Премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски, во интервју за новогодишниот број на неделникот „Фокус“, вели дека годинава што изминува била исклучително тешка. Но, Ковачевски воедно истакнува дека секоја криза е можност, посочувајќи дека во следната година ќе се фокусираат на енергетска трансформација на земјава. Тој открива дека новогодишните праници ќе ги мине дома со семејството.
Разговараше:
Влатко СТОЈАНОВСКИ
ФОКУС: Како генерално би ја резимирале изминатата година и кои се вашите проценки и очекувања за следната година на политички, економски и на безбедносен план?
КОВАЧЕВСКИ: Изминатата година беше исклучително тешка, само што заврши пандемијата, почна војната во Украина. Економската криза се продлабочи, па дојде енергетската криза и имавме тешки одлуки на политички план.
Вредно е да се спомене дека покрај сите работи, кризата е и можност. Од тој аспект, енергетската трансформација е многу важна за државата. Северна Македонија има ресурси и планот е да ги искористиме сите ресурси што ни се на располагање да ја направиме земјава енергетски центар на зелена енергија, и не само за регионот, туку и пошироко.
ФОКУС: Дали тоа е желба или реална и остварлива цел?
КОВАЧЕВСКИ: Тоа не е невозможна цел, ние работиме на тоа. Законската регулатива за олеснување на процедурите за инсталирање на централи од обновливи избори се олеснети. Постапки што траеја со месеци сега се завршуваат за еден ден. Веќе има историски најголемо пуштање на употреба на капацитети на струја од обновливи извори на енергија за овие 10 месеци, повеќе од кога било досега.
Само оваа година во употреба се пуштени 141 мегават капацитети за производство на струја од обновливи извори на енергија, а до крајот на идната година претпоставките се дека ќе бидат пуштени до 300 мегавати, што е скоро половина од капацитетот на РЕК Битола.
ФОКУС: Своевремено велевте дека додека се решаваат крупните теми, се занемаруваат домашните прашања, па сметате ли дека се постигна тој баланс во ваше време?
КОВАЧЕВСКИ: Она што е важно дека Северна Македонија отпочна преговори со ЕУ, веќе не сме изолирани, реформите се случуваат брзо и динамично, а земјава е безбедна и стабилна, што е голема придобивка на одлуките носени оваа година и во минатото.
Тоа значи повеќе странски, но и домашни инвестиции. Тие значат повеќе и подобро платени работни места. Оваа година се отворени 2.000 работни места во компаниите што се странски директни инвестиции и кои се подобро платени од другите работни места.
ФОКУС: Може ли да се каже дека има простор за оптимизам?
КОВАЧЕВСКИ: Има простор за оптимизам, за рационален оптимизам. Јас сум и рационален оптимист – верувам во остварување на целите и работам тие да се остварат. Работам на тоа идната година да биде подобра. Затоа што ако напорно работиме и ги оствариме целите, тогаш и годината ќе биде подобра. Нема тоа да дојде само од себе, ќе се случи единствено ако работиме посветено. Напорна работа, посветеност и труд, секогаш дава резултат.
ФОКУС: Како го оценувате перформансот на министрите и на функционерите од пониските ешалони? Дел од структурите на ДУИ, на пример, не се за доволни од нивните министри.
КОВАЧЕВСКИ: Сето она што го набројав, сите реформи, зголемувањето на минималната плата… Ние имаме највисока просечна плата, никој не веруваше дека ќе дојде над 500 евра. Имаме зголемени пензии за 10 проценти, најголем број отворени градинки. Сега го пуштивме експресниот пат Крупиште – Кочани, што значи од Штип до Кочани комплетно нов експресен пат. Со силна динамика се работи на автопатот Кичево – Охрид…
Сето ова е резултат на тимот на владата. И затоа по овие 11 месеци, владата во тешки услови постигна значајни резултати, вклучително и преговори со ЕУ.
ФОКУС: Значи, не планирате покрупни кадровски промени?
КОВАЧЕВСКИ: Не се планираат кадровски промени.
ФОКУС: Како обично ја минувате новата година и божикните празници и како планирате да ги поминете претстојните празници?
КОВАЧЕВСКИ: Секогаш празниците ги поминувам со семејството, така ќе биде и сега. Деновите ќе ги поминам со семејството дома, тогаш постои можност да се видиме, да поразговараме за годината што изминува, за нашите предизвици и за годината пред нас, малку да земеме здив и да собереме сила за следната година.
ФОКУС: Која би била вашата порака до граѓаните?
КОВАЧЕВСКИ: Најпрво, би сакал на сите граѓани да им ги честитам новогодишните и божикните празници, да посакам добро здравје, многу радост и поуспешна нова година за сите.
Мојата порака до граѓаните е да имаат надеж, да ја задржат јасната визија за европската иднина на државата и да се вклучат во процесите. Нам ни требаат активни и ангажирани граѓани, апатијата не е решение.
Што се однесува до мене, исто како и оваа година што изминува, ќе работам неуморно за да имаме сите подобра година. Знам дека предизвиците со кои се среќаваме создаваат недоверба, но мојот мандат почна пред околу една година. За оваа година дадов сѐ од себе, најмногу што може да се направи во вакви услови на криза. За да направиме повеќе и подобро, мене и на владата ни треба поддршка од граѓаните.
Целото интервју прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.