(ИНТЕРВЈУ) Ковачевски: СДСМ е консолидирана партија, кога се кандидирав реков дека не се гледам како наследник!

Триесет години сум посветен социјалдемократ и во добро и во лошо и така ќе биде и во иднина, верувам дека процесите низ кои минува една партија не се процеси на еден човек и неколку поединци, туку заеднички процеси во кои сите треба да се вложат за заеднички успех, вели премиерот Димитар Ковачевски во интервју за „Фокус“.

by Фокус

Премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски, во интервју за новогодишниот број на неделникот „Фокус“, вели дека се нафатил на предизвикот да го води СДСМ и Владата во тешки и сложени услови поради желба за промена. Како што истакнува тој, се кандидирал со „јасна подготвеност, концепт, план и визија како СДСМ да напредува и да ја предводи владата со конкретни социјалдемократски политики“. Притоа, Ковачевски посочува дека секогаш кога постои потреба има комуникација со поранешните партиски лидери и премиери за „одреден совет при моделирањето на политиките“.

Разговараше:
Влатко СТОЈАНОВСКИ

ФОКУС: Пред една година станавте лидер на СДСМ и премиер, во турбулентен период за партијата по изборен пораз, но и во време на економска, енергетска, па и политичка криза.

КОВАЧЕВСКИ: Тоа беа и сè уште се многу сложени и тешки услови. Јас ја презедов обврската да го водам СДСМ по изгубени локални избори и промена на раководство. Ја презедов одговорноста и за водење на владата и државата, практично во услови на најголема енергетска криза. Тоа има апсолутно влијание врз начинот на живот дотогаш. Речиси веќе нема приватно и лично, туку само работа, работа и многу работа.

ФОКУС: Што Ве мотивираше да се префрлите од реалниот сектор во политиката? Што беше пресудно?

КОВАЧЕВСКИ Подобра иднина за граѓаните и државата. Преземањето одговорност и прва позиција во партија по изборен пораз е голем предизвик. Целото моето менаџерско и професионално искуство што го градев 22 години го ставив на располагање на новата функција и во служба на граѓаните и државата. Како што кажав, одговорноста и обврските што ги носи оваа работа ги презедов со желба за промена, со јасна визија и со посветен и одговорен пристап на работа.

ФОКУС: Колку и како во политиката го аплицирате претходно стекнатото менаџерско искуство во телекомуникацискиот сектор?

КОВАЧЕВСКИ: Јас со гордост зборувам за своето менаџерско искуство, и тоа е предност во политиката, особено во услови на ваква економска и енергетска криза. Тоа значи поинаков пристап кон работите, многу напорна работа од утро до вечер, многу посветеност на решенија и резултати.

Кога 22 години сте управувале со големи корпорации, тогаш стекнувате работни навики што се на врвно ниво, способност за носење одлуки базирани на емпириски податоци, на совети и дијалог со поширок круг на заинтересирани страни. Сите беа сведоци дека сите одлуки беа носени низ широки расправи, дали се работи за стопански комори, синдикати, што е квалитет плус.

ФОКУС: Постојано говорите за вашето менаџерско искуство и образование, но каков е Вашиот партиски и политички бекграунд?

КОВАЧЕВСКИ: Јас сум член на СДСМ од 1994 година. Започнав како член на локалниот клуб на социјалдемократската младина во Куманово, потоа бев член на Централниот одбор на младината, бев член на Извршен одбор и во Куманово и во Карпош. Во два наврати бев член на Централниот одбор на партијата и во два наврати бев член на Извршниот одбор. Учествував во изборните штабови и на општинско и на централно ниво.

Значи бев дел од активностите на СДСМ, кога заедно со партиските другари ја градевме партијата, бидејќи во 1994 година се почетоците на СДСМ и СДДМ. Практично, 30 години сум посветен социјалдемократ и во добро и во лошо и така ќе биде и во иднина. Верувам дека процесите низ кои минува една партија не се процеси на еден човек и неколку поединци, туку заеднички процеси во кои сите треба да се вложат за заеднички успех.

ФОКУС: Дали самоиницијативно влеговте во изборна трка или бевте производ на внатрешен процес и консултации низ кои излеговте како најсоодветен кандидат, кој би ги амортизирал нагласените внатрешните разлики?

КОВАЧЕВСКИ: Кога бев избран за претседател на партијата имаше тројца кандидати. Вие сигурно знаете, СДСМ е единствената партија што избира претседател на непосредни избори. Во тој процес, нормално е секој од кандидатите да има поддршка од другите членови, така јас имав поддршка од доминантниот дел од тогашното раководство.

ФОКУС: Дали сметате дека успеавте да ја обедините партијата, бидејќи и самиот посочивте имало големи поделби?

КОВАЧЕВСКИ: Партијата помина најпрво низ еден процес на избор на ново раководство по што следуваше процес на средби со граѓаните. Изминатиов период одржавме 79 трибини низ државата, што е за респект, со оглед дека се одржаа за помалку од 2 месеца. Сметам дека СДСМ е консолидирана партија и тоа го докажа на изборите во Маврово Ростуше и во Центар Жупа, како и во Тетово. Докажавме дека имаме супстанца да победуваме на избори.

ФОКУС: Може ли овие парцијални избори да бидат репер за генералното ниво на партијата?

КОВАЧЕВСКИ: Моментално имаме младо раководство, кое обезбедува успешна иднина на СДСМ. Партијата покажа дека може да се носи со големи одлуки, економска и енергетска криза, и тоа го гледаат сите. А носењето големи одлуки е нешто што е специфично за СДСМ низ годините. Сите што се вложиле и учествувале во развојот на партијата, имаат улога во тоа СДСМ да биде носечка партија од самата независност на државата.

И, ако се навратите во овие 30 години, тогаш јасно е дека сите големи одлуки, од независноста, од кандидатскиот статус со ЕУ, од членството во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ, донесени се од страна на претседатели на влади предводени од СДСМ. Навистина сум горд на овој факт.

ФОКУС: Дали имате комуникација со Вашиот претходник Заев, како и со другите поранешни претседатели – Црвенковски, Бучковски, Шекеринска? Колку тие се вклучени во партиските процеси?

КОВАЧЕВСКИ: Уште при самиот избор за претседател реков дека себеси не се гледам како наследник, туку се кандидирав со јасна подготвеност, концепт, план и визија како СДСМ да се консолидира, да напредува и да ја предводи владата со конкретни социјалдемократски политики. Тоа до ден-денес не е променето.

Сите поранешни претседатели на СДСМ, без исклучок, вклучувајќи го и претседателот на државата Киро Глигоров, кој не бил претседател на СДСМ, но ја има членската книшка 001, се вградиле во напредокот на независна Македонија.

Тие имаат големо државничко и партиско искуство и секогаш кога за тоа постои потреба, јас имам комуникација за одреден совет при моделирањето на политиките. Тие во рамки на нивните можности учествуваат и во активности на партијата. Бевте сведоци дека на трибините добар дел од некогашните претседатели се појавија и беа поздравени како што доликува.

Целото интервју прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости