Во најновиот број на неделникот „Фокус“, објавуваме интервју со претседателот на Собранието Африм Гаши, кој, меѓу другото, говори и за инцидентот на скопскиот аеродром со косовската претседателка Вјоса Адеми, кој се затвори со одговорност на обезбедувачот испратен токму од Гаши со цел, како што самиот вели, да помогне во надминување на недоразбирањето.
Разговараше: Влатко СТОЈАНОВСКИ
ФОКУС: Големо внимание предизвика случајот на скопскиот аеродром, кога дошло до инцидент при обидот да биде скениран телефонот на косовската претседателка Османи. Таа одбила да го предаде телефонот по што дошло до недоразбирање, па Вие сте испратиле лице да помогне во расчистувањето на недоразбирањето. Станува збор шеф на вашето обезбедување, кој, според проверките што ги изврши и извештајот што го изготви Министерството за внатрешни работи, ги пречекорил своите надлежности, бидејќи влегол во забранета зона и притоа извадил и репетирал пиштол, па против него ќе биде поднесена и кривична пријава. Дали, според Вас, ваквата одлука на МВР е исправна и издржана?
ГАШИ: Примарна цел на моето обезбедување на аеродромот беше да ја деескалираат ситуацијата меѓу обезбедувањето на претседателката на Косово Османи и аеродромската полиција. Меѓутоа, одредени медиуми се обидоа и од тоа да направат медиумска сензација, без притоа да ги земат предвид потенцијалните реперкусии врз дипломатските односи меѓу двете земји.
Во врска со постапките на моето обезбедување, сакам да нагласам дека немало никаков напад кон никого. Како и да е, ситуацијата во моментов е под истрага и верувам дека е разумно да се воздржиме од дополнителни квалификации или пресуди, сѐ додека не заврши истрагата. Важно е да им дозволиме на соодветните органи да ја извршуваат својата работа без непотребно влијание.
ФОКУС: Со оглед дека се работи за припадник на МВР, а вие се објект на обезбедување од страна на МВР преку надлежниот сектор за ВИП-лица, зошто сте му издале наредба на лицето да оди на скопскиот аеродром? Нели нему наредба може да му издаде само надреден во МВР?
ГАШИ: Морам да нагласам дека тврдењата на одредени медиуми се погрешни, злонамерни и тенденциозни и се чини дека се дел од моделот на пристрасно известување. За жал, со такви медиуми, наклонети кон ширење невистини, лаги и клевети, ќе мора да преземеме и покренеме соодветни правни мерки.
Околу прашањето за надлежностите на обезбедувањето, треба да расчистам една дилема. Сите припадници на безбедносниот тим што се определени со работни места кај државните функционери, се вработени во МВР. Во однос на издавањето наредби, ситуацијата е јасна. Тие работат под јасен синџир на команда, со претпоставени од МВР, а оваа комуникација се одвива согласно законските прописи.
Како претседател на Собранието, мојата улога вклучува споделување информации за моите движења со мојот безбедносен тим, како дел од моите права и обврски. Тимот за безбедност што ми е доделен, кој вклучува главен безбедносен службеник, е одговорен за обезбедување на мојата безбедност. Ова често вклучува спроведување безбедносни проверки и проценки на локациите што ги посетувам или планирам да ги посетам.
ФОКУС: Ако сѐ е чисто од законски аспект, како што велите, тогаш дали чувствувате макар морална одговорност за целата ситуација, бидејќи ако вие не сте го упатиле лицето на местото на настанот, веројатно немало да дојде до ескалација?
ГАШИ: Од морален аспект се чувствувам мирно и спокојно и дека сум реагирал на човечки начин. Да не реагиравме, можно ќе беше да имаме многу поголем инцидент и со човечки загуби. Само во тој случај јавноста и сите имплицирани страни би ја разбрале нашата реакција.
Сепак, помало зло е хистеријата што се шири против мене отколку денес да изразуваме сочувство за некој млад живот. Сепак, добро е што се заврши без никаков инцидент.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.