно на оваа Влада во однос на ЕУ е тоа да го искористи за да врши пропаганда и да вели: леле ние почнавме преговори, кога не ги почнавме и сега нема да има никој во Брисел којшто ќе напише дека преговорите не се почнати.
ФОКУС: Мислите дека во иднина повторно ќе пратат дописник во Брисел, само тоа да не сте вие?
МИЛЕВСКА: Не ја исклучувам можноста да пратат свој дописник којшто ќе биде владин портпарол. Може да им засмета тој момент, како што велиш, ем ЕУ им е приоритет, ем немаат допсник во Брисел. Плус, имаа проект со European News Room во кој МИА има земено доста пари и треба да има дописник во Брисел за да учествува во тој проект. Тоа е нешто што новинарите на терен треба да го разработат.
Така што, можеби ќе пратат нивен владин пропагандист, сдсмовски Нонковиќ, нешто од тој тип. За да може да кажат ете имаме дописник. Ќе биде интересно како ќе го објаснат тоа како одеднаш сега имаат пари за дописник. Исто така, мене не ми плаќаат ниту сместување, ниту превоз, ниту телефон, никакви сметки. На службен пат ме имаат праќано без осигурување. Да почнам да вадам колку е труло во МИА, можеме да разговараме до утре сабајле.
Ете, ќе биде интересно ако и кога ќе се решат да пратат друг дописник за да покажат колку се посветени на ЕУ. Тогаш повторно ќе биде јасно дека јас им бев проблемот, јас како професионален новинар. Тоа значи сите професионални новинари се проблем. И понатаму Македонија повторно оди кон груевизација.
ФОКУС: Споделивте дека во последните месеци не сте можеле професионално да известувате и работите: каква беше уредувачката политика на МИА во последните месеци?
МИЛЕВСКА: Уредувачката политика на МИА секогаш била иста, само што стана повидлива во последните месеци, дека ова е една обична владина агенција. Дека нема професионално новинарство во МИА, тоа го знаат и новинарите внатре во МИА. Но, со оглед дека работничките права им се катастрофални, тие се уплашени. Не ги обвинувам нив, условите се такви што не се во можност да се побунат за оваа срамна уредувачка политика на МИА, за којашто се одговорни Драган Антоновски и неговата десна рака Ана Цветковска, којашто му ја врши валканата работа.
Јас кога добив понуда за МИА, кога разговараме, прифатив од побуди дека Македонија се европеизира, се роди некоја надеж. Прифатив лоши услови со надеж дека ќе се подобри. И бев доволно наивна да верувам дека СДСМ е демократска партија.
СДСМ е ВМРО, само со други бои и друго име.
ФОКУС: Во која насока ви бараа да известувате?
МИЛЕВСКА: Во која насока ми бараа да известувам? Не ми даваа да поставувам прашања. Се почна од тоа прашање за македонскиот јазик.
ФОКУС: На кој принцип работевте во Брисел: дали имавте канцеларија или работевте „од дома“ со тоа што МИА ви ги покриваше трошоците за живот и плата?
МИЛЕВСКА: Немав канцеларија. Работев од прес сали на институции, од дома… Ниту еден трошок не ми беше платен. Со Ковид кризата ми ја скратија платата којашто овде… Само кирија за мал еднособен стан е 900 евра. Претходно кога се праќале дописници, се праќале со платена кирија, сметки, авионски карти за Македонија.
Тие ја имаа таа среќа да имаат врвен новинар со огромно искуство по ЕУ прашања, да го третираат како почетник и јас да бидам доволно наивна да верувам дека работите ќе се подобрат.
Потоа се создаде European News Room, проектот финансиран од Европска комисија. За тоа дојдоа Антоновски и Цветковска да се сликаат, да си прават ПР. И тие отворија канцеларии во Брисел, за коишто ЕК плаќа.
Имаше еден настан каде присуствуваа сите агенции кои беа дел од проектот, 15 агенции. МИА беше единствената за која не пишуваше Македонија, ниту македонски. Немавме ни име, ни придавка. Антоновски и Цветковска гордо се шетаа со беџ за којшто не се знаеше од која држава доаѓаат.
Јас со големо задоволство заминувам во нови проекти и едвај чекав да си одам, бидејќи не можам да вршам пропаганда ниту за едни, ниту за други.
МИА оди кон пропаст. Како што била секогаш пропадната. Ветувањата на Драган Антоновски останаа лажни ветувања. Сега останува на вас новинарите во Македонија и во МИА да се борите. Со среќа.