(ИНТЕРВЈУ) Ковачевски: Успешно ја менаџираме кризата, домашното производство покрива над 90 отсто од потребите за струја!

Депониите имаат околу 300.000 тони залиха на јаглен, рудниците се спремни и имаат откриено јами, а ЕСМ има склучено договори за набавка на околу еден милион тони јаглен од Грција и Албанија, вели премиерот Димитар Ковачевски во интервју за „Фокус“.

by Фокус

Премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски, во интервју за новогодишниот број на неделникот „Фокус“, вели дека Владата успешно се справува со последиците од економската и енергетската криза, посочувајќи дека од почетокот на годинава бил донесен пакет антикризни мерки од 760 милиони евра, кој, според него, е најголем пакет на државна помош во регионот според учеството на БДП.

Разговараше:
Влатко СТОЈАНОВСКИ

ФОКУС: Колку успешно се менаџира енергетската криза и што се презема на тој план? Има ли доволно пари во буџетот за задоволување на потребите?

КОВАЧЕВСКИ: Би рекол дека досега успешно го менаџираме процесот и енергетската криза. Откако настапи енергетската криза, владата го задолжи АД ЕСМ да преземе снабдување на значаен дел и на слободниот пазар за да им испорача енергија по пониска цена на голем број економски субјекти, наместо тие да купуваат струја по енормно високи цени на берзата.

Разликата од берзанската цена со цената што ја плаќаат крајните потрошувачи ја субвенционира владата преку државниот буџет, според предвидениот буџет за оваа грејна сезона, а со оглед на големиот раст на цените на јагленот, мазутот и самата електрична енергија.

Овие средства се префрлуваат плански и сукцесивно во текот на грејната сезона за одржување на производството во државните електрани и за топлинска енергија за Градот. Таа обврска е на Градот, но тие се повлекоа, па владата го задолжи ЕСМ да го преземе затоплувањето, а државата да го финансира работењето.

ФОКУС: Домашното производство на струја не е доволно за задоволување на домашните потреби, па веќе се потрошија над 30 милиони евра за увоз. Можеше ли да се избегне тоа?

КОВАЧЕВСКИ: Државните електрани никогаш не биле доволни за да ја обезбедат целата струја што државата ја троши и секогаш недостигала струја кога потрошувачката е најголема до една третина. Тоа е за потрошувачката на големото стопанство и државните институции, кои се снабдуваат на слободниот пазар и сами си ја купуваат струјата од приватни снабдувачи.

ФОКУС: Дали домашното производство на струја е на максимално ниво, бидејќи има обвинувања дека намерно не се произведува повеќе, за да има работа за трговците?

КОВАЧЕВСКИ: АД ЕСМ работи за да може да ги снабди домаќинствата, но и малите потрошувачи, односно 72.000 компании кои вработуваат 98 отсто од работниците и да ги покрие и техничките загуби на дистрибутивната мрежа на ЕВН, МЕПСО. Дополнително, да обезбеди струја за училиштата, за производствените капацитети што произведуваат основни прехранбени производи, како и за болниците и виталните државни институции.

Во овој момент, 90 проценти и повеќе се покрива со сопствена енергија, а мал дел се купува.

Изминатиот период успеавме да ги ставиме во функција сите производствени капацитети на ЕСМ, кои се инсталирани во време на Југославија. Деновиве производството достигнува речиси до 19.000 мегаватчасови на ден, а вкупниот конзум што се бара за регулираниот пазар и за дополнителни снабдувања изнесува околу 20.000 мегаватчасови, што значи дека се купуваат околу илјада мегаватчасови.

ФОКУС: Сепак, една од забелешките е дека според инсталираната можност, ако сите домашни капацитети работат и нема дефекти, треба да се произведува повеќе струја.

КОВАЧЕВСКИ: Инсталираната моќ значи одредба од производителот на опремата колку една електрана е способна да произведе струја според техничките карактеристики и капацитети, и тоа важи од денот на пуштање на електраната сѐ до нејзиниот препорачан работен век. Во тој период, нејзината техничка моќ се амортизира и слабее. Оттука, кога ќе истече тој рок, моќта е уште помала.

АД ЕСМ по документи од 1984 година има инсталиран капацитет од своите електрани од околу 1.400 мегавати. Но, реалноста е дека моќта е помала, односно под 1.200 мегавати. Различни блокови и котли во термоелектраните може да имаат инсталирана моќ од 200 мегавати, а да произведат струја од 180 мегавати. Амортизацијата го прави своето, а да не заборавиме дека 30 години не е инвестирано во ниеден голем производствен капацитет.

ФОКУС: Нели тоа е поразителен факт?

КОВАЧЕВСКИ: Да, тоа поразително. Веројатно тоа се должи на тоа што цените на струјата порано беа многу ниски, по 30-40 евра по мегаватчас. Сите беа задоволни што може да се купи и никој не сметаше дека ќе дојде ваков момент. Но, оваа влада се справува со тоа што го имаме на располагање.

Исто така, се намалува и квалитетот на сопствениот јаглен, бидејќи се експлоатирало 40 години и веќе не е истиот од порано. Сега се користат набавени јаглени со различен состав, кој влијае врз системите и произведената енергија.

Хидроелектраните не работат континуирано со цел капацитет. Се штеди водата, а тоа се должи на климатските промени и се помалото количество дождови.

ФОКУС: Во каква кондиција моментално се домашните електрани и имаат ли доволно ресурси за работа?

КОВАЧЕВСКИ: Моментално, државните капацитети за производство на струја работат со целосна вклученост освен блокот 3. За десетина дена очекуваме да биде финализирана монтажата на трансформаторот што изгоре минатата година. Пристигна нов трансформатор од Турција.

Работат двата блока на РЕК Битола, РЕК Осломеј, ТЕЦ Неготино со двата котли, гасната централа ТЕ-ТО и хидроелектраните по потреба.

Депониите за јаглен имаат околу 300.000 тони залиха на јаглен, рудниците се спремни и имаат откриено јами. ЕСМ има склучено договори за набавка на околу еден милион тони јаглен од Грција и Албанија. Во РЕК Осломеј има залиха од 40.000 тони јаглен, со договор за испорака од 320.000 тони. Во ТЕЦ Неготино има околу 23.000 тони мазут и редовно се испорачуваат нови количества согласно динамиката за работа.

Тука е ТЕ-ТО, која е приватна гасна електрана што сама набавува гас, а со ЕСМ има договор за преземање на топлинската енергија за потребите за загревање на топланите за Скопје.

ФОКУС: Ако се има предвид дека инфлацијата е увезена, дали можеше да се спречи нејзиниот раст, на пример, преку понавремено и посепфатно ограничување на цените и на маржите на одредени производи?

КОВАЧЕВСКИ: Уште кога почна растот на цените на струјата направивме интервенции на цените, така што уште во декември 2021 ја замрзнавме цената на основните прехранбени производи за 3 месеци, заклучно со февруари 2022, пред војната во Украина. Предолго држење замрзнати цени може да доведе до недостиг од производи ако влезните цени станат повисоки од финалната продажна цена, но континуирано се применува ограничување на трговските маржи, што ќе продолжи до 30 април 2023 година.

ФОКУС: За какви ограничувања станува збор и за кои производи се однесуваат?

КОВАЧЕВСКИ: Белиот леб, зејтинот и шеќерот остануваат со 5 отсто трговска маржа, а млекото, кашкавалот, урдата, јајцата, макароните, јогуртот и павлаката остануваат со 10 проценти маржа, бидејќи овие производи се сметаат за основни прехранбени производи.

Натамошните геополитички тензии од воената инвазија врз Украина, во услови кога светот сè уште трпи последици од пандемијата, придонесува кон влошување на глобалниот амбиент, неповолно дејствуваат врз економските изгледи и создадоа дополнителни притисоци врз светските цени на основните производи и енергенсите.

ФОКУС: Зошто последни во регионот донесовме одлука за забрана за извоз на дрво и пелети, чии цени пораснаа, а имаше и дефицит? Вакви забрани многу порано имаше во Србија, Босна…

КОВАЧЕВСКИ: Мора да знаеме дека 70 отсто пелети се од увоз, ние имаме многу мал извоз. Сите антикризни мерки се навремено донесени во консултација со сите страни и дејствуваме во најбрз можен рок да се реализираат. Од почетокот на годинава донесовме пакет антикризни мерки од 760 милиони евра, кој е најголем пакет на државна помош во регионот според податоците на Европската банка според учеството на БДП.

Целото интервју прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости