Во најновиот број на неделникот „Фокус“, објавуваме интервју со новата заменик-претседателка на СДСМ, Фани Каранфилова-Пановска, која, меѓу другото, дава оценка за досегашното владеење на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски.
–Оваа влада го изгуби компасот за само шест месеци. Она од што лично најмногу стравував се потврди. А тоа е дека ВМРО-ДПМНЕ изговори еден куп невистини за време на кампањата и дека ништо од ветеното нема да може реално да испорача. И еве го тоа сега на дело. Добивме нарушена безбедност, внатрешни конфликти, економско назадување, брутална партизација на најважните институции во безбедноста, директен упад во судството, блокирана европска перспектива и враќање на меѓуетничките односи 20 години наназад.
Владата води дестабилизирачка политика, која е антинационална по природа и која сериозно загрозува сѐ што сме изградиле како држава и општество. ВМРО-ДПМНЕ очигледно не е отрезнета од изборната победа и заборава дека има држава за водење. Заборава дека целата одговорност за стабилноста, безбедноста, здравјето, мирот и напредокот е сега кај нив. Особено ако се погледне изборното салдо и комоцијата што ја имаат во власта. Суштината на преземањето на власта е преземање на таа одговорност.
А наместо тоа, што гледаме? Постојано бегање и префрлање одговорност. За излегување на состојбата од контрола на прославата на албанското знаме – СДСМ виновен, за неспособноста да се откочи ЕУ интеграција – ЕУ виновна, СДСМ виновен. За слабата економска реализација на проектите и слаба економија – лоша состојба наследиле итн. Зошто воопшто бараа да бидат на власт тогаш, ако немаат решение на ниеден проблем? – вели таа.
Притоа, Каранфилова-Пановска додава дека најголемата лага и манипулација што му се сервира на македонскиот граѓанин е дека со отпор и политика на отфрлање може далеку да се стигне. Ова, според неа, се случува со преговорите и со ЕУ-интеграцијата.
–За мене и за СДСМ е јасно дека продолжувањето на блокадата на евроинтеграциите ги загрозува стратешките интереси на Македонија. Одложувањето на реформите и уставните измени е директно спротивставување на државниот прогрес и европската иднина. Реформите, кои се предуслов за членство во ЕУ, треба да бидат национален, внатрешен приоритет, а не предмет на политички калкулации.
ВМРО изгледа се плаши од тоа дека ако ги спроведува овие реформи на конструктивен и инклузивен начин, ќе губи, затоа што сѐ повеќе личи, за жал, дека се повторува сценариото за водење на државата со инсталирање режимски пристап и власт, чија најјака страна се упадите во правосудството, независните институции, манипулациите, создавањето безбедносни кризи и изолација на државата.
СДСМ, користејќи ги сите демократски механизми, најостро ќе се спротивстави на ваквите тенденции во владеењето на ВМРО, за да не бидат загрозени стратешките интереси на државата и граѓаните, пред сѐ стабилноста, развојот и напредокот. Воедно ќе биде конструктивна опозиција за секогаш кога владејачките политики ќе се застапуваат за зачувување на стратешките интереси и развојот на државата – вели таа.
Дополнително, заменик-претседателката на СДСМ истакнува дека СДСМ во својата историја никогаш не дестабилизирала, туку е партија која ги носела сите одлуки, кои секогаш биле тешки, во интерес на стабилноста и напредокот, но ниеднаш не се покажале како погрешни за интересите на државата, иако директно самиот СДСМ го чинеле многу.
–Да се вратиме од 1991 година, преку ОН и референцата, преку Охридскиот договор, па сѐ до Преспанскиот договор, со кој влеговме во НАТО. Да се вратиме дека според сите параметри и мерења, меѓуетничките односи беа најстабилни во времето на претходната влада. Оттаму сметам дека се безобразни обвинувањата и политичките обиди СДСМ да се етикетира како партија што дестабилизира.
ВМРО-ДПМНЕ е партија, која, за жал, водела политика на поделби и дестабилизации, партија која го уништувала сврзното ткиво во оваа држава, која градела политики на омраза и лажен патриотизам. И ова е историската вистина за политиката во Македонија, во последните 30 години. И затоа ние никогаш нема да бидеме исти со нив.
Се плашам дека ризикуваме изолација и застој во најопасниот и најнестабилниот период во поновата историја на Балканот. Без перспектива напред, сѐ подлабоко заглавени интеграции, закопани ставови во ровови, кои знаеме каде нѐ однесоа порано. И ова е огромен ризик за граѓаните и за безбедноста. Мојата сумарна констатација е дека ВМРО-ДПМНЕ нѐ води во слепа улица – порача таа.
Разговараше: Влатко СТОЈАНОВСКИ
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.