Во најновиот број на неделникот „Фокус“, објавуваме интервју со претседателот на Собранието Африм Гаши, кој, меѓу другото, одговара на прашања поврзани со иднината на ВЛЕН, за разликите што ги имаат со ЗНАМ, за односите со ВМРО-ДПМНЕ…
Разговараше: Влатко СТОЈАНОВСКИ
ФОКУС: Во изминатиов период, често влегувате во вербални конфликти со ЗНАМ, при што некогаш тие делуваат фолклорно, како што беше во случајот со албанското знаме, но некогаш имаат и суштина, како што е, на пример, на темата балансер. Што за вас е спорно при постапувањето на ЗНАМ и министерот Минчев во врска со овој инструмент? Дали сметате дека процентот на застапеност на етничките заедници во администрацијата треба да се вади од резидентното население или од вкупното попишано население?
ГАШИ: Како претседател на Собранието, морам да се воздржувам од коментирање ситуации кога Собранието не е директно вклучено како страна. Политичките партии имаат свои методи и стратегии за комуникација.
Иако е точно дека партиите во иста влада може да имаат различни перспективи за одредени прашања, оваа разновидност на мислења е природен и здрав дел од нашиот демократски процес, сѐ додека дебатата се одвива на прифатливо ниво на комуникацијата помеѓу коалиционите партнери.
Важно е да се почитуваат различните гледишта и дискусиите што произлегуваат од нив, бидејќи тие придонесуваат за целокупното владеење и процесот на донесување одлуки.
ФОКУС: Ако со ЗНАМ имате разлики што ги изразувате јавно, тогаш какви ви се односите со поголемиот партнер ВМРО-ДПМНЕ? Дали и со нив имате одредени разлики, и ако е така – за какви разлики се работи?
ГАШИ: Разликите меѓу политичките партии секогаш остануваат, бидејќи сите тие претставуваат свое гледиште на политиката, но политиката е умешност на можното и сѐ додека сме одлучни да дејствуваме во заедничко мнозинство и заедничка влада, тие се предмет на дијалог, компромиси и политичка култура.
ФОКУС: Засега функционирате како сојуз ВЛЕН, но најавивте дека по локалните избори ќе одлучите дали ќе се трансформирате во единствена политичка партија. Според Вас, дали ВЛЕН треба да стане партија и каде ја гледате перспективата на ВЛЕН, со оглед дека од противничкиот табор ви предвидуваат дека ќе завршите како ДПА, која имаше епизодна улога во владата 2006-2008?
ГАШИ: Не би коментирал каква стратегија ќе следи ВЛЕН. Тоа е прашање што треба да се упати до лидерите на коалиција. Додека, компарацијата со ДПА од 2006-2008 воопшто не е издржана, затоа што се работи за два сосема различни политички контексти.
Во ВЛЕН гледам многу стабилна политичка структура, која долго време ќе ги претставува Албанците, која ќе биде сервис за сите граѓани, без разлика на нивното политичко и етничко потекло и која, со своите кадри кои ќе бидат чесни и професионални, ќе работи на меѓуетничка кохезија на сите заедници во државата.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.