Кандидатот за градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски во интервју за „Фокус“ го објаснува неговиот пристап во изборната кампања и начинот на кој ги пренесува пораките до граѓаните.
Вели дека кампањата ја водат сами, поради Изборниот законик кој, според него, ги дискриминира малите партиите. Што се однесува до кампањите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Јакимовски вели дека не го интересираат.
Разговараше: Катерина СМИЛЕВА БОЖИНОВСКА
ФОКУС: Која ПР/маркетинг агенција ја води Вашата кампања? Доколку немате ангажирано агенција, на кој начин ја водите кампањата?
Јакимовски: Благодарение на неквалитетниот Изборен законик, со кој помалите политички партии се дискриминирани при распределбата на средства за ППП, ние оваа година не сме во можност да ангажираме ПР агенција, затоа кампањата ја води партискиот центар за комуникации.
ФОКУС: Кои се главните пораки кои сакате да ги пренесете преку кампањата?
Јакимовски: Ние водиме позитивна кампања, во која нудиме реални проекти и решенија, со точно утврдени рокови и начин на финансирање на проектите. Главната порака која ја испраќаме со нашата кампања е да ја потенцираме нашата најсилна страна – ниту еден од останатите кандидати не ја познава општина Карпош, проблемите во општината и решенијата кои не ретко за жителите и живот значат.
Впрочем, Карпош беше во својот најголем подем во периодот додека јас бев градоначалник, и тоа е она што сакаме повторно да го претставиме пред граѓаните.
ФОКУС: Преку кои комуникациски алатки ги пренесувате пораките до граѓаните?
Што се однесува до алатките, ги користиме модерните технологии. Се обидуваме до граѓаните да допреме преку социјалните мрежи, но и благодарение на задолжителниот простор кој им следува на сите кандидати во информативните изданија на националните телевизии.
Сепак, сметам дека традиционалната кампања на непосреден контакт со карпошани е најцелисходна, во смисла на тоа што на тој начин освен што ја презентираме програмата, имаме можност и директно да слушнеме сугестии и други реални проблеми на граѓаните кои можеби не сме ги детектирале претходно, а за кои можеме да понудиме решенија.
ФОКУС: Како ги оценувате кампањите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ?
Јакимовски: Искрено, не ги следам и не ме интересираат. Јас водам сопствена кампања и на тоа сум фокусиран.