(ИНТЕРВЈУ) Георгиевски: Неодговорно и наивно е да правиме македонска драма од уставните измени!

Ова што го донесе германскиот парламент е еднакво на резолуцијата на Коминтерната од 1934 година, ние сме ретка нација што има такви две меѓународни признанија, со кои на еден народ му се признава нација, јазик и идентитет, вели поранешниот премиер Љубчо Георгиевски во интервју за „Фокус“.

by Фокус

Во најновиот број на неделникот „Фокус“ објавуваме мегаинтервју со поранешниот премиер Љубчо Георгиевски, кој, меѓудругото, говори и за процесот на уставни измени. Како што вели тој, внесувањето на Бугарите во Преамбулата е минорна отстапка во споредба со концесиите што сме ги правеле во минатото.

Македонија во овие 30 години добила стотици различни диктати, десетици од нив претешки за решавање, и сега навистина е неодговорно, па и политички наивно, од овој проблем да правиме македонска драма, да правиме ситуација дека било национално прашање. Дури, имаме изјава од претседателот на МАНУ дека ако влезат Бугарите во Уставот, Македонија ќе се распадне. И има многу такви изјави – вели Георгиевски.

Тој посочува дека земјава добила и јасни изјави гаранции и од ЕУ и од Германија дека уставните измени се главен проблем за напредокот во интеграцискиот процес.

Не можам да ги сфатам сите таканаречени македонски национални загрижени патриоти, кои толку многу се борат за националниот идентитет, па како да беа шокирани од Германија. За мене, ова што го донесе германскиот парламент е еднакво на резолуцијата на Коминтерната од 1934 година. Ние сме ретка нација што има такви две меѓународни признанија, плус од југословенскиот и од бугарскиот парламент по 1945 година, со кои на еден народ му се признава нација, јазик и идентитет. Тоа е малку парадоксално, но ете ни ги исполнуваат и тие желби. И сега, кога дојде резолуцијата од германскиот парламент, сите загрижени борци за македонскиот идентитет го омаловажија тој чин. Па чекајте, од ова нема поголемо признание – смета Георгиевски.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ влезе во сопствена замка со одбивањето да поддржи уставни измени.

Имаат толку многу проблеми, посебно економски што може да ги експлоатираат. Мислам дека нив рејтингот им се качи пред оваа дискусија со Бугарија. Економијата, правосудството се прекрасни теми за опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ ги пумпа граѓаните со негативна енергија. Секој политичар од ВМРО-ДПМНЕ научил една реченица – не го менуваме Уставот по бугарски диктат. И сега некои влегуваат во шемата. Ако не се работи за исполнување некаква порачка, мислам дека се работи за недозреаност на еден политички врв – нагласува тој.

Сѐ на сѐ, ова ќе помине, додава Георгиевски, порачувајќи дека, сепак, но не е исто дали компромисот ќе се направи сега или по неколку години, кога, како што појаснува, ќе дојде некоја влада во Македонија и ќе рече ова не е проблем и ајде да го решиме, како што се случи со спорот со името.

Разговараше:
Влатко СТОЈАНОВСКИ

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости