Премиерот Димитар Ковачевски, во интервју за најновиот број на неделникот „Фокус“, зборува и за борбата против криминалот и корупцијата, сферата на владеење на правото, состојбите во правосудството, како и за измените на кривичниот законик и проширувањето на „црната листа“ на САД.
Разговараше: Влатко СТОЈАНОВСКИ
ФОКУС: Доколку доживеете пораз на изборите, каков ќе биде вашиот следен потег? Дали ќе продолжите да го водите СДСМ во опозиција или планирате да се повлечете?
КОВАЧЕВСКИ: Јас ќе бидам следниот мандатар, кој ќе ја формира следната проевропска влада. СДСМ им е потребна на граѓаните и на државата. За важните реформски процеси, со кои конечно ќе обезбедиме европски квалитет на живот во државава, потребно е заедништво и затоа, победата на европскиот фронт на кој повикавме е извесна.
Претседател на држава и на влада може да биде само некој што има коалициски капацитет. Не можете да бидете ни претседател на куќен совет, ако ја имате поддршката само од соседите на катот, затоа што ви треба мнозинска поддршка.
И сакам уште нешто да потенцирам. Ако раководството на партијата што ја споменувате имаше минимум доблест, ќе соопштеа каква иднина им спремаат на граѓаните и на државата, ако таа не е европска?
Лесно е да се добијат гласови со лажен патриотизам. Но, е нечесно, лицемерно и опасно да се даде довербата на луѓе што пред јавноста имаат едно лице, а во заднина друго.
На улиците зборуваат за сиромаштија, криминал, корупција, а се враќаат во фотелјите во Белата палата изградена со украдени милиони евра пари од граѓаните.
Се колнат во чесност, а соработуваат со сомнителни структури од подземјето. Тоа е мачка во вреќа. Автомобил што никој не би го купил.
На граѓаните и на Република Северна Македонија, како кога надминавме конфликт, како кога добивме кандидатски статус, како кога влеговме во НАТО, како кога отворивме преговори со ЕУ, им треба Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, како државничка партија, со јасни прозападни демократски определби, која е подготвена да го испорача, во брзи рокови и членството во Европската Унија. И граѓаните тоа ќе добијат, затоа што не заслужуваат ништо помалку.
ФОКУС: Можно ли е по избори и т.н. бугарско сценарио, односно двете најголеми партии и коалиции, во случајов СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ да формираат заедничка влада?
КОВАЧЕВСКИ: Она што е засега јасно, е дека на претстојните парламентарни избори ќе имаме два политичка блока.
Првиот проевропски блок, предводен од СДСМ, заедно со сите политички партии, невладини организации, активисти, поединци, кои ќе бидат обединети во европски фронт, кој ќе се бори за европска иднина, поголеми плати и пензии, подобар животен стандард и европски вредности.
И еден антиевропски блок од ДПМНЕ и Левица, кој е за изолација и кој значи економско уназадување, стагнација и оддалечување од Европската Унија и од демократскиот свет.
Значи, граѓаните ќе бидат исправени пред два избора – да одлучат за интеграција или за изолација. Граѓаните сакаат членство во ЕУ, поголеми плати, подобар животен стандард, сакаат младите својата иднина да ја градат во европска држава, дома, во својата татковина.
Тоа е се спротивно од она за што се залагаат коалицијата ДПМНЕ и Левица, на Мицкоски и Апасиев и затоа ги чека пораз од граѓаните на изборите.
Ние покажавме дека можеме, знаеме и умееме. И имаме капацитет да ја однесеме државата во ЕУ.
Членство во ЕУ до 2030 година е достижна цел и тоа им го должиме на граѓаните. Неколкупати сум кажал и ќе повторам, ако се работи чесно, искрено и посветено, нема недостижна цел.
ФОКУС: Опозицијата предизборно сигурно ќе се обиде да ги наметне темите околу состојбите со борбата против криминалот, корупцијата, правната држава и владеењето на правото. Како планирате да одговорите на тоа?
КОВАЧЕВСКИ: Пред криминалот и корупцијата не смее да има отстапки. Повеќепати сум потенцирал дека одговорноста има име и презиме и таа треба да се лоцира со еден координиран и сеопфатен пристап на сите засегнати институции.
Неопходно е да имаме силен независен правосуден систем, судии со интегритет и професионални институции, кои ќе ги процесуираат соодветно делата. Без кој било дел од оваа алка, нема да имаме успех. И затоа постојано велам, одговорноста мора да се лоцира и мора да се посочи вината и таа соодветно да се санкционира.
Владата што ја предводам, преку системски и конкретни мерки придонесе во борбата против корупцијата и криминалот, а во насока на владеење на правото. Нашите политики не се само декларативни, туку се реалност, а најголем бенефит од тоа ќе имаат граѓаните.
ФОКУС: На што поточно мислите?
КОВАЧЕВСКИ: Според податоците, 2021 година ја заокруживме со над 50 отсто зголемување на откривачката функција на полицијата на кривични дела поврзани со корупцијата и спречени коруптивни дејствија во вредност од околу 149 милиони денари.
Додека, во 2022 година се откриени 124 коруптивни кривични дела, за кои кривично се пријавени 164 сторители (158 физички и 6 правни лица), со кои била причинета материјална штета, поголема од 227 милиони денари. Најголема застапеност имаат злоупотребите на службената положба кај кои се присутни коруптивни елементи.
И самите може да видите дека во судовите се водат актуелни случаи против поранешни високи функционери. Помина времето на „тефтерчиња“. Судската власт мора да е независна и непристрасна. Секако дека секогаш може подобро и повеќе.
Затоа и најновиот Извештај на Европската комисија за земјава е показател каде треба да вложиме дополнителни напори за подобрување на состојбите. Иако, во 80 проценти од поглавјата е забележан напредок, а не е нотирано назадување во ниту едно од поглавјата.
ФОКУС: Опстојувате ли уште на ставот дека нема ништо лошо измените на Кривичниот законик во време кога се подготвува целосно нов КЗ, бидејќи многу судски процеси беа прекинати врз основа на новите законски норми, а сведоци бевте на критики и од меѓународната заедница, пред сѐ, од холандскиот амбасадор?
КОВАЧЕВСКИ: Измените на Кривичниот законик се базираат на германското и словенечкото законодавство и наспроти критиките, тие не се насочени со цел некој да ја избегне правдата. Значи, земени се предвид искуства од земји-членки на ЕУ.
Очекуваме дека измените ќе влијаат на ефикасноста и ефективноста на целиот систем бидејќи се воведуваат казни, кои дозволуваат проширена конфискација на сторители на незаконски дела. Низ поедноставна постапка ќе може да се заплени имот стекнат на незаконски начин.
ФОКУС: Но, одредени експерти велат дека и сегашното законодавство пропишува конфискација, но тоа ретко се прави.
КОВАЧЕВСКИ: Најголемата забелешка на граѓаните се однесуваше на тоа дека се водат процеси кои траат со години, а нема конфискација на незаконски стекнатиот имот.
Затоа, сметам дека ова се позитивни измени во законот, кои ќе помогнат во пополнување на постоечките празнини во легислативата бидејќи недоволно се санкционира коруптивното и криминално постапување, дури кога постојат случаи каде се гледа дека стекнатиот имот е несразмерен со стекнатите приходи.
Тука сакам да посочам и дека конфискацијата во кривична постапка не е замена и не би требало да се поистовети со предлог-законот за конфискација на имот во граѓанска постапка. Во моментов, ова е само дел од сетот закони кои што во моментов се подготвуваат во рамките на Министерството за правда.
Нашата заложба е бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата и ќе сториме сѐ што е во наша моќ да ги спроведеме неопходните реформи и законските решенија со цел да ги примениме стандардите на ЕУ и со тоа да ја исполниме нашата втора стратешка цел – полноправното членство во Унијата.
ФОКУС: Во меѓувреме, „црната листа“ на САД сѐ повеќе се проширува и последно на неа се најде поранешен вицепремиер во влада предводена од СДСМ. Но, овие лица немаат никакви последици дома и непречено учествуваат на бизнис-сцената. Како го коментирате тоа?
КОВАЧЕВСКИ: Нашите истражни и судски институции имаат обврска, доколку постои каков било сомнеж за незаконско работење, без разлика дали станува збор за поединец функционер, актуелен, поранешен, да ги преземат сите неопходни мерки и да постапат.
Меѓународните институции, нашите стратешки партнери, каде што број еден се САД, врз однос на свои наоди ги носат овие одлуки, меѓутоа од друга страна и нашите институции имаат обврска да реагираат и да испитуваат за секој случај без никакво влијание.
ФОКУС: Како влада најавивте измени во Законот за рестриктивни мерки со цел да бидат додадени санкциите од САД, па дали може и тоа да остане само најава исто како и Законот за потекло за имот, кој не се носи веќе 3 години?
КОВАЧЕВСКИ: Владата веќе донесе одлука во однос на менување на законските решенија во државата. Се работи во еден дел за измена на законски решенија кои во моментов се однесуваат на лица санкционирани согласно одлуки на ОН и законската регулатива на ЕУ.
Измената тука ќе се направи за да се дополни законското решение со лица санкционирани согласно законите на САД, а во однос на нивното можно извршување општествени функции во иднина.
Второ, на една од последните владини седници донесовме одлука за формирање координативно тело за анализа и зајакнување на легислативата во борбата против корупцијата и криминалот, во чиј состав е вицепремиерката за добро владеење, министрите за надворешни работи, одбрана, внатрешни работи, за правда, министрите за финансии и за економија, како и претставници од безбедносните служби во советодавна улога.
Ова тело ќе ја разгледува промената на законската регулатива врзана со можноста за работење за овие физички и правни лица во прометот во Република Северна Македонија.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.