Претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев е жесток противник на идејата за внесување на Бугарите во Уставот под сегашните услови, затоа што верува дека тоа ќе биде само основа за понатамошни позастрашувачки барања од бугарска страна.
„Фокус“ разговараше со академикот на оваа тема, како и на темата за Договорите со Бугарија и Грција, за кои смета дека треба да се раскинат. За тоа каква соработка имаат со Владата, прочитајте во продолжение.
Разговараше: Катерина Смилева Божиновска
ФОКУС: Кој е Вашиот став за внесувањето на Бугарите во Уставот и како тоа ќе се одрази на иднината на Македонија?
КОЦАРЕВ: Мојот став по ова прашање го кажав на Годишното собрание на МАНУ, одржано на 22 февруари 2023 г., па затоа, тој став ќе го повторам уште еднаш: Македонија треба да чекори по европскиот пат – тој е единствениот пат кој нуди сигурност, економски напредок, благосостојба и извесност за сите нас и за државата, но, по тој пат, Македонците треба да чекорат единствено како горди и достоинствени Македонци.
За да чекориме достоинствено по европскиот пат, ги повикувам сите 120 пратеници во македонското Собрание едногласно да се изјаснат против уставните измени – тоа ќе биде мал чекор за нив, но огромен за Македонија. Ако сега кажеме не, колку и да се чини на прв поглед парадоксално и противречно, Македонија ќе има повеќе шанси да биде рамноправна членка во ЕУ, и да додадам, да опстои и да не се распадне. Во спротивно, ако дозволиме уставни промени, тоа ќе значи широко отворање на портите за други, нови, нестварни и небулозни барања, што ќе повлече соочување со уште поголеми искушенија. Промената на Уставот е првото, пробно, дури, можеби, и не толку застрашувачко барање – другите, посурови и позастрашувачки барања ќе дојдат подоцна, по започнување на пристапните преговори.
ФОКУС: На кој начин ќе исчезнат Македонците ако не се раскинат договорите со Грција и Бугарија и како тоа може да се спречи?
КОЦАРЕВ: Договорите со Грција и со Бугарија адресираат два предизвика: Бугарија има проблем со историјата и со јазикот на македонскиот народ, додека Грција со терминот „Македонија“ и нејзините деривати. Нивните проблеми денес се решени. Грција го постигна тоа што го бараше токму со Преспанската спогодба: термините „Македонија“ и сите нејзини деривати во меѓународната употреба се резервирани само за Грција, што, впрочем, е потврдено и во ООН. Бугарија, пак, го постигна тоа што го бараше со Протоколот: Бугарија да ја надгледува и да ја пишува историјата на македонскиот народ, а како последица на тоа, македонскиот јазик да стане дел од бугарскиот, тргнувајќи од официјалниот став на Бугарија: „Ниту еден документ/изјава во процесот на пристапување не може да се смета за признавања од страна на бугарската страна на постоењето на т.н. ‘македонски јазик’, одвоен од бугарскиот“.
Наспроти тоа, многумина, сепак, се пофалија дека со Договорот за ФРОНТЕКС се потврди рамноправноста на македонскиот јазик со другите јазици на ЕУ. Но, официјалниот став на Бугарија е дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик и дека постои од 1945 година. Дали сте се прашале што ќе се случи ако прифатиме дека македонскиот идентитет и македонскиот јазик постојат од 1945 година? Во тој случај, за неколку децении од денес, под притисок на демократската (домашната, но и надворешната) јавност, тие творби (македонскиот идентитет и македонскиот јазик) природно ќе исчезнат, ќе ги снема како комунистички, недемократски творби, ќе „догори оганчето, крај“. Дали воопшто некој денес се сеќава дека, пред триесетина години, Арбитражната комисија на чело со Бадинтер, претседателот на Уставниот суд на Франција, заклучи дека имаме право на називот „Македонија“?
ФОКУС: Каква е моменталната состојба во МАНУ од аспект на условите за работа и дали Академијата е задоволна од поддршката што ја добива од власта?
КОЦАРЕВ: Во изминатите неколку години, за жал, власта со сите сили настојува да ја задуши, да ја оневозможи, да ја омаловажи и да ја маргинализира работата на МАНУ, па, така, на пример, на уредно и на навремено поднесените барања за користење на средствата обезбедени од други извори, најчесто од меѓународни проекти, Министерството за финансии или не ги одобрува тие барања или барањата неоправдано долго чекаат во некоја фиока, така што се попречуваат нормалното функционирање и работење на Академијата. Сите организациони единици на Секретаријатот на МАНУ и сите истражувачки центри имаат потреба од нови вработувања, но посебно во Одделот за финансиски прашања и во Секторот за правни, стручно-административни и општи работи се чувствува тој недостаток – веќе подолго време овие две единици немаат раководители.
ФОКУС: Каков е односот на линија академици – вработени во МАНУ?
КОЦАРЕВ: Претседателството на МАНУ, на состанокот од 24 февруари 2023 година, расправаше за проблемите во врска со штрајкот на вработените во Секретаријатот на МАНУ и во стручните служби на МАНУ, како и за правните аспекти и можните решенија за надминување на настанатите проблеми. Притоа, Претседателството на МАНУ ја потврдува безрезервната поддршка на барањата на вработените во Секретаријатот на МАНУ и во стручните служби на МАНУ, искажана на претходната седница на Претседателството на МАНУ, како и неговото соопштение за јавноста, објавено во медиумите.
Со цел да се најде трајно решение за настанатите проблеми, Претседателството на МАНУ донесе Одлука за формирање работна група која ќе подготви предлог-амандман, врз основа на кој Македонската академија на науките и уметностите ќе поведе иницијатива до Владата на РС Македонија, повикувајќи се на нејзиното право, таа да предложи изменување на Законот за МАНУ во делот за платите. Во составот на таа група се назначени: академик Живко Попов – потпретседател на МАНУ, академик Владо Камбовски и академик Таки Фити.
ФОКУС: Во Вашиот говор за Нова година зборувавте за поларизацијата во општеството. До кој степен е стигната политичката поларизација во Македонија и како тоа влијае врз националните интереси?
КОЦАРЕВ: Ако од независноста до денес секоја промена на власта значеше влошување на демократските процеси, случувањата во изминатите неколку години покажаа дека сегашните властодршци додадоа уште еден атрибут, негирање на македонскиот идентитет и на македонскиот јазик. „Денес сè се купува и продава. Дури и она кое луѓето мислат нема цена. Тоа обично е и најевтино“ – напиша Горан Стефановски. За жал, поларизацијата меѓу македонските партии, желбата за доаѓање и опстојување на власт, доведоа до продавање и предавање на сè што е македонско.
ФОКУС: Што презема МАНУ во моментов, во насока на зачувување на националните интереси и на македонскиот идентитет?
КОЦАРЕВ: Академијата, од нејзиното основање до денес, презела голем број активности – спровела научни истражувања, организирала научни конференции и издала голем број документи и обраќања до јавноста, сите со единствена цел: зачувување на националните интереси и на македонскиот идентитет. Ова мое тврдење ќе го поткрепам со неколку документи. Во првиот, објавен во 2002 година и поставен на веб-страницата на МАНУ, со наслов „Промеморија на МАНУ во врска со спорот за името на Република Македонија“, пишува: „МАНУ ги смета за сосема основани и ги поддржува предлозите … за признавање и обезбедување на правата на македонското национално малцинство во Бугарија и Албанија, …, но и во Република Грција, каде што живее бројно македонско национално малцинство“.
Вториот документ, што претставува реакција на МАНУ на писмото потпишано од повеќе професори од разни универзитети во САД, Канада и во Европа…, упатен до претседателот на САД, Барак Обама, објавен во Билтенот на МАНУ, во 2009 година, и достапен на веб-страницата на МАНУ, завршува со следниот повик: „Затоа и ние, луѓето од науката и уметноста, се залагаме за што побрзо надминување на атавизмите од минатото на патот кон обединета и просперитетна Европа. Апсурдно е на тој заеднички пат да се бара од нас да се откажеме од сопственото многувековно име и од самите себе. Името на Македонија е стварноста на Македонија“. Во последните четири години, МАНУ продолжи да ги брани македонските национални интереси, па, така, на седницата на Собранието на МАНУ, одржана на 3 декември 2019 година, беше усвоена „Повелбата за македонскиот јазик“, додека, пак, документот „Промеморија за државотворноста и идентитетот на македонскиот народ“ беше усвоен од Претседателството на МАНУ, на 15 ноември 2020 година.
Би сакал да подвлечам дека сите овие документи, всушност, ја сублимираат и ја истакнуваат законската и статутарната обврска на МАНУ да остварува координативна и обединувачка грижа за македонските национални интереси, за македонскиот јазик и за македонската историја, преку вршење приоритетни и фундаментални научни истражувања со другите научноистражувачки и високообразовни установи.
ФОКУС: Дали МАНУ има план да почне да го чествува формирањето на Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург во 1902 година како зародиш на основањето на МАНУ?
КОЦАРЕВ: Ја предочив идејата за чествување на овој датум и првичната иницијатива во врска со тоа ја поведов токму јас како претседател на МАНУ, но сметам дека посоодветно е таа да добие формален тек преку Одделението за лингвистика и литературна наука. Покрај тоа, оваа година се навршуваат и 120 години од излегувањето на книгата „За македонските работи“ на Мисирков. Сметам дека и овој значаен јубилеј треба да се одбележи на соодветен начин.