Интервју – Љубовната приказна на Јасминка и Стојанче: Втората жена повеќе се сака!

by Fokus

Нивните блиски за нив често знаат да кажат – Се стркалало лончето, си го нашло капачето. Јасминка и Стојанче Ангелови, познати како брачни сопружници и борци за правичност, се пар кој зад себе има многу бури, но и како што велат, љубов посилна од се.

Таа, дел од МВР и жена која отворено влезе во војна со поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, тој бранител во првите редови, живеат хармоничен живот исполнет со љубов и разбирање и се горди родители на четири деца. И двајцата имаат по една ќерка од претходните бракови, но и ќерка и син кои ги добиле заедно.

Големото семејство, домашните и професионални обврски, политичките ангажмани и разни притисоци никогаш не влијаеле врз силата на нивната љубов. Расположена за разговор, без предрасуди и отворена за секоја тема, Јасминка во интервју за ,,Фокус” ја раскажа нивната љубовна приказна и откри што е тоа кое ги држи цврсто заедно. За добрите и лоши времиња, за компромисите, за нештата кои ги сака, но и нештата кои ја нервираат кај Стојанче, без заобиколување и искрено со Ангелова.

Фокус: Во јавноста сте познати како еден доста стабилен пар, сопружници кои се надополнуваат и поддржуваат на секое поле. Кога и како започна вашата љубовна приказна?

Јасминка: Нашата љубовна приказна започна пред петнаесеттина години. Најпрвин остваривме директна комуникација на една задача кога јас како полициски оперативец опсервирав едно лице и Стојанче ми беше одреден како човек кој требаше да ме придружува и да ми помогне во апсење на истото. Го познавав само по видување. Беше директен и ме поздрави со зборовите „Конечно да се запознаеме најубава колешке“. Јас го прифатив како комплимент и му реков да не се шегува пред акцијата која беше многу важна за мене. Тој остана сериозен. Во понатамошните разговори што ги водевме ми призна дека ме забележал половина година претходно на новогодишната прослава и се распрашувал за мене. Следуваа долги часови и денови на заеднички задачи и средби, а тој не престануваше да ми зборува и зборува за разни нешта кои отсекогаш ме интересирале. Поминувавме речиси по цели денови заедно. Продолживме со спонтани дружења, одевме заедно на стрелиште, пешачевме, планинаревме, со секој изминат ден ме освојуваше со секакви ситници, така со него за прв пат пиев турски чај во ориенталното кафуле New Age, ми откриваше еден свет кој за мене дотогаш беше непознат, но како да ми недостасувал и навистина претставуваше голем предизвик за мене. Како добар истражител непознатото ме привлече да го откријам и не згрешив.

Фокус: Што беше пресудно да сфатите дека сте еден за друг?
Јасминка:
 Го најдов капачето! На шега често ми вели дека го потсетувам на него. Тој е мое огледало. Ме принудува да видам сѐ што кај себе сакам и не сакам да видам. И потоа мѐ поттикнува да научам повеќе да сакам. Покрај него открив дека кога вистински сакаме можеме да постигнеме се во животот. И обратно. Никој не е способен да мѐ изнервира како што тоа може да ми го направи тој. Никој не може да мѐ натера да чувствувам силно или да трпам многу, како него. Ја најдов половината што ми недостасуваше.

Фокус: И двајцата зад себе имате по еден брак и по една ќерка од тие бракови, беше ли лесна одлуката повторно да верувате во институцијата брак и да запловите во брачните води?
Јасминка: Секако е лесно да се верува ако вистински се сака и ако има вистинска хемија, ако се одржува вистинска духовна и физичка врска. Претходниот брак е само научена лекција. Нашите претходни брачни партнери не се лоши луѓе, но не одговараа на нашиот темперамент. Досега со нив сме немале проблеми кои често ги имаат поранешните сопружници. Секој треба да се соочи со реалноста. Да продолжи со животот. Вториот брак е поуспешен за двајцата партнери. И нормално втората жена повеќе се сака.

Фокус: Немавте голема свадбена забава, но затоа пак Стојанче ве изненади на десетгодишнината од бракот. Ве израдува ли неговиот романтичен гест? Јасминка: Нашиот граѓански и црковен брак не беше во ист ден. Почетокот на нашиот заеднички живот се поклопи со неговото турбулентното дејствување со здружението Достоинство. Поради презафатеност и немање доволно финансии не направивме свадбена забава, но си ветивме дека на некоја годишнина ќе направиме добра журка со сите наши деца и блиски луѓе. Оваа година десетгодишнината во бракот ја прославивме со едно скромно патување. Тоа беше преубаво изненадување кое ми го приреди Стојанче. Ние сме скромни луѓе и ситниците не радуваат.

Фокус: Во бракот добивте уште две деца, како функционирате како повеќедетно семејство, се поддржувате ли, поделени ли ви се обврските?
Јасминка: Обврските се заеднички, децата потпораснаа и сега е многу полесно. Задоволството е огромно во повеќедетното семејство и ништо не може да го замени. Можам да го пофалам Стојанче дека обожава да ни готви месо и риба, но и да ми помага во другите домашни обврски. Од минатото лето ми се вмеша и во уредувањето на балконите и одржувањето на цвеќињата го превзема како негова обврска и воопшто не му е тешко. Не можам да ви го опишам неговото задоволство кога на гостите што не посетуваат им се фали за цвеќињата, кои беа исто толку убави кога јас ги полевав. Но, не е се идеално, постојано расфрла алишта низ спална, секаде каде што седи по дома заборава чорапи, маици, тренерки и друго, па знае да ме изнервира, но со тек на време се навикнуваш. Ова го кажувам затоа што луѓето го познаваат како воин, специјалец, политичар но не знаат дека и тој е како сите останати мажи кои си ги сакаат сопругите и им помагаат за да имаат повеќе заедничко време. Така се одржува вистински брак. Така двајцата заедно имаме време за се. Кога се сака се’ се може.

Фокус: Имате ли случки од типот – Моето и твоето дете го задеваат нашето, како ги надминавте тие нешта кои не се невообичаени, посебно додека децата растат? Јасминка: Ние немаме такви проблеми, бидејќи нашите ќерки веќе се големи девојки, а заедничките деца ни се десеттина години помали. Има ситуации да се спречкаат, но веднаш се’ се надминува, особено што постојано им зборувам дека братот и сестрата се најважните луѓе во животот, да се сакаат и помагаат. Ние не ги делиме децата, иако ќерката на Стојанче не живее со нас. Еве во мај годинава, на неговата ќерка Каролина и организиравме преубава матурска забава, имавме многу гости, се забавуваме со многу нејзини другарки и другари, не сакав со ништо да почувствува дека е издвоена од мојата ќерка Ева, од секое патување носам подароци и за неа, сугерирам да поминува повеќе време со нејзиниот брат и сестра, другарски помагам во вообичаените љубовни проблеми… Ниту пак Стојанче некогаш со било што ја издвоил мојата Ева, туку напротив тој ме научи како да бидам пофлексибилен родител особено кога со неа се убедувавме за времето на вечерните излегувања, за попуштањата во школо, за нејзините љубовни маки. Децата ги учам да бидат одговорни за своите постапки. Само така ќе бидат среќни и ќе пораснат во праведни луѓе.Затоа што тие незапирливо растат, и еден ден ќе заминат да ги изградат нивните животи и семејства. Навистина се гордеам со сите наши деца, многу различни, многу свои и многу прекрасни.

Фокус: Што е според вас најважно да се да може љубовта да трае, што е она кое ја зацврсти вашата љубов?
Јасминка:
Тука сме еден за друг! Си помагаме во развојот да бидеме се’ подобри. Да го дадеме најдоброто од себе. Затоа треба храброст, одлучност и искреност. Не е случајно што сме избрале заедно да патуваме низ животот. Оттука многу брзо ги надминуваме сите емоционални реакции. Никогаш не сме биле скарани повеќе од час или два. Без сомнение, една од тајните на нашиот брак е хуморот. Не можам да му се лутам. Секогаш ми прави смешки и кога сум најлута, попуштам. Постојано наоѓа начин да ме насмее и да ми го исполни срцето.

Фокус: Имавте периоди на разделеност поради професионалните ангажмани на Стојанче, како опстојуваше вашата љубов кога не се гледавте со месеци, што ви даваше сила да издржите?
Јасминка:
Ми даваше сила вербата во живот за сите нас. Ми даваа сила нашите деца, нашите големи чуда на животот. Кој не бил разделен од саканиот не знае колку боли секоја разделба. Болеше далечината. Болеше желбата да се гушнеме. Болеше што си недостасуваме. Ги броевме деновите до повторна средба. Иако физички бевме разделени, духовно бевме поврзани. Бевме во секојдневна комуникација по вибер, скајп, тој беше во тек со се што ни се случува на нас дома и во државата. Ама мораше така. Затоа што навистина ризикувавме премногу и се осмеливме да направиме нешто повеќе. Нормално е што го поминавме трнливиот пат. Се обидовме од невозможното да направиме возможно, не останавме во комфорот на институциите. И двајцата имавме за македонски стандарди одлични работни места кои ги изгубивме во борбата за правичност. Не се држевме до кукавичката рамнодушност плашејќи се од сето она што можеше да ни се случи. И успеавме. Нашата и заедничката борба со другите граѓани донесе промени и живот во Македонија. Сите тешкотии не не скршија туку не вооружаа со поголема мудрост. Во секојдневните контакти со луѓето по враќањето во МВР многу ми се драгоцени искуствата со случувањата кога бев од другата страна како граѓански активист.

Фокус: Заедно сте околу 15 години, кога би го вратиле времето, би промениле ли било што од минатото?
Јасминка:
Благословено е секое случување во животот, затоа што доаѓа да не научи нешто. Единственото во кое сме сигурни е дека ќе ги добиеме сите лекции кои ни се неопходни. Само од нас зависи дали ќе ги научиме. Погледнувајќи назад, не би менувала ништо во нашата релација освен неговите заминувања од домот и татковината заради наша гола егзистенција.

Фокус: Каде и како се гледате двајцата по дваесет години, на пример?
Јасминка: Живи и здрави во нашето засолниште создадено само за нас каде можеме до бескрај непречено да ја акумулираме енергијата без никој да не вознемирува. Во позадина се слуша џагорот на нашите внуци, додека ние ја држиме в раце биографијата за генерал Стојанче Ангелов, Воин за Македонија! За жал биографијата иако речиси готова се уште не е издадена бидејќи Стојанче смета дека сѐ уште не е вистинското време. Благодарение на мојата вродена упорност и вложен напор ќе му докажам колку е важен потенцијалот на оваа книга. Пред неколку години ја напишав првата верзија на текстот, а потоа, повеќе пати го прегледав и дополнив, но со оглед на сите последни настани во државата кои треба да ги опфатам и да ја доработам ќе биде конечно завршена кога ќе најдам време. Не губам надеж. Еден ден оваа книга ќе биде во библиотеките на сите оние кои што ја очекуваат – раскажа Ангелова.

Вики Клинчарова

Поврзани новости