Фатмир Лимани, кој во јавноста стана познат како внук на Али Ахмети, но се разиде со матичната партија ДУИ и направи трансфер во БЕСА, во интервју за најновиот број на неделникот „Фокус“ открива дека имотното портфолио на семејството Ахмети влегуваат пасишта, каменолом во Буковиќ, бачила, вили во земјава, како и во соседна Албанија. Воедно, обвинува дека семејството Ахмети контролира и дел од бизнисот со канабис.
Разговараше:
Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ
ФОКУС: Внукот на Ахмети, Дрин Ахмети, во јавноста се прикажа како успешен млад бизнисмен што купува дел од деловниот центар „Соравија“. Всушност, цело семејство Ахмети се поврзани со фирми. Кога почнаа да се занимаваат со бизнис?
ЛИМАНИ: Вистина мислите дека членовите на фамилијата Ахмети се генијалци во бизнис?! Се согласувам само со една констатација, а тоа е дека се професионалци за криминал и присвојување туѓ имот.
Искористувајќи ги позициите, ги пикаат рацете во секоја институција, исцрпувајќи средства што им припаѓаат на народот. Тие искористиле дел од општествените средства што треба да им се доделуваат на граѓански здруженија, кои навистина се занимаваат со развивање на општествените интереси.
Ја имавте и последната вест каде што се злоупотребени средства за иновативни цели. Замислете, модерен сточар со вратоврска, каква иновација би направил во денешно време, горе на Буковиќ. Триесет и двомилионски профит за две години од фирма што работела за десет години со загуба.
ФОКУС: Дали сега капиталот во државава се сели во ДУИ, со оглед на тоа што голем број бизниси и објекти се поврзуваат со имиња блиски до ДУИ?
ЛИМАНИ: Не само легалниот капитал на државата, туку и подземните бизниси се влеваат во нивните каси, трезори и сефови.
Тие контролираат и дел од парцелите посеани со канабис-сатива, а за кои обезбедиле лиценци за продажба на масло за здравствени цели, но сите ние сме сведоци дека стеблото и листот на марихуаната завршува во рацете на дилери со опојни дроги.
Само последните три години се конфискувани со тони опојни дроги при влез во Кичево. А сторителите, по два-три месеци, ги гледате како се шетаат слободно низ градот и ја продолжуваат својата нелегална работа.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.