Премиерот Димитар Ковачевски, во интервју за најновиот број на неделникот „Фокус“, говори и за профилот на претседателскиот кандидат на СДСМ и владејачката коалиција, за партиските и личните рејтинзи што произлегуваат од анкетите, за предизборната кампања – дали таа ќе се базира исклучиво на евроинтеграциската агенда или и на други цели?
Разговараше: Влатко СТОЈАНОВСКИ
ФОКУС: Колку досегашните внатрепартиски анализи што ги правите ги расчистуваат дилемите околу претседателскиот кандидат?
КОВАЧЕВСКИ: СДСМ го избира претседателскиот кандидат низ дефинирана процедура. Веќе и знаете дека врз основа на истите политички принципи за формирање на Европскиот фронт, извршниот одбор на СДСМ донесе и одлука за почнување постапка за избор на кандидат за претседател.
ФОКУС: Има ли одлука околу кадровското решение? И што мислите – дали подобро би било да настапите со партиско решение или, условно кажано, надворешно решение?
КОВАЧЕВСКИ: Вредностите се многу важни за нас. Профилот на претседателскиот кандидат треба да ги дели европските вредности и да ги обединува во заедничка коалиција партнерите од Европскиот фронт.
Претседателскиот кандидат треба да се залага за евроинтеграцијата на државата, за надворешна политика што е целосно усогласена со НАТО и ЕУ, кој ги почитува меѓународните договори на државата, и крајно ја почитува и ќе се залага за спроведување на преговарачката рамка на Северна Македонија со ЕУ.
Претседателскиот кандидат треба да се залага воедно за еднакви можности за сите граѓани, без разлика на нивната етничка или друга припадност, но и да се залага за европските вредности на врвно владеење на демократија, на социјалната правда, но и за економски раст и развој на државата со кои ќе се обезбеди подобар животен стандард на граѓаните.
ФОКУС: Што ви покажуваат сондажите во однос на партискиот рејтинг? Речиси сите јавно објавени анкети велат дека ВМРО-ДПМНЕ стои подобро од СДСМ и врз основа на тоа опозицијата веќе наметнува триумфалистички наратив.
КОВАЧЕВСКИ: Сите анкети ги сметам за добар извор на информации. Но, би ве потсетил и на анкетите од минатата година во август, за Маврово-Ростуше. Предвидувањата беа дека ВМРО-ДПМНЕ ќе извојува огромна победа во Маврово Ростуше. Реалноста е дека таму има СДСМ градоначалник, кој одлично си ја извршува функцијата, за разлика од градоначалниците на ВМРО ДПМНЕ.
ФОКУС: Сепак, во случајот станува збор за две помали општини, кои не можат да се земат како репер за генералното расположение на национално ниво.
КОВАЧЕВСКИ: Ако веќе зборуваме за анкети, за неполни две години активен политички ангажман, јас имам рејтинг кој е сличен на рејтингот на личности што се исклучително долго на политичката сцена. Тоа се должи на она што го сработив како претседател на влада во исклучително тежок мандат и само го потврдува она што го кажувам постојано – кога се работи напорно, нема недостижна цел.
Граѓаните ќе знаат да направат разлика на следните избори, знаат точно кој работи во нивен интерес, знаат со чиј ангажман во државава пораснаа и ќе продолжат да растат платите и пензиите и во услови на најголема криза.
Горд сум на тоа што го постигнавме – просечната пензија е покачена на околу 20.000 денари, што е зголемување од околу 100 евра во споредба со 2016 година.
Ветувањето за 500 евра просечна плата, го исполнивме предвреме, и со износ поголем од ветениот.
Денес просечната плата е над 100 евра повеќе од тоа ветување и е 37.876 денари. 614 евра! Тоа воедно значи дека ја покачивме просечната плата за 250 евра во однос на 2016 година, кога изнесувала нешто над 22.000 денари.
Во државата денес има историски највисока минимална плата од 20.175 денари. Идната година ќе биде 22.500 денари. И ова го загарантиравме со закон и со новата методологија за постојан раст на минимална плата.
Со политиките што ги спроведуваме, земјава веќе не е дестинација на евтина работна сила, а сепак имаме зголемување на странските директни инвестиции. Ако во 2016 година, странските директни инвестиции изнесуваа 338 милиони евра, во 2022 година, по пандемија со ковид-19 и во ек на глобална економска и енергетска криза, изнесуваа речиси 754 милиони евра. Двојно повеќе од тоа што биле во 2016 година.
Инвестициите во ТИРЗ во 2016 изнесувале кумулативно 600 милиони евра, додека во 2023 заклучно со она што денес е постигнато, кумулативно изнесуваат 2 милијарди евра. Само во една година, новите договорени инвестиции се на ниво над 1 милијарда евра.
Стапката на невработеност, пак, во 2016 година беше речиси 24 отсто, за денес да е 13,3 отсто. За само една година имаме зголемена вработеност од 9,5 отсто во државата.
Компаниите, исто така, имаат директни придобивки во изминативе години откако СДСМ ја предводи владата. Преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите, од неговото воведување до денес поддржани се 919 компании со 100 милиони евра.
За 6 години финансиската поддршка од државата кон домашните компании е зголемена за 11 пати. Од 3,2 милиони евра во 2018 до 35 милиони евра во 2023 година.
ФОКУС: Од друга страна, опозицијата постојано ве обвинува за промашена економска политика.
КОВАЧЕВСКИ: Од едната страна имате европски концепт предводен од СДСМ, кој значи поголеми плати и пензии, подобар животен стандард и членство во ЕУ. Од другата страна има антиевропски концепт на ДПМНЕ и Левица, кој води во ќор-сокак и враќање назад во економска стагнација и изолација. И ова се факти, никој не може да ги оспори.
И овие политики, кои обезбедуваат подобар животен стандард на патот кон ЕУ, граѓаните ќе ги поддржат и на следните избори. Антиевропскиот концепт го чека пораз од граѓаните затоа што граѓаните не сакаат неизвесност и враќање назад, туку напредок и сигурна иднина…
ФОКУС: Според ова што го говорите, дали може да се заклучи дека за време на кампањата ќе се обидете да наметнете една референдумска атмосфера во смисла на изјаснување за или против ЕУ?
КОВАЧЕВСКИ: Очигледни се некои работи. Јасна дистинкција врзана со европскиот пат е важна затоа што граѓаните треба да знаат кој какви намери има за наредниот мандат и каде ќе биде земјата по наредните 4 години. Не е сеедно воопшто. Такви искуства ние сме имале.
Впрочем, бевме заедно со Хрватска, кога ДПМНЕ ја презеде власта и потоа следуваа 11 години изолација. Денес Хрватска е членка на ЕУ. Изгубивме многу генерации млади и затоа, да, разликата е важна и ќе ја потенцираме. Немаме ниту време ниту нови млади генерации за губење.
Европскиот фронт на кој повикавме ќе ги вклучи сите политички и општествени чинители што го поддржуваат членството во ЕУ. Тоа е државничка, над партиска цел.
Опозицијата, односно ВМРО-ДПМНЕ веќе се изјасни дека би влегле во коалиција со Левица, што јасно покажува дека тие и де факто се против остварување на државните цели зацртани уште со независноста. Јасно кажаа дека нема да ги почитуваат меѓународните договори што ги има склучено државава.
Сѐ се тоа јасни пораки дека доколку ВМРО-ДПМНЕ ја преземе власта, државава е осудена на изолација, иста каква што гледавме 11 години, со тоа што последиците сега ќе бидат несразмерно поголеми и на штета на граѓаните.
ФОКУС: Вашата стратегија ќе се темели исклучиво на европската агенда или?
КОВАЧЕВСКИ: Нашата стратегија, покрај европскиот пат и јасната визија за Северна Македонија како земја-членка на ЕУ, воедно ќе вклучува и победничка програма, која ќе обезбеди поголем економски раст, подобри услови за инвестирање, што ќе обезбеди подобри и подобро платени работни места, повисоки плати, и подобар животен стандард на граѓаните, која ќе обезбеди социјална правда, развој на демократијата и функционално владеење на правото. Нашиот пат, европскиот, развојниот, е трасиран, и нема враќање назад.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.