(ИНТЕРВЈУ) Ковачевски: Како граѓанин, очекувам функционална судска власт и правда!

На правосудниот систем му останува низ транспарентен процес да им објасни на граѓаните за одлуките што ги носи и да работи на унапредување за да се зголеми довербата на граѓаните и да се обезбедат фер услови сите граѓани да бидат еднакви пред Уставот, вели премиерот Димитар Ковачевски во интервју за „Фокус“.

by Фокус

Премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски, во интервју за новогодишниот број на неделникот „Фокус“, вели дека Владата ниту може, ниту сака да се меша во правосудството. Но, како што истакнува тој, може низ отворена дискусија да даде предлози за унапредување на законски решенија кои се однесуваат, на пример, на регулација на изборот на членови и претседател на судски совет, на статусот на мирување на судската и обвинителската функција, но и на ветинг. Според него, добродојдена е помошта од САД, чиј тим за санкции неодамна беше во Македонија.

Разговараше:
Влатко СТОЈАНОВСКИ

ФОКУС: Дали сте задоволен од состојбата во правосудството? Како се чувствувате како граѓанин кога меѓународната заедница реагира за изборот на обвинител за организиран криминал, истакнувајќи дека тоа кај нив предизвикува збунетост?

КОВАЧЕВСКИ: Ниту сакам, ниту имам намера, ниту имам законски основ да се мешам во судството како независна власт, која самостојно треба да седне, да ги анализира процесите и да најде најдобар начин да го унапреди работењето и перцепцијата на граѓаните за нивното работење. Од таа перспектива, не би коментирал нешто што не е надлежност на владата.

ФОКУС: Меѓутоа, власта и мнозинството преку законски измени може да променат услови и правила на игра.

КОВАЧЕВСКИ: Како граѓанин очекувам да имаме функционална судска власт и очекувам правда. Судската власт е независна, а владата како извршна власт има обврска и задача да обезбеди услови за непречено и независно функционирање на институциите од правосудниот систем. Ние ниту можеме, ниту сакаме да се мешаме, но можеме низ отворена дискусија да дадеме предлози за унапредување на законски решенија што се однесуваат на судската власт.

Законски решенија на пример со кои се регулира изборот на членови и претседател на судски совет или статусот на мирување на судската и обвинителската функција. Во делокругот на работење на Владата е предлагањето нови законски решенија, како на пример, за ветинг.

ФОКУС: Пресудата на апелација за случајот со масовното прислушување и масовно нарушување на човековите права ја разбранува јавноста, бидејќи предметот се враќа во првостепена постапка и оди кон застарување. Кој е вашиот став?

КОВАЧЕВСКИ: Како и многумина, и јас изразив свој став околу одредени судски случаи, кои ја потврдија ниската доверба на граѓаните во правосудството. Но, пак истакнувам дека владата не може да се меша во судската власт. На правосудниот систем му останува низ транспарентен процес да им објасни на граѓаните за одлуките што ги носи и да работи на унапредување за да се зголеми довербата на граѓаните и да се обезбедат фер услови сите граѓани да бидат еднакви пред Уставот.

ФОКУС: Што значи за вас посетата на тимот за санкции на САД кои најавија борба против корумпирани актуелни и поранешни функционери?

КОВАЧЕВСКИ: Искуствата што ги имаат ЕУ и САД се од огромно значење и се добродојдени, бидејќи партнерите може да бидат независни арбитри и можат да ни помогнат во решавањето на проблемите, а ние како влада може да ги удвоиме напорите и да им помогнеме во таа мисија за поддршка на борбата против корупцијата преку нови законски решенија, да обезбедиме финансиски средства за независниот буџет на правосудството итн.

ФОКУС Дали имате информации од амбасадорката во врска со оваа посета?

КОВАЧЕВСКИ: Што се однесува до истражителите, тие немале состанок со мене, ниту нивната работа била предмет на моите состаноци со амбасадорката.

Јас би ве упатил на стратегијата на САД и Бајден за борба против корупцијата, каде што се наведени основните постулати на борбата против корупцијата во САД, но и во земјите-партнери на САД. Ние сме земја стратешки партнер на САД, кои имаат инвестирано финансиски и материјални средства, кадровски средства и знаење за унапредување на многу сегменти во нашето општество, вклучително и во правосудниот систем.

ФОКУС: Како е можно во државниот систем да си дозволи случај  Онишченко, проруски бизнисмен од Украина на црна листа на САД, кој добил македонско државјанство?

КОВАЧЕВСКИ: Таму постои истрага, која треба да се доврши и врз основа на истрагата да се изготви извештај со кој АНБ ќе реферира во Собранието, односно пред Комисијата за надзор врз безбедносните служби, и се разбира пред владата на затворена седница.

ФОКУС: Каде, според Вас, треба да се лоцира одговорноста?

КОВАЧЕВСКИ: Согласно извештајот треба да се преземат соодветни чекори согласно наводите од истрагата од страна на соодветни институции и повеќе од тоа не би сакал да коментирам.

Целото интервју прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости