Во најновиот број на неделникот „Фокус“, објавуваме интервју со претседателот на Собранието Африм Гаши, кој, меѓу другото, ги коментира тврдењата на ДУИ дека актуелната Влада нема легитимитет, како и најавите на премиерот Христијан Мицкоски дека оваа партија подготвува дестабилизација на државата.
Разговараше: Влатко СТОЈАНОВСКИ
ФОКУС: Вие бевте еден од лидерите на коалицијата ВЛЕН, која стана дел од владата по парламентарните избори. Меѓутоа, ДУИ постојано тврди дека го немате легитимитетот да ги претставувате Албанците и најавија дека ќе изготват платформа за заштита на легитимитетот, што подразбира нормативно уредување на т.н. правило „победник со победник“. Како гледате на тоа?
ГАШИ: Прашањето за легитимноста е тема на разговор веќе извесно време, а се споделуваат различни перспективи, како од домашни аналитичари, така и од нашите меѓународни партнери. Мајскиот договор и неговите импликации беа детално дебатирани.
Како претседател на Собранието, мојот фокус е да осигурам дека сите мислења ќе бидат слушнати и дека продолжуваме да работиме кон инклузивно владеење, кое ја одразува волјата на граѓаните.
Иако ги почитувам различните гледишта, важно е да се нагласи дека нашата сегашна коалиција е формирана преку демократски процес, која во себе ги има вградено двете битни компоненти на претставување, легалност и легитимитет, и ние остануваме посветени на почитувањето на принципите на тој процес.
ФОКУС: Премиерот Мицкоски излезе со тврдење дека ДУИ наесен подготвува дестабилизација на државата, со цел да го заштити капиталот стекнат во изминатите 20 години на власт. Имате ли и вие вакви информации? Ако располагате со нив, за каков тип на дестабилизација станува збор?
ГАШИ: Иако вообичаено се воздржувам од вклучување во дневно-политички теми, чувствителноста на ова прашање го налага мојот одговор.
Верувам дека ДУИ во моментов се соочува со значајни предизвици, особено со ризикот да изгуби дел од своето членство и способноста ефикасно да функционира внатре во коалицијата Европски фронт. Знаците на внатрешен раздор се веќе видливи и се чини дека е само прашање на време кога овие поделби ќе се продлабочат.
Неодамнешните јавни закани на одредени лица од Европскиот фронт се повеќе одраз на нивната вознемиреност откако станаа опозиција, а не како субјект кој има потенцијал да ја дестабилизира земјата. Изгледа дека нивните изјави се водени од стравот на губење на влијанието, а не од пресметан потег за предизвикување нестабилност.
Истите, откако ќе завршат со таа реторика, очекувам ќе ја насочат својата енергија кон конструктивно работење во опозиција и фокусирање на внатрепартиски реформи. Од клучно значење е сите политички актери да се однесуваат одговорно, особено имајќи предвид дека сме земја-членка на НАТО и дека како таква треба да се однесуваме.
ФОКУС: Претпоставката е дека ДУИ ќе иницира протести со цел да изврши притисок врз ВМРО-ДПМНЕ да ве смени со нив во власта или, пак, да се обиде да мобилизира што поголема поддршка во пресрет на следните локални избори. Дали овие избори следната година ќе бидат второто полувреме од битката меѓу ДУИ и ВЛЕН и каков резултат очекувате?
ГАШИ: Улогата на опозицијата е да дејствува како конструктивен коректор на владините политики, а не да ја дестабилизира државата. Ако ДУИ продолжи по досегашниот пат, тие најверојатно ќе претрпат значителен пораз на следните локални избори. Како ВЛЕН, уверени сме во исходот од претстојните локални избори.
Ситуацијата е сосема јасна: ние за противкандидати го сметаме Фронтот, чија агенда не е фокусирана на подобрување на животот на граѓаните, туку на создавање тензии. Затоа, кога ги имаме предвид очекувањата на граѓаните од нас, верувам дека резултатот е веќе очигледен и лесно предвидлив.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.