(ИНТЕРВЈУ) Марковска: Подобро за ВМРО е на купче да гласа за уставни измени отколку да се појават поединци!

by fokus

Марковска е доктор-специјалист за очни болести, која беше пратеничка и во првиот парламентарен состав на македонското собрание, а на последните локални избори влезе во трка за градоначалничка на Кисела Вода. Со неа разговараме за процесот на уставни измени, за изградбата на коридорите што ја брануваа јавноста, но и за состојбите во нејзиниот матичен сектор – здравството.

Разговараше: Катерина СМИЛЕВА БОЖИНОВСКА

ФОКУС: Како би го оцениле делувањето на опозицијата во сите големи процеси кои се случуваат во државата?

МАРКОВСКА: Не можам да зборувам за целата опозиција, можам да зборувам за ВМРО-ДПМНЕ. Не ми се допаѓа фактот што преурането се даваат некои изјави. Изјави од типот: ако било кој пратеник гласа за уставните измени, јас ќе дадам оставка. Не можете вие да располагате со пратениците, тие се независни и се слуги на народот, а не на партијата. Така само го истакнувате недемократскиот капацитет во самата партија.

За секоја одлука, прво се дава еден набој, се дели народот на за и против и потоа имаме меко слетување на самите позиции. Тоа не е добро, особено за голема партија како ВМРО-ДПМНЕ која претендира да биде носител на власта и веројатно ќе биде следните четири години. Ако судиме по анкетите, иако изборите се мачка во вреќа. Не значи дека победникот ќе ја формира владата.

Имам впечаток дека се прави еден театар, кој изгледа како евтин водвиљ. Многу ме интересира какво ќе биде сега мекото слетување на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

ФОКУС: Што би ги советувале вие како поранешен пратеник?

МАРКОВСКА: Лично, би ги советувала комплетно како група да гласаат за уставните измени, а не како поединци, спасувајќи го и Мицкоски и срамот на партијата. А, ако гласаат против, тоа си е право на партијата, би требало да се соочат со сите консеквенци што ќе произлеат од јасно декларираната изјава од САД дека тие што нема да гласаат за Бугарите во Уставот ќе бидат сметани дека ги загорзуваат релациите меѓу Македонија и САД.

ФОКУС: Кое е вашето предвидување, очекувате дека ќе се појават 8-9 пратеници што ќе гласаат за?

МАРКОВСКА: Искрено, не сакам да се појават неколку, туку сакам да гласа цело ВМРО-ДПМНЕ. Дури ако треба да се гласа со консензус во Собранието. Да се види дека ние не сме народ коишто ги мрази Бугарите, но ништо повеќе од тоа од аспект на условување на нашиот влез во ЕУ ниту сега, ниту понатаму. Најмалку внесување на историски прашања. Токму затоа е потребна макар декларација од ЕУ дека нема да ни бидат наметнувани други услови, кои ги немале другите земји.

ФОКУС: Мислите дека позитивно би се одразило на рејтинот на ВМРО-ДПМНЕ доколку целата пратеничка група гласа за уставните измени?

МАРКОВСКА: Попозитивно ќе се одрази, отколку да се појават поединци, затоа што тоа дополнително ќе го дели народот. И попозитивно ќе се одрази во однос на правењето на некаква си нова влада. Сведоци сме дека на претходните избори ВМРО-ДПМНЕ победи, па не направи влада. Зошто и како знаат учесниците на тој договор. Веројатно и самиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Во прашање се пошироки консензуси кога се формираат владите и целта не е само да го поделите народот, туку целта е да водите мудра политика за да дојдете на власт, и потоа таа политика да може да ја реализирате.

ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК

Поврзани новости