Премиерот Димитар Ковачевски, во интервју за најновиот број на неделникот „Фокус“, вели дека европскиот фронт што ќе го предводи СДСМ ќе победи на двојните избори следната 2024 година и дека тој ќе биде мандатар на влада со која, како што истакнува, во следниот мандат Македонија ќе стане земја-членка на ЕУ.
Разговараше: Влатко СТОЈАНОВСКИ
ФОКУС: Долго време промовиравте позиција дека следната година треба да се одржат одвоени избори. Зошто го сменивте овој став и на крај постигнавте политички договор за заеднички избори?
КОВАЧЕВСКИ: Најпрво, долго зборувавме за редовни избори. И редовни избори и ќе има. Прво претседателски, па парламентарни.
Буквално од првиот ден кога станав претседател на Владата, опозицијата зборуваше дека ќе има предвремени избори. Прво беа март, па декември, па беа пак во март и така две години константно. Но, еве денес ништо од тоа. Драго ми е што по 17 години, во 2024 конечно ќе имаме редовни парламентарни избори.
Нема никаква потреба земјата постојано да е вонредна ситуација. Ние сме земја-членка на НАТО, земја што преговара со ЕУ, земја која претседаваше со ОБСЕ во исклучително кризна година, земја која е домаќин на преговори меѓу други држави.
И можеби најважно ние сме стабилна и безбедна земја со отворени перспективи. Нашите граѓани заслужуваат да ја имаат таа стабилност и безбедност и за изборниот процес.
ФОКУС: Колку, меѓу другото, одлуката ја базиравте на проценката дека при одвоени избори, тешко ќе се постигне цензус за избор на претседател од 40 отсто?
КОВАЧЕВСКИ: Кога зборуваме за овој изборен циклус, за нас беа важни неколку аспекти, и тоа од државен аспект, во однос на административното функционирање, од финансиски, но и од аспект на граѓаните.
Свесни сме дека граѓаните не го сакаат притисокот на чести избори. Мислам дека фактот што ова се први редовни парламентарни избори по 17 години, кажува доволно колку на граѓаните им е доста од чести избори. И тоа е и првата причина.
Второ е финансискиот аспект. Ние сме, пред сѐ, одговорна влада, која одговорно менаџира со буџетот и со парите на граѓаните. Од тој аспект, сметавме дека е поцелисходно да имаме парламентарни избори заедно со втор круг претседателски избори и да овозможиме заштеда, која би се пренаменила во други ставки, за да има повеќе за сите понатаму.
Ова е практично истиот принцип што го употребува оваа влада и применувајќи политики што овозможуваат подобро функционирање на државата, економски раст, зголемен животен стандард, заштита на најранливите кога е тоа најпотребно.
Моментално проценката е дека за одвоени избори ќе бидат потребни нешто над 16 милиони евра. Доколку споиме втор круг избори претседателски и парламентарни, проценката е дека ќе имаме заштеда од 25 отсто или околу 4 милиони евра. Сметам дека овие пари може да се пренаменат за други мерки и услуги од кои ќе имаат граѓаните придобивка.
Воедно, по долго анализирање, еден од аспектите што беше е функционирањето на државата. Во време на избори, Собранието престанува со редовните активности, и тоа важи и за претседателски и за парламентарни избори, а воедно и администрацијата е ограничена во функционирањето.
Во услови на одвоени избори, ние би имале ситуација каде и Собранието и администрацијата нема да се функционални околу 5 месеци, што е огромен период државата да е без функционално Собрание.
Сите овие работи се изанализираа и минатата недела јас повикав на широка дискусија меѓу партиите, се одржа лидерска средба, на која речиси едногласно беше одлучено изборите да се случат на 24 април и 8 мај и да бидат, се разбира, редовни.
ФОКУС: Какво влијание за промената на ставот имаше ДУИ, која прва од владината коалиција јавно изјави дека преовладува мислење за споени избори од политички, финансиски и од логистички причини?
КОВАЧЕВСКИ: За да се донесе одлука што е важна за државата и општеството, мора да се дискутира. Не може ниту еден политички чинител поединечно да донесе одлука.
Анализите постоеја, и врз основа на нив се отвори дискусија и во партијата, и во коалицијата, а потоа и широка дискусија со сите парламентарни политички партии. Следно се свика лидерска средба каде што сите си го кажаа мислењето и на крајот се донесе одлука.
Така се работи во демократија. Тоа што ВМРО-ДПМНЕ навикнале избори да се договараат по аеродроми и по телефон со повик од еден човек, тоа зборува за нив, не за нас.
Јас работам поинаку. Знам точно што значат демократски процеси и така и се однесувам. Затоа сѐ што кажав јас во изминативе години, сѐ се случи како што кажав. Јас сум искрен и во зборот и во дејствувањето, и тоа немам намера да го сменам.
Опозицијата од друга страна, доколку не се занимаваше со деструктивност и доколку не се занимаваше со барање предвремени избори, еве речиси две години колку што е мојот мандат, и да не ја блокираше работата на Собранието цело ова време, можеби ние денес ќе бевме во поинаква ситуација.
ФОКУС: Нели смислата на секоја опозиција е да бара и да се обиде да предизвика вонредни избори, на кои би имала шанса да дојде на власт и да спроведе цели што ги застапува?
КОВАЧЕВСКИ: За опозицијата, односно за ВМРО-ДПМНЕ, во овој момент е доволно да се знае дека е единствен пример на опозиција што е влезена во извештај на Европската комисија, како структура што е препознаена дека ги блокира демократските реформски процеси во државата.
Тие знаат секогаш да се против. За жал, никогаш не знаат како да придонесат кон нешто што е добро за државата, и никогаш не знаат како да се на вистинската страна на историјата.
ФОКУС: По лидерската средба, покренавте иницијатива за формирање европски фронт, нешто што и ДУИ го промовираше како концепт неколку месеци наназад.
КОВАЧЕВСКИ: Европскиот фронт не беше покренат како иницијатива по лидерската. Ако се навратите наназад, ќе видите дека концептот на европски фронт е идеја што произлезе од мене лично, односно од СДСМ.
Зборував за обединување околу европскиот пат на земјата и за европска коалиција уште минатата година на трибините на СДСМ под слоганот „Силно и одлучно кон иднината“.
Тоа е политички концепт, кој во својата суштина е државнички концепт за иднината, визија која ја делиме. На овој концепт гледам како на потреба на земјата заради нејзината иднина.
Иницијативата на СДСМ, а по лидерската средба и формалната покана за формирање широк Европски фронт кон сите политички и општествени чинители што го поддржуваат членството во ЕУ е логичен след.
ФОКУС: Кои партии очекувате да станат дел од овој фронт, односно главното прашање што се поставува во тој контекст е дали на изборите ќе настапите во предизборна коалиција со ДУИ?
КОВАЧЕВСКИ: Во оваа насока, СДСМ ги повика сите политички субјекти, граѓански организации и здруженија, активисти, сите што го поддржуваат европскиот пат и сите кои иднината на земјата ја гледаат како полноправна членка на ЕУ, да придонесат и да се приклучат во Европскиот фронт. СДСМ со таа иницијатива подаде рака на сите проевропски и прогресивни, демократски сили, без разлика на етничка или идеолошка разлика.
ФОКУС: Што конкретно значи тоа?
КОВАЧЕВСКИ: Тоа значи дека ние очекуваме дека заеднички, со сите оние што се за европски стандарди и европски вредности дома, заеднички, врз основа на европски принципи и демократски вредности да ја оствариме стратешката цел за членство во ЕУ.
На 8 мај, на вториот круг на претседателски избори, победник ќе биде претседателот предложен од СДСМ и коалицијата. На истиот ден, на парламентарните избори, победник ќе биде проевропската коалиција што ја предводи СДСМ, а јас ќе бидам мандатарот на таа влада.
Со таа проевропска влада, во следниот мандат, Северна Македонија ќе биде земја-членка на Европската Унија. Тоа е моето ветување, желбата на мнозинството наши граѓани што преземам обврска да ја остварам, за доброто на целиот наш народ.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.