Кумановскиот градоначалник Димитриевски, веќе втор мандат е на чело на втората по големина општина во Македонија, откако на последните локални избори во Куманово ја победи матичната партија СДСМ по што почна локална соработка со ВМРО. Во интервју за „Фокус“, тој зборува за разидувањето со СДСМ, за неговото граѓанско движење „За наша Македонија“, а се осврнува и на односите со Бугарија. Како што вели, владата на Заев станала софистицирана варијанта на режимот на Груевски
Разговараше: Фросина ФАКОВА СЕРАФИНОВИЌ
ФОКУС: Вашиот настап на Бугарската национална телевизија предизвика големо внимание. Во медиумите имаше дури и наслови, „Максим Димитриевски се врати од Бугарија како Ѓоковиќ од Австралија опен“. Така ли се доживувате?
ДИМИТРИЕВСКИ: Не сум поборник на бомбастични наслови. Мојата единствена цел е да се градат добри односи со сите наши соседи. Во таа насока беше и моето гостување на Бугарската национална телевизија. Јас таму го соопштив и го бранев мојот долгогодишен став, а верувам дека тоа е ставот и на мнозинството Македонци во Македонија. Сметам дека политиката на „наведната глава, сабја не ја сече“ или политиката на „виткање кичма”, особено кога се работи за државните и национални интереси, не дава резултат.
ФОКУС: Како, според Вас, треба да се поставиме и да разговараме со соседите?
ДИМИТРИЕВСКИ: Ние со нашите соседи треба да разговараме отворено, со однапред поставени црвени линии, кои ќе го заштитат постоењето на македонскиот народ, јазик, историја, култура и неговиот континуитет. Се надевам дека ако тоа аргументирано им го објасниме на нашите соседи, но и на нашите партнери во ЕУ, наместо да прифаќаме сѐ што ќе побараат од нас, ќе нѐ разберат и нема да го блокираат нашиот европски пат.
ФОКУС: Но, власта уверува дека идентитетот и јазикот никогаш не биле тема на разговор.
ДИМИТРИЕВСКИ: Во спротивно треба да се самопоништиме. За мене тоа е неприфатливо, затоа што во Европската Унија треба да влеземе како Македонци, кои говорат македонски јазик, со своја, а не со заедничка историја, достоинствено, како што тоа го направиле сите народи на земјите-членки на Унијата. Постоењето на еден народ и јазик е основната вредност на ЕУ, а почитувањето на националната и етничката припадност, особено на малите народи е еден од основните постулати на Унијата, која има за цел да ги заштити помалите, а не како во овој случај да им овозможи на поголемите да присвојат или да избришат.
ЦЕЛОТО ИНТЕРВЈУ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК