Премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски, во интервју за новогодишниот број на неделникот „Фокус“, вели дека сите пратеници треба да поддржат уставни измени со цел отворање на преговарачките поглавја со ЕУ, бидејќи, според него, станува збор за неповратен и натпартиски процес за, како што истакнува, подобра иднина на сегашните и идните генерации.
Разговараше:
Влатко СТОЈАНОВСКИ
ФОКУС: Неодамна изразивте оптимизам дека ќе станеме членка на ЕУ до 2030 година, но еден од предусловите се уставните измени, за што е потребна поддршка и од пратениците на опозицијата. Какви, според Вас, се шансите за тоа?
КОВАЧЕВСКИ: Патот на евроинтеграциите на државата е неповратен процес и последната анкета на ИРИ и покрај сè покажува над 70 отсто поддршка за тој пат. Тоа е натпартиска, национална одлука, која треба да биде поддржана од сите партии што сакаат да ги остварат зацртаните цели при самата независност во 1991 година.
Тоа не е процес на еден човек или партија, туку национален процес и сите 120 пратеници во Собранието имаат одговорност и обврска тие процеси да ги остварат заради подобра иднина на сегашните и идните генерации.
Нашите деца заслужуваат да живеат во европска држава, но не во европска држава во туѓина, туку во Северна Македонија членка на ЕУ, каде што, исто како во земјите на ЕУ, владее економски просперитет, врвна демократија и социјална правда.
ФОКУС: Т.н. француски предлог ни овозможи скрининг и отворање на преговорите, но условено е отворањето на преговарачките поглавја со уставни измени. Од денешна перспектива, сметате ли дека извлековте максимум?
КОВАЧЕВСКИ: Тоа беше голема и тешка одлука, која ни овозможи да го откочиме патот кон зачленување во ЕУ. Се работеше за долги преговори и со претседавачот Франција и со Бугарија и постигнавме компромис со кој го заштитивме идентитетот.
Со чист македонски јазик, како Македонци, започнавме преговори со ЕУ. Нема дилеми дека државата треба да оди напред. Граѓаните сакаат во ЕУ и наша задача како политичари е тоа да го исполниме.
ФОКУС: Сепак, многумина обвинуваат договорот го поткопува нашиот идентитет.
КОВАЧЕВСКИ Хистеријата дека ќе сме асимилирале, бугаризирале, дека ќе нè снемало, од денешна перспектива гледаме дека се само лаги. Кој може да нè асимилира никому не му е јасно. Тоа го истакнуваат претседателите на најголемите држави-членки на ЕУ.
Нешто што постои длабоко во нас, постоело со векови и ќе продолжи да постои, никој не може да го одземе. А, добивме договор и преговарачка рамка што нѐ носи напред во исполнување на уште една стратешка цел.
ФОКУС: Да, но понатамошниот прогрес зависи од уставните измени, кои висат. Освен противењето на ВМРО и Левица, сега и Беса испорачува услови…
КОВАЧЕВСКИ: Би истакнал дека обезбедувањето двотретинско мнозинство е само една од одлуките што ќе треба да се носат во Собранието до полноправно членство.
Ќе се носат и други одлуки, бидејќи кога ќе заврши скрининг-процесот, ќе дојдат „бенчмарковите“, кои ние ќе мора да ги исполниме во поглед на усогласување на нашето законодавство, во поглед на сериозни реформи и унапредување на општеството.
Тоа значи дека до 2030 година ќе треба да се носат уште големи одлуки, како што се правело во сите земји-членки. Затоа велам дека тоа е неповратен процес.
ФОКУС: Дали моментално гледате расположение кај некои опозициски пратеници за поддршка на уставните измени, како што се случи по Преспанскиот договор?
КОВАЧЕВСКИ: Според мене, ова е едноставна равенка и не бара никој 8 пратеници. Сите 120 пратеници треба да ги послушаат граѓаните и да донесат државничка одлука. Убеден сум дека пратениците ќе бидат на ниво на задачата. Зборувам за овој парламентарен состав, бидејќи во 2024 година ќе имаме нов парламент и нему исто така ќе му претстојат одлуки за исполнување на критериуми за членство во ЕУ.
Треба да се отвори процесот, кој ќе почне со консултации, во кој ќе бидат вклучени експерти, Министерството за правда, соодветните комисии во собранието. Не е тоа процес на еден човек, партија, влада, туку процес кој ќе трае и низ кој ќе се носат одлуки за унапредување на државата, за да ги исполнат стандардите, да станеме место еквивалентно на местата членки на ЕУ.
ФОКУС: Некои експерти и политички субјекти препорачуваат да разгледуваме и алтернативи. Што мислите во однос на таквите ставови?
КОВАЧЕВСКИ: Се виде дека алтернативните концепти, како што го гледавме 11 години во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, завршија со рангирање на државата како заробена држава. Ни требаа 5 години за да се вратиме во друштвото на демократски држави. Ова е обврска на сите 120 пратеници, да ја обезбедат европската иднина на сегашните и идните генерации.
Целото интервју прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.