(ИНТЕРВЈУ) Меџити: На ДУИ му помина рокот, опозицијата ќе настапи заедно и ќе победи на изборите!

Сакаме да донесеме конкуренција во албанскиот кампус, тоа недостигаше досега. Немаше силна опозиција како коректор, па се надминавме себе си и со добра понуда овојпат ќе донесеме и победа и нова ера на политичката сцена кај Албанците, вели лидерот на ДД Изет Меџити за „Фокус“.

by Фокус

Пратеникот Изет Меџити, поранешен висок функционер на ДУИ кој по несогласувањата со партискиот врв формираше нова партија – Демократко движење, во интервју за најновиот број на неделникот „Фокус“ вели дека веќе имаат постигнато договор со опозициските Беса и Алтернатива за заеднички настап на следните избори, на кои ќе истрчаат со заеднички претседателски кандидат и пратенички листи. Воедно, тој го повикува и лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари да им се приклучи во обединетиот опозициски фронт.

Разговараше:
Влатко СТОЈАНОВСКИ

ФОКУС: Дали работите на партиска програма, со која би настапиле на изборите?
МЕЏИТИ: Краток период по нашето формирање, дојде до обединување на опозицискиот албански блок, што е нова вредност и ја носи конкуренцијата што досега недостигаше во албанскиот кампус. Во принцип, работиме и на подигнување на структурите на ДД, но и да се оформи и зајакне коалицијата. Веќе е договорено дека на следните избори ќе излеземе со заедничка листа со пратеници и програма.

Фокусот е на економијата, правниот систем, борба против корупцијата. Ќе покажеме дека нема да бидеме класична опозиција, само преку препукување и критики. Власта, особено албанскиот дел, целосно заборави на програмата, ветувањата од 2020 година. Малку им беше тоа, па забегаа и влегоа да им штетат на граѓаните со бизнисот со казината, со лихварство преку брзи кредити. И во други делови забегаа и преминаа во мафијашки клан.

ФОКУС: Дали очекувате и се подготвувате за споени или одвоени избори?
МЕЏИТИ: Во интерес на државата и во ваква економска состојба, мислам дека не треба да правиме дополнителни трошоци. Изборите да бидат заеднички, а нашата коалиција договорено е да настапи со заеднички листи, претседателски кандидат.

Анализираме повеќе кандидати и од рамки на партиите и од надвор. Ќе биде заеднички компромисен кандидат, кој ќе ги претстави Албанците на најдобар начин и неговите гласови ќе бидат клучни.

ФОКУС: Можно ли е да се зголеми вашиот блок? Неколкупати го повикувате Таравари да ви се придружи, но тој засега останува дел од власта.
МЕЏИТИ: Ние ги повикуваме сите незадоволни граѓани, интелектуалци, невладини организации, па и политички чинители. Наративот на Алијанса беше антидуи, дека треба нова политичка ера и сега е шансата да истапат од таму и да и се приклучат на опозицијата.

ФОКУС: Имате ли некаква комуникација и преговори со Алијанса на оваа тема?
МЕЏИТИ: Јас имам добри релации со речиси сите политички партии и во Собрание и надвор од Собрание разговараме за тоа што не тангира.

ФОКУС: Нели го сметате за хендикеп тоа што првиот изборен настап ќе ви биде во коалиција, па нема да може самостојно да измерите колку тежите на политичкиот пазар?
МЕЏИТИ: А кој настапува самостојно? ВМРО оди со 20, СДСМ со 20 партии, ДУИ собира сѐ и сешто. Присилени се и нивните најголеми противници и тие што ги исплукале и критикувале со години сега да им бидат партнери. Тогаш, која е логиката ние да настапиме сами?

Напротив, сакаме да донесеме конкуренција во албанскиот кампус, тоа недостигаше досега. Немаше силна опозиција како коректор, па се надминавме себе си и со добра понуда овојпат ќе донесеме и победа и нова ера на политичката сцена кај Албанците.

ФОКУС: Сепак, ДУИ, но се уште котира како водечка албанска партија на сите анкети. Како го толкувате тоа?
МЕЏИТИ: Не е работата ние што сакаме, туку на ДУИ му е поминат рокот. Но, ако седиме во канцеларија и пишуваме бројки секојдневно може да има смешни анкети. Мислам дека политичката ситуација е идентична со 2016 година. Веќе не можам да го препознаам ДУИ по притисокот што го прави. Освен што нас не разреши бидејќи размислувавме поинаку, одат до отпуштање од работно место, притисоци врз администрацијата, инспекции.

ФОКУС: Зборот ми беше дека многупати досега на ДУИ му предвидувале крај, но секогаш излегувал како победник.
МЕЏИТИ: Од 2002 до 2006 година, ДУИ победи како УЧК-БДИ. Од 2006 до 2012 година победуваше бидејќи од друга страна конкурент беше Мендух Тачи. Од 2012 досега, пак, народот е за промени. Некаде 60-70 отсто од гласовите се опозициски настроени, не беше проблем до народот и до способноста на ДУИ, туку до неспособноста и поделбата на опозицијата. Во 2016 година да одеа заедно на избори Алијанса и Беса, ДУИ одамна ќе беше опозиција. Поради суети не се случи обединување, но овојпат нема лидер на опозицијата, секој е лидер во својата куќа.

ФОКУС: Зошто сте толку самоуверен дека овојпат нема повторно да се растури вашиот опозициски блок токму поради суети?
МЕЏИТИ: Треба реални да бидеме. ДД, Беса и Алтернатива произлегоа на некој начин од ДУИ, секој во различен период, но од идентични причини. Испаднаа од таму, но тој електорат е близок и може да се спои. Од друга страна, има една „европска коалиција“, која е присутна во црните листи, секој ден има коруптивни скандали и сѐ само европска агенда не тераат. Но, таму се Алијанса и ДПА, кои се контра, Алијанса и ДУИ кои војуваат, и таму има делови што одат од Беса, Алтернатива, „огнена група“. И ако на ова се надоврзат и препукувањата или различните размислувања внатре во ДУИ, тешко ќе биде.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости