Врховниот суд неодамна утврди Начелен став за правото на здрава животна средина и загадувањето на воздухот. Накратко, Врховниот суд поентираше дека надлежните институции треба да превземат мерки за намалување на загадувањето и да ги донесат стратешките документи. Од друга страна пак се отвори патот на граѓаните да ја тужат државата за нарушеното здравје, а за кое причината е загадувањето.
За овие прашања разговаравме со Никола Јовановски, програмски менаџер во Центарот за правни истражувања и анализи и Претседател на платформата за еколошка правда, од каде што и потекна идејата правото за здрава животна средина да се бара на суд.
Разговараше: Валентина ВУРМО
ФОКУС: Врховниот суд неодамна донесе Начелен став за правото на здрава животна средина и загадување на воздухот. Што ова всушност значи за граѓаните и што државата, односно Владата, ќе треба да направи, а не го направила досега?
ЈОВАНОВСКИ: Начелниот став на Врховниот суд на РСМ за прашањата поврзани со животната средина претставува значаен исчекор на Врховниот суд не само во во Северна Македонија туку и во регионот. Со овој начелен став, Врховниот суд утврди дека секој граѓанин може да ја тужи државата пред управните судови доколку надлежен орган постапува спротивно на своите законски надлежности или не постапува согласно истите. На пример, доколку постои загадување на воздухот во одредено место или општина каде има мерна станица која известува за загадувањето, граѓаните кои живеат во таа општина може да ја тужат државата за непреземање на мерки или преземање на неефективни мерки за заштита на амбиентниот воздух.
Треба да се истакне дека овој начелен став не се однесува само на судска заштита во случај на загаден воздух туку на сите сегменти од животната средина, како на пример заштита од загадување на почва, води, прекумерна бука и друго.
Овој начелен став претставува можност на граѓаните за заштита на правото на здрава животна средина и истовремено и механизам да се принуди државата да постапува согласно своите законски надлежности во обезбедување на сите услови за да можат граѓаните да го уживаат ова право.
Државата односно Владата, министерствата и другите органи согласно овој начелен став се должни да донесат стратешки документи согласно во рамките на кои ќе креираат мерки за обезбедување на чист амбиентен воздух.
ФОКУС: Иницијатор за предметите беше Центарот за правни истражувања и анализи. Од каде ваквата идеја, со оглед на тоа што и во регионот немало вакви случаи, кога граѓани ја тужат државата за загадениот воздух?
ЈОВАНОВСКИ: Центарот за правни истражувања и анализи е здружение на граѓани кое работи во областа на владеење на правото, правосудството и еколошката правда. Оттука, како една од активностите на Центарот беше и водењето на стратешки предмети за “најгорливиот” еколошки проблем во земјава, загадениот амбиентен воздух. Оваа иницијатива беше започната со идентификација на општините каде Министерството за животна средина и просторно планирање има инсталирано мерни станици и врши мерење на амбиентниот воздух. Потоа, беа консултирани граѓани кои живеат во тие општини и кои се јавуваат како тужители односно подносители на предлозите за 11 судски предмети до Управниот суд. Сите предмети беа застапувани од адвокат Александар Гоџо и адвокат Жарко Хаџи-Зафиров.
Центарот е исто така иницијатор за формирање на Платформата за еколошка правда во која членуваат Македонската академија за науки и уметности (МАНУ), сите релевантни државни институции надлежни за животната средина, општини, здруженија на граѓани и експерти кои работат во областа на животната средина која е активна во делот на заштитата на животната средина. Во рамките на Платформата, Центарот даде иницијатива за воведување на кривичното дело Екоцид, кое беше дефинирано од страна на правните експерти на Центарот и предложено до Работната група за подготовка на новиот Кривичен законик во рамките на Министерството за правда. Овој предлог беше усвоен и како таков донесен од страна на Собранието на РСМ како измени и дополнувања на постојниот Кривичен законик во септември 2023 година, со што Република Северна Македонија е една од неколкуте држави во светот кои го имаат прифатено Екоцидот како кривично дело во навионалните кривично-правни системи.
ФОКУС: Дали по Начелниот став на Врховниот суд, сега граѓаните ќе можат да ја тужат државата и да бараат отштета за нарушеното здравје кое го имаат поради загадувањето?
ЈОВАНОВСКИ: Граѓаните по донесување на начелниот став можат да ја тужат државата за нарушено здравје ако докажат дека тоа настанало како резултат на загадување кое државата не го спречила. Ова значи дека ако на некој граѓанин му е нарушено здравјето поради загден воздух во конкретниот случај може да ја тужи државата бидејќи истата нема донесено стратешки документи кои е должна да ги донесе со кои ќе предвиди ефиксни и ефективни мерки или механизми за спречување на загадувањето на воздухот. Постојат извештаи на надлежни институции, Институт за јавно здравство, кои укажуваат дека загадениот воздух е едн од причините за смртност или хронични заболувања кај луѓето кај нас.
ФОКУС: Дали сметате дека оваа одлука на суд во државата ќе придонесе за почиста животна средина?
ЈОВАНОВСКИ: Начелниот став всушност ја отвори вратата за водење на битката за чиста животна средина. Преку овој начелен став Врховниот суд утврди должност Владата и другите надлежни органи да постапуваат согласно своите законски надлежности. Ова согласно законите значи, Министерството за животна средина да подготви Национален план за заштита на амбиентниот воздух, Владата да го донесе а сите надлежни државни и локални органи да ги спроведат мерките за заштита кои ќе бидат предвидени со Националниот план а инспекторатите да вршат надзор дали мерките се почитуваат и да ги санкционираат оние кои мерките не ги спроведуваат или постапуваат спротивно на истите.
Накратко, Врховниот суд со начелниот став овозможи граѓаните да можат директно преку судовите да ја натераат државата доследно да ги извршува своите надлежности во делот на животната средина.
ФОКУС: Набрзо и на дело граѓаните ќе го почуствуваат загадувањето, се наближуваат зимските денови, па какви се очекувањата кога би можеле да ги видиме бенефитите од одлуката на Врховниот суд, бидејќи допрва државата ќе треба да ги донесе акциските планови како мерка против загадувањето, а дури потоа од хартија да се премине на спроведување на мерките во пракса.
ЈОВАНОВСКИ: Начелниот став е здолжителен за советите на Врховниот суд каде во работа се преостанатите 5 предмети со кои се бара Владата да донесе Национален план за заштита на амбиентен воздух и да го спроведе истиот односно да не дозволи да се надминуваат граничните вредности на амбиентниот воздух. Доколку се донесе Националниот план со сет на мерки, веруваме дека граѓаните ќе почуствуваат позитивна промена во делот на воздухот.
Центарот ќе ја следи примената на начелниот став во делот на заштита на амбиентниот воздух но и ќе го користи истиот и за другите сегменти на животната средина во кои државата не ги извршува доследно своите законски надлежности.