Во најновиот број на неделникот „Фокус“, објавуваме интервју со новата заменик-претседателка на СДСМ, Фани Каранфилова-Пановска, која, меѓу другото, зборува за грешките на СДСМ во минатото, но говори и како опозициската партија треба да се постави и да се однесува во иднина.
–СДСМ иницираше погрешни политики и направи многу грешки во делот на справувањето и санкционирањето на корупцијата, не обезбеди пристојни јавни услуги за граѓаните, имаше лоши кадровски решенија, особено во вториот и во третиот ешалон на власта, имаше многу клиентелизам. Сметам дека владата на СДСМ не посвети доволно внимание, а веројатно немаше и доволно време на располагање за обезбедување широк општествен консензус околу преговарачката рамка со ЕУ.
Во тој контекст, исто така, отсуствуваше квалитетна и разбирлива комуникација кон граѓаните за приближување на пристапниот процес во ЕУ и неговата важност за домашните реформи и трансформацијата на општеството. Едноставно и многу важно, СДСМ заборави на некои клучни ветувања, како она носечкото „Нема правда, нема мир“ од Шарената револуција, на бранот на чии надежи и очекувања дојде на власт – рече Каранфилова-Пановска.
Според неа, СДСМ не смее да си дозволи потфрлања во носечките столбови на социјалдемократската идеја, исто како што мора сериозно да стои и да го спроведува принципот на заслуги заради квалитет, компетенции и стручност во селекцијата на кадрите што ќе работат на креирањето и реализацијата на политиките.
–СДСМ добивал секогаш кога бил доследен на вредностите на својата опција, дури и тогаш кога држењето до своите вредности и храбри лидерски одлуки оделе и контра расположението и мислењето на мнозинството македонски граѓани. Што е уште поважно, само тогаш добивала и Македонија како држава и општество и на таквите државнички одлуки треба да бидеме горди и не смееме да релативизираме.
Тука, пред сѐ, мислам на првиот Устав, членството во ОН под привремената референца ПЈРМ, Рамковниот договор, Преспанскиот договор, а јас тврдам дека на долг рок така ќе бидат вреднувани и ценети и Договорот за добрососедство со Бугарија и прифаќањето на сегашната Преговарачка рамка со ЕУ.
Наспроти тоа, СДСМ секогаш губел кога бегал од својата вредносна оска и, сакајќи или не сакајќи, знаејќи или не знаејќи, со политиките што ги спроведувал, се претворал во бледа копија на оригиналот, олицетворен во неговиот најголем политички противник. СДСМ не може и не смее да биде ВМРО-ДПМНЕ, чија автентичност е базирана на силна националистичка реторика во старомоден стил, главно со неодговорно ширење празен популизам – рече таа.
Воедно, заменик-претседателката на СДСМ порача дека ќе ги вратат автентичните партнери со искрени политики и најавува дека нема да толерираат, како што вели, застранување од вредностите на солидарност, грижа за сите, особено за најранливите, реторика на омраза и поделби.
–Нема да глумиме патриоти, ќе докажеме дека сме патриоти низ заедништво, почит кон граѓаните, доследност на нашите политики, себепочитување и спроведување инклузивни политики, кои носат напредок. Ќе се обратиме до сите што искрено веруваат во ваква држава и во овие вредности. Јас верувам во нив, моите нови колеги од раководството длабоко веруваат во нив и ние ќе ги убедиме и граѓаните во тоа.
Нема да дозволиме да кокетираме со национализмот, да ги напуштаме нашите принципиелни политики и ставови затоа што тоа во моментот изгледа политички опортуно. Цврсто ќе застанеме зад она во што веруваме и цврсто знаеме дека е исправно и во интерес на граѓаните. Некогаш можеби граѓаните не можат тоа веднаш да го препознаат, но тоа не значи дека ние треба да се откажеме од она што со сигурност знаеме дека ќе донесе напредок, стабилност и мир – порача Каранфилова-Пановска.
Во интервјуто, таа ги најавува и политиките на новото раководство на чело со Венко Филипче, кои, според неа, партијата треба да ги спроведе со цел повторно враќање на довербата кај граѓаните. Притоа, таа смета дека СДСМ пред се мора да ги консолидира своите партиски структури и редови, но мора да се отвара и гради стратегии како да ја придобие довербата на пошироката јавност.
Разговараше: Влатко СТОЈАНОВСКИ
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.