(ИНТЕРВЈУ) Гаговски, студент: Одлуката за субвенционираниот студентски оброк е за пофалба, но треба да се примени словенечкиот модел

by fokus

За тоа како функционира надоместокот за субвенциран оброк за студентите , разговаравме со Борјан Гаговски , апсолвент на ФИНКИ при УКИМ. Тој е редовен корисник на субвенциониран оброк, па го прашавме неколку прашања во врска со критериумите и за тоа како оваа мерка се спроведува во пракса.

Дали редовно добивате субвенциониран оброк?

Субвенционираниот студентски оброк дефинитивно не се добива редовно оваа академска година. На пример, на почетокот на академската година, 3 месеци пари немаше, и потоа во декември стигнаа во една трансакција средства за трите месеци. И понатака во текот на годината немаше конзистентност во примањата. Некои месеци беа скокнати, па надополнувани – во мај месец имав дури три трансакции. Ова не беше случај минатата академска година, кога релативно редовно на почеток на месецот стигаа пари. Тогаш можев да се потпрам на фактот дека тие пари ги имам и да ги користам за купување на храна во текот на месецот. Но, годинава поради неконзистентноста не ги перцепирав како пари за оброк, туку повеќе како некои екстра пари кои повремено ми стигнуваат на сметка.

Кои проблеми се појавија откако се донесе оваа одлука и дали имате некои конструктивни критики коишто би сакале да ги упатите?

Одлуката за субвенционираниот студенстки оброк е за пофалба, но начинот на имплементација е слаб. Знам дека овој систем на добивање на одредена сума на пари на почетокот на месецот е привремено решение додека да се создаде систем на бонови кои ќе може да се користат во одредени ресторани и маркети, како што е системот во Словенија.

Јас лично сум бил на размена во Словенија еден семестар преку Еразмус програмата на факултетот и сум го користел тој систем и морам да кажам дека функционира подобро од она што ние го имаме како решение. Таму преку апликација користиш бон кој покрива одредена сума на пари и тие бонови може да се користат во одредени ресторани. На повеќето места треба да доплатиш, но има и места кадешто целосно бесплатен ти е оброкот. Секој оброк кој се брои за студенстки оброк мора да има предјадење (супа или салата), главно јадење и некое овошје за десерт. Ова е така за да се осигураат дека студентите јадат релативно здраво, а не само еден бургер да е цел оброк. Сметам дека доколку системот се изработи како овој во Словенија, може многу да се подобри студентскиот стандард на живот и исхрана.

Дали познавате некоја личност кој што ги исполнува која што ги исполнува условите за добивање субвенциониран оброк, но не го ужива тоа право?

Не, сите кои ги знам добиваат оброк. Првата година кога се објави повикот имаше студенти кои беа одбиени иако ги исполнуваа условите, познавам студенти кои беа во оваа ситуација. Но, брзо се реши тој проблем. Тие пишуваа жалби до МОН и потоа на сите им беа прифатени и понатака редовно си добиваа оброк. Потоа дури имаше и нови огласи за пријавување за оброк за оние кои биле одбиени или не стигнале да аплицираат.

Од друга страна пак ,сите оние кои што добиваат субвенциониран оброк ги исполнуваат ли условите?

Колку што знам, да. Условите бараат да си редовен стидент на прв циклус студии на државен или приватен универзитет и да не си во редовен работен однос или да имаш поголеми примања од минимална плата.

Кое е вашето мислење за поставените критериуми за субвенциониран оброк?Дали може би потребни се некои измени?

Сметам дека финансискиот услов треба да биде сменет. Студентскиот оброк е мерка која треба да го крене студентскиот стандард на живот.

Како што напоменав претходно, бев на размена во Словенија еден семестар каде имав прилика директно да видам како изгледа словенечката имплементација на студентскиот оброк. Првото нешто што направивме таму откако стигнавме беше тоа да се пријавиме за студентските бонови. Никој не ни ги гледаше месечните приходи за да види дали тие пречекоруваат некаква граница. Сметам дека и така треба да е кај нас – има студенти кои и студираат и се издржуваат и себеси и семејството. Не треба да им се скрати правото на оброк, баш па на тие кои им требаат тие дополнителни средства.

Која е сумата што месечно ја добивате за оброк?

Варира, но се зголеми последниот период, согласно со инфлацијата и општото зголемување на цените.
Варира во износот, сумата била 2.400, 2.760, 2.520 и последните два месеци 2.940 и 3.080 денари.

Дали истата е доволна за да си обезбедите јадење во текот на денот?

Генерално е, но особено поради нередовноста на тоа како стиггнуваат парите, ретко мислам на тие пари како „парите за оброк“, туку повеќе ги гледам како дополнителен приход.

ФОТО: Атанасија Гулевска

Ова интервју го направија група младински активисти во рамки на младинската програма за онлајн актвизизам имплементирана од Здружението за едукативен развој Еквалис во партнерство со Фокус, а поддржана од Националниот фонд за демократија, Европската младинска фондација и Советот на Европа.

Поврзани новости