Обвинителот Љупчо Коцевски, веќе пет месеци е на чело на републичкото јавно обвинителство. Во интервју за најновиот број на неделникот „Фокус“ вели дека од првиот ден се залага за враќање на довербата во обвинителството. Реагира дека недостигаат дури 100 обвинители, дека добиваат преполовен буџет, а и истражителите ни ги обучуваат странци. За грозоморното злосторство, односно убиството на Вања и Панче, апелира да се известува внимателно, за да не се вознемири јавност. За обвинетите, пак, вели дека можат и да се премислат во судница, но фактите се дека тие ја откриле локацијата каде што беа закопани жртвите.
Разговараше: Валентина ВУРМО
ФОКУС: Наскоро ќе стартува судењето за убиството на Вања и Панче. Упативте апел до медиумите да не објавуваат детали за начинот на кој била убиена малата Вања. Зар не сметате дека јавноста сепак треба да ја знае целата вистина за да се убеди во вината на обвинетите, кои се соочуваат со доживотен затвор?
КОЦЕВСКИ: Точно, судењето е пред почеток и морам да кажам дека сум разочаран, бидејќи тој апел што го упатив очигледно не се сфаќа доволно сериозно. Јавното обвинителство има обврска да укаже дека изнесувањето вознемирувачки детали за вакви настани е неетичко известување, ја вознемирува јавноста и семејствата на жртвите.
Затоа уште еднаш би го повторил мојот апел да се почитуваат етичките стандарди и да се избегнуваат сензационализми при известувањето за постапките, особено во конкретниот случај, кој е навистина грозоморен во однос на начинот на извршување и каде една од жртвите е дете.
Во однос на вистината, нешто мора да расчистиме. Ние не ја убедуваме јавноста, не водиме ПР кампања. Ние мора да го увериме Судот дека нашето обвинение е засновано на квалитетен доказен материјал, кој одговара на фактичката состојба. Тие докази ќе бидат изложени во судница, онака како што налага законот.
ФОКУС: Дали заврши вештачењето на телефоните и другите докази што беа пронајдени во куферот на Љупчо Палевски Палчо? Дали можеби со себе имал „бомби“, односно, нелегално прислушувани материјали?
КОЦЕВСКИ: Екстракцијата на податоци од електронски уреди е во тек. Претстои анализа што тие содржат и дали се од значење за постапката што се води. Никако не сум во можност да изнесувам детали за тоа.
ФОКУС: Доколку набргу заврши истрагата против Палевски, дали може да се очекува спојување на обвиненијата и заедничко судење со останатите обвинети?
КОЦЕВСКИ: Спојувањето на постапките за ист кривично-правен настан е една од опциите што е можна и законски дозволена.
ФОКУС: Еден од обвинетите ја промени изјавата и сега негира вина. Дали случајот може да биде загрозен доколку и останатите го сторат истото?
КОЦЕВСКИ: Согласно нашето законодавство, сведоците се обврзани да ја кажуваат вистината, но не и обвинетите. Тие можат да ја менуваат изјавата согласно нивниот концепт на одбрана. Но, она што е неспорно се останатите докази.
Потсетувам дека обвинетите самите ја открија локацијата каде што беа телата на жртвите, така што за никакво негирање на настанот не може да стане збор. Сите докази неспорно го потврдуваат обвинителниот акт и дејствијата на секој од обвинетите.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.