Во најновиот број на неделникот „Фокус“ објавуваме мегаинтервју со поранешниот премиер Љубчо Георгиевски, кој, меѓудругото, говори и за бугарско-македонските односи, како и за коренот и природата на меѓусебните проблеми.
Според него, Македонија за себе треба да ја исправи фалсификуваната историја, но воедно порачува дека и Бугарија треба да ја апдејтува нивната историографија, бидејќи, како што истакнува, главниот концепт и креација на македонската нација во денешна смисла ја прави бугарската комунистичката партија.
-Значи, во 1932 година, Коминтерната отвора дискусија за признавање нови нации и ентитети. Бугарската комунистичка партија, заедно со ВМРО-Обединета, праќа допис дека има основи да се формира македонска нација и македонски јазик. Идеен творец на тоа е Тодор Павлов, со Димитар Влахов и уште неколку личности.
Павлов е инаку најпознатиот македонски филозоф роден во Штип, кој бил број еден на теоријата на социјалреализмот, главен правец барем 40 години во сите источноевропски држави, а ние не ни знаеме дека тој човек е штипјанец. Тие прават извештај и велат дека постои основа за македонска нација и јазик и во 1934 година, Коминтерната носи резолуција за македонската нација и јазик и почнува кодифицирањето стапка по стапка.
Таа 1934-35 година, Васил Ивановски, кој е член на АСНОМ и основач на весникот „Нова Македонија“, како и негов прв главен уредник, ја прави првата историја на македонскиот народ. Односно, прави 2 текста. Едниот текст е зошто ние Македонците сме посебна нација, прва историја на македонскиот народ. Кантарџиев му го признава тоа, вели дека татко на македонската историја е Васил Ивановски. Тој човек денес е избришан и во Македонија и во Бугарија.
Во 1935 година, на судење на членови на ВМРО-Обединета, има прво полноправно институционално признавање, односно изјаснување на еден човек во функција дека неговата нација е македонска. Тој е Асен Чаракчиев, кој подоцна по 1960-тите години станува член на кабинетот на Тодор Живков, и е директор на правењето на бугарската енциклопедија.
Во 1937 година, БКП го прави македонскиот книжевен кружок во Софија, каде што член е и Вапцаров. Во 1938 година, под влијание на Тодор Павлов, Венко Марковски ја пишува првата книга на македонски јазик, подоцна и втората. И тоа е тоа кодифицирање на македонската нација.
Првиот учебник за македонска историја го прави член на БКП, кој воопшто не е Македонец, туку е роден во Самоков и се вика Коста Веселинов. Воопшто не се коментира ни овде, ни во Бугарија. Тука е проблемот што сакаат да го скријат пред сопствената јавност. И, ако треба да правиме реформи на македонската историја, треба и тие – порачува Георгиевски.
Тој вели дека еден од ретките Македонци коишто велат дека постои општа историја. Според него, јасно се гледа дека македонската нација е произлезена во еден дел од сепарација од бугарскиот народ.
Но, потенцира дека тоа не се случило со декрет и преку ноќ, туку се работи за процес од 120-130 години, во кој прво се јавил македонски јазичен сепаратизам, па политички сепаратизам и на крај национален сепаратизам.
Разговараше:
Влатко СТОЈАНОВСКИ
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.