Ѓулистана Марковска е доктор-специјалист за очни болести, која беше пратеничка и во првиот парламентарен состав на македонското собрание, а на последните локални избори влезе во трка за градоначалничка на Кисела Вода. Со неа разговараме за процесот на уставни измени, за изградбата на коридорите што ја брануваа јавноста, но и за состојбите во нејзиниот матичен сектор – здравството.
Разговараше: Катерина СМИЛЕВА БОЖИНОВСКА
ФОКУС Сведоци сме дека за термин се чека со месеци, нема реагенси, нема цитостатици… Кој ќе го спаси македонското здравство?
МАРКОВСКА Вака како што е поставено, никој. Заради тоа што лекарите се повлекуваат. Теоријата раздели па владеј: некому ќе наградите, за сметка на тоа другите ќе бидат послушници. Никој нема да го среди здравството.
ФОКУС Кое е решението?
МАРКОВСКА: Потребна ни е визија: дали ќе го развиваме јавното здравство или ќе го јакнеме приватното. Ако го јакнеме приватното, а во овој момент и луѓето кои 40 години плаќале здравствен надоместок, повторно се ориентираат кон приватното, тогаш ќе треба да се размисли за улогата на единствениот здравствен фонд. Тоа се пари на граѓаните.
Многу е убаво државата да раководи со граѓански пари и да ги насочува. Ако 60 отсто од вкупните фондовски средства одат во терцијарното здравство и на болниците во јавниот сектор, а останатите се распоредуваат селективно како што претходно кажав, тогаш се прашувам во чие име некој раководи со нашите пари.
ФОКУС: Има ли некакви брзи решенија?
МАРКОВСКА Единствено што може брзо и добро да се направи е парите коишто се признаени како референтни цени да ви бидат признаени во вашиот пакет. Ако референтната цена за преглед е 1.000 денари, а во приватното здравство е 1.800, тие 1.000 денари да ви бидат признаени и Фондот да ви ги даде. А, ваше право ќе биде дали ќе одите кај едните или кај другите. Зошто парите кои ги имате уплатено во Фондот, ако одите во приватна установа, да не може да ви бидат рефундирани во износот на цените кои ги признава јавното здравство?
Зашто многу е убаво да имате плата од 2.000 евра, да примате поткуп од 3-4 илјади евра, не зборувам за сите доктори, и да си ги задржувате местата во јавното здравство. Ако сте толку способни, излезете од јавното здравство, отворете опрециона сала и барајте ги истите услови како приватните установи.
Вака, кога сте во јавно здравство, си ја примате платата без разлика колку ќе сработите, не се секирате дали ќе ви се расипат апаратите, дали ќе имате доволно пациенти, што ќе правите со вишокот пациенти, дали треба да платите струја, кирија…
Ако Фондот не се распадне на повеќе фондови по урнек на Фондот за пензиско осигурување, што би било идеално, најмалку што би можела владата да направи за одлична конкуренција меѓу приватното и јавното здравство е референтните цени да бидат дадени на граѓаните во форма на ваучери. Па секој сам да си одлучи дали ќе оди во приватна установа каде ќе доплати или ќе оди на државно каде што ќе чека повеќе.
ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК